По првата техничка средба празнична пауза во процесот на помирување меѓу Владата и Синдикатот за образование и наука.
Министерот за образование за Сител вели дека е задоволен од првиот состанок и очекува дека медијацијата ќе биде поуспешен начин за изнаоѓање решение отколку штрајкот. Но, во интерес на преговорите и двете страни се договориле дека нема да даваат изјави за медиумите додека трае процесот.
СОНК бара зголемување на платите во образование и детска заштита за 18,4 отсто и скалесто усогласување на платите согласно растот на минималната плата. Владата, пак, нуди покачување на платите за 12 отсто и К-15 од следната година, предлог што е неприфатлив за СОНК.
Штрајкот, кој започна на 11 април, е ставен во мирување за време на медијацијата. Законскиот рок за мирно решавање на работните спорови е 20 дена.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека медијаторот е човек близок на министерката за труд.
-Помирувачот помеѓу СОНК и владата е десна рака на Тренчевска, ова е измама, власта ги понижува наставниците. Помирувачот е човек вработен во кабинетот на министерката за труд и социјална политика. Тој не може да биде непристрасна страна, кога една од засегнатите страни е владата. СОНК е во подредена полжба, а наставниците се деградирани и понижени-пишува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од друга страна, Владата тврди дека платите во јавниот сектор ќе го следат покачувањето на минималната плата.
-Ги започнавме преговорите за потпишување на нов Општ колективен договор со кој ќе го утврдиме усогласувањето на платите во јавниот сектор со минималната плата но истовремено ќе го отвориме прашањето и конечно и дефинитивно ќе воведеме реформи за рационализација и продуктивнос на јавниот сектор, затоа што секој кој што работи заслужува достојно да биде платен, но и секој граѓанин заслужува да добие услуга која ќе е навремена, квалитетна и професионална-вели Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања.