„Прилепска празнична приказна” е манифестацијата што ќе ја реализира општина Прилеп од 24 декември до 1 јануари 2026.
На плоштадот Методија Андонов Ченто секој работен ден од 17 до 21 часот и во сабота и недела од 12 до 21 часот ќе се реализира богата културна програма со настап на познати музичари и бендови.
По тој повод денеска се одржа прес конференција во Општина Прилеп, на која беа најавени содржините, при што беше посочено дека ќе има новогодишен базар под покровителство на ПИ „Витаминка“.
– Градот е украсен и ќе имаме осум дена забава што ќе донесе нова димензија на прославата на новата година и нов дух – рече градоначалникот Дејан Проданоски.
Во прилепската празнична приказна ќе има богата програма за заедничкото одбележување на празниците, вклучувајќи го и дочекот на новата година.
– Програмата е грижливо селектирана со цел прилепчани да имаат незаборавно искуство. Свеченото отворање е на 24 во 17 часот со настап на бендот „Д Хаундс“ („The Hounds“). Следните денови има настапи на Камерен Оркестар-Дива, бендот на
Владо Јаневски, ќе имаат настап Весели ѕвончиња, Балада и Дедо Мраз, Јана Мрческа со гитарист, Артиум, DJ Вера Јанкович, Калабалак, Љубојна. За Нова година прилепчани ќе ги забавува Наум Петрески со бендот – рече Снежана Ристеска, советник за култура во општина Прилеп.
Од ПИ „Витаминка“, како организатор на базарот, по повод 70 г.од постоењето, велат дека ова е нова празнична понуда.
-Ќе има типизирани куќарки на кои ќе има понуда на вино, производи, ракотворби…Дедо мраз – рече Орде Ѓорѓиоски. Ка.М.
Фото Ка.М.

































