Дани Димитровска
Дупка без дно… што ли уште треба да поднесеме? Уште колку можеме?
Живееме ужас, дишеме отров, гледаме јад..
Трагедија е мал збор. Чувство на погубност..
Сочувство.
Ружица Брчиоска, Ареа
Каков кошмар!
Но кога ќе се разбудиш кошмарот е уште поголем . Андреј, Сара, Филип, Александар, Ѓорѓи… не можам да ве извадам од глава. Нека ви е светол патот, ќе се видиме во некој нов живот, на некое поубаво место. Ќе ве паметиме по добро
Посакувам оздравување на повредените и нивно враќање дома кај нивните најблиски
Росана Сариќ Тодоровска
Македонија нема сyстем… Зборови од министер
Ви благодариме Што ни Кажавте дека немаме сyстем… Ние инаку скоро сите овие 30 год тоа не го знаевме… Срамно… До кога со политицки поени корупцијата до највисоко ниво, а сите Вие овие повеќе од 30 год доведовте да системот е дно… И повеќе од дно… Ајде вадете се Сега како И по обичај овие се криви, не оние се криви
Крив е народот Што слепо Ви верува
Брука сте сите
Џина Папас Џокси
Момент кога вистината боли.
Најдлабоко и најискрено сочувство до семејствата на сите починати во оваа трагедија.
Почивајте во мир.
Ѓоко Ѓорчев
(Во спомен на музичарот од Штип Филип Стевановски)
Братче, многу денови, години поминавме заедно, многу непреспани ноќи во студио,многу концерти, многу награди освоени. Во петокот се видовме за последен пат во овој свет ,но не е крај!
Еден ден ќе се дружиме, ќе пееме, таму горе, заедно со нашите колеги.Спомените никој не може да ни ги земе. Чест ми е што имав за другар врвен музичар, но пред се човек со срце како планина.
Летај братче мое во небесните височини,летај во вечноста
Игор Узунов, музичар
Не знам колку срца престанаа да чукаат но, знам дека престанаа сите наши!
Тие деца се наши деца, нашата иднина што требаше да биде.
Тоа се нашите колеги кои носеа радост на сите нас!
Македонија сплотена! Само така ќе докажеме дека искрено сме тука сега и засекогаш за сите и со сите!
Плачат срцата, скршени се душите!
Јасмина Пакашки, радиоводителка
Нема зборови за оваа болка.
Само молк. Засега.
Сочувство до семејствата на сите кои ги загубија своите млади во овој пекол.
Сочувство до цела Македонија.
Јоце Панов, пејач
Огромна трагедија ме разбуди ова утро 😒
Изразувам најдлабоко сочувство до семејствата на починатите.
На повредените им посакувам
брзо закрепнување.
Никогаш да не се повтори 🙏
Драган Б.Костиќ
Искажаното сочувството како и радоста е вербална емоција.
Чувството на тага е длабока душевна емотивна состојба.
За невини луѓе кои радоста ја завршија трагично.
За семејствата бесконечна болка.
За сите други, колективна тага која се претвора во вечен спомен.
Со верба дека виновните ќе си ја платат вината.
Како предупредување дека ваквите трагедии нема да се повторат.
Драги луѓе, почивајте во мир.
Коки Јанков, музичар
Почивајте во мир…
Сочувство до семејствата…
Овде сме родени и овде немора да умреме..ПЕПЕЛ.
Биба Додева
Немам зборови кои можат да ја опишат тагата и гневот за загубените животи на Сара, Андреј, колегите од бендот, младите деца и сите кои ги загубија своите животи во оваа трагедија…
Сочувство до семејствата.
Камелија Шојлевска
Ова е тежок период за сите нас а посебно за родителите кои ги изгубија своите НАЈМИЛИ, блиските родителите кои не ја знаат иднината на своите деца и сите тие што се на лекување и борба за својот живот. Ова е време да го согледаме системот кој сите сме го граделе и стандардите на кои сите сме се согласувале иако длабоко знаевме дека не го правиме најдоброто. Имање на некоја книшка од партија и припадност дадоа моќ која не постои..во вакви ситуации го гледаме..Го заборавивме човекот во нас и во другите а само тоа е вредно. Дозволивме да животот не вреди ништо а столчето партијата книшката да биде се. Во него и во поделбите наш ваш изградивме трулеж овие 30тина години а имавме шанса да создадеме рај. Ама за тоа ни требаше друго вреднување. Не бенефиции од мој твој сврши ми работа..дај ми печат што не вреди и нема важност.. вработи ми го детето ќе му купам дипломче.. ако не знае ке се снајде..и се она што проаѓало покрај нас ни создавало бес па сме лаеле на фејсбук дека е неправда..ама животот течел гребејќи се на создаденото од некое друго време. Системот е одамна крахиран ама ова е сега удирање по нос. На Србија исто и се случи среќа со помалку човечки жртви. Излегоа млади и рекоа доста е. Но нивната власт се обиде да тера по старо и да ги заташка грешките. Кај нас се случува нешто друго во моментов..обид да излезе трулежот на системот и да се бара одговорност. Се надевам ќе се продолжи по тој пат и нема да превладеат старите навики..чекај овој го знам оној го знам. Сега моментално лежат во болница и виновниците и нивните деца…нема никој заштитен кога е небрежност нахалност и пари во прашање. Тука не помага НИШТО..бараат оставка некој…па Министерот е тука поставен да биде со нас кога е и лесно и тешко. А не да си оди кога ке затрудни работава. Сега се отворија мислите на партиска задоеност..еве ја вмровска..не сум веќе севетџанка..еееејјјј јас сум Камелија и сите во оваа земја имаат име и образ а не придавки. Дајте да свртиме по правиот пат и да изградиме нешто што сите ќе се чудат дека може..а не да се лепиме за туѓа сила и креација и да молземе. До сите оние кои сега го водат случајов..ве молам сите инволвирани кои донеле до оваа трагедија да одговараат да не биде овој е мој твој наш..оти светот врие и бара право на живот и постоење а не лудување на поединци. На оваа планета во овој момент сите сме тука заедно..време е сегашноста да ја поставиме на прави столбови заради иднината на нашите деца. Ако ме дочитавте фала ви.
Зоран Кесиќ, тв водител до Србија
Драги Македонци и Македонки, големо и искрено сочуство заради трагедијата во Кочани. Ме гризе совеста заради тоа што заради случувањата во нашата земја дури сега ова го пишувам, а морам да го напишам. Асоцијациите на Македонија ми се радост на животот, песна, срдечност, гостпримство и едно езеро големо како море, да не му го видиш крајот, каде како дете со семејството поминав две или три лета. Тагата е огромна. Со вас сме, драги пријатели
Огнен Јаневски, новинар
Каква болка. Какво страдање. Каков ужас.
Нè надвисна црн чад – и над главите, и над срцата.
Нема зборови што ќе ја опишат оваа тихост.
Најдлабоко, најискрено сочувство за семејствата на загинатите, за сите погодени на каков и да е начин од трагедијата со пожарот во Кочани.
Ужас…
Снеже Велков, ТВ водителка
Мала е моја Каменица па личните трагедии се доживуваат како свои.Оти сите се знаат,па кога е болно е болно за сите и само така е правилно.А Кочани и Штип ене кај се, наши сме сите, та боли и душа распара….Сочуство за загубата до семејствата и молитви за побрзо опоравување на повредените.
Сотрен е Истокот, сотрен и крвав…
Каролина Петковска, ТВ новинарка
Тажно…колку само убавина, младост, соништа и среќа ни замина денес од животите! На сите! Сочувство за семејствата на погинатите, сила и храброст за повредените и нивните семејства…и “УМ” за сите НАС без исклучок!!! Што уште треба да ни се случи- што не ни се случи во годиниве наназад, за да престанеме со: лаги, мито, корупција, дивеење, заштитување, заташкување , крадење, купување слободи, дозволи, титули, дипломи и “местења” според партиски и роднински заслуги во директорски фотељи…Срам да ни е!!! Сите сме виновни! Тажно…
Вики Ристоска, ТВ новинарка
Трагедијата во Кочани е колективна трагедија. Егзодус на еден град. Најтешко погодени се семејствата на починатите и повредените, кои се во состојба на шок. Кога имаме вакви страшни загуби, особено на толкав број деца, сите сме погодени. Токму и затоа би требало да ја разбудиме хуманоста, човечноста и поддршката во секој еден од нас. Да се сплотиме, како никогаш досега.
Човечки би било да се ставиме во улогата на родителите и да разбереме дека во трауми, не се сеќаваме баш на сè, не ги процесираме сите примени информации, затоа што не совладуваат емоциите, имате проблеми со меморијата, чувствувате безнадежност …
И оваа трагедија, покажува дека ни недостасува култура на однесување. Се чини, како да не ја разбираме траурноста на ситуацијата. Нема ништо пострашно од сознанието дека не може да си го пронајдете детето. Нема ништо пострашно од стравот дека детето не ви е живо …
Страшно сознание е загубата на дете. Престрашно. На починатите и на нивните семејства им го должиме мирот кој го заслужуваат. На родителите, разбирање и човечка поддршка. Сè друго е само непотребен вишок.
Понекогаш влијанието на траумата се појавува дури по недели, месеци или дури и години по трауматичниот настан.
Затоа да внимаваме. И зборовите се оружје кое повредува силно. Често предизвикуваат и непотребна агресија. Да се воздржиме од непотребни зборови кои може да бидат потпалувачка искра во вакви исклучително емотивни состојби. Особено тука на социјалните мрежи.
Се чини дека итно ни треба програма за комуникација во која треба да бидат вклучени сите, институции, училишта, медиуми и секако ние, луѓето. Длабоко сочувство до семејствата на трагично починатите во пожарот во Кочани. Искрени желби за брзо закрепнување на повредените. На родителите, на луѓето во Кочани длабоко од срце им посакувам сила за справување. Ова што се случи, не е лесно.
За сите нас, посакувам да научиме да почитуваме и понекогаш да тихнеме, наместо непотребно да галамиме. Сега не е време за говор на омраза. Ова е време на плач, силен и неутешен.
И да, потребно е прецизно лоцирање на одговорноста и санкционирање. За доброто и сигурноста на нашите деца во иднина.
Бранка Костиќ Марковиќ, новинарка
Импровизацијата, дилетантизмот, толетирањето на неспособност и неказнивост на секое поле, ја влече Македонија во целосна пропаст.
Сочуство до семејствата што загубија деца, повик до надлежните да ја спроведат казната, а потоа да се повлечат од функциите. Доста е веќе губење на човечки животи!
Виолета Танчева-Златева, писателка
Каква ужасна народна трагедија!
Каков ужасен и ненароден систем кој со децении си игра водење држава додека обичниот човек страда од неговата неразумност и неодговорност!
Сочувство, Македонијо!
Ирена Павлова де Одорико, поетеса
Младоста изгоре.
Уште еднаш те завија во црно, моја Македонија.
Тебе, и, твоите Мајки!
Тебе, и твоите Татковци!
Побелени коси преку ноќ.
Некој е одговорен за тоа.
Која душа ќе го издржи ова…
Марина Коруновска, музичарка
Вчера бев во шок и бев бесна, денес освен безмерна тага осеќам вина и срам пред сите деца за кои не обезбедивме ништо квалитетно како општество.
Не верувам во никој повеќе !
БОГ Е СИЛА НАД СИЛИТЕ!
Огнен Здравковски, пејач
ГОСПОДЕ ЗЛАТЕН И СЕМОЌЕН, ТЕ МОЛАМ НЕКА ПРЕКИНЕ ОВА.. ДОСТА Е!! Боли премногу… Сочувство до сите семејства на сите починати…
Сузана Спасовска, пејачка
Невидена трагедија!!!
Со голема болка изразувам сочувство до семејствата на загинатите во дискотеката. Помилуј ги Боже и отвори им ги рајските порти! Нека почиваат во мир! Да се молиме за сите повредени, за поскоро опоравување, меѓу кои и за нашите драги колеги Андреј, Панчо и цела група ДНК! Господи, помилуј ги, и спаси ги!
П.с. За жал, Андреј, Филип, Ѓорги, нашата мила Сара, Александар Коларов, Буцо, Александар Ефремов… заминаа и оставија болка во нашите срца. Ќе ги паметиме заедничките дружби, музицирања и професионализам, а пред се’, човечност и колегијалност.
Царство Небесно!!!
Група „Нокаут“
Не е лесен животот на музичарите, но не смее да биде трагичен. Андреј, Сара, Ѓорѓи, Александар, Филип, Александар, и сите вие кои прерано ги изгубивте животите во Кочани, мирно ви небо.
Најдлабоко сочувство од Нокаут.
Блага Петреска, пејачка
Народе Македонски има ли крај ,умната младина ја избркавме од Македонија сега оваа млада генерација ја издрогиравме и ја запаливме па дали не е срамно и ниско ова што и се случува на Македонија?Солзите ни пресушија духот ни е убиен……
Бојана Скендеровски, пејачка
Трагедија, огромна болка, нема зборови ни за утеха…каков претежок ден,Господе…
Ах бре деца…
Кристина Арнаудова, пејачка и филантроп
Во овој момент, кога сме сите скршени од болка, а најмногу стотици семејства кои ги изгубија своите најблиски во ужасна и незапаметена трагедија, на постови има некакви луѓе кои кажуваат како тие што биле таму, ако биле во црква на литургија немало да се случи тоа, па после шо барале у диско у 3 саат (?!? Стварно бе), па ако родителите ги контролирале немало да излегуваат (?!?).
Разбирате дека ова зло нема граници, така? Дека ова е чисто зло што излегува од вас!!! На најголема трагедија да обвинуваш деца што биле у диско, родители што ги пуштиле, што пиеле алкохол, просто, што живееле еден најнормален живот на секој млад човек! Пееле испиле две пијачки и се дружеле!
Па ај кажете вие светците, ако треба еве сите да се замонашиме, да не уживаме , да не пееме, да не се дружиме! А бе дал сте здрави со коментарите во вакви моменти, да делите памет?!? Дали?!?!?