Министерството за здравство соопшти дека по пожарот што синоќа зафати дел од тревна површина во дворот на ЈЗУ Психијатриска болница „Скопје“, ситуацијата е целосно ставена под контрола и нема причина за загриженост.
-Од безбедносни причини, во краток временски период беше спроведена превентивна евакуација на дел од пациентите и вработените. Навремената и координирана интервенција на надлежните служби спречи проширување на пожарот кон болничките објекти. Не е причинета никаква материјална штета врз објектите и не се регистрирани повредени меѓу пациентите и персоналот. Пожарот зафати само надворешен дел од дворот, обраснат со сува трева и истиот е успешно локализиран – наведуваат од Министерството за здравство.
Во објектите на болницата има присутен дежурен медицински и административен персонал и активно ќе ја следат состојбата, стои во соопштението овбјавено доцна синоќа.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) синоќа соопшти дека е под контрола пожарот во населбата Геге во општина Ѓорче Петров кој се проширил кон населбата Бардовци и зафатил дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
-Пожарот претставуваше опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Веднаш беше пристапено кон евакуација на пациентите и персоналот, кои беа безбедно изнесени надвор. Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран на пожарот кај Блаце, општина Чучер Сандево – наведуваат од ЦУК.
Бригадата за противпожарна заштита, интервенирала во гаснење на пожарот над патот кон ГП „Блаце“ со пет возила и 20 пожарникари, како и на два пожара во општина Ѓорче, кои се веќе локализирани – изјави вечерта за МИА командирот Ѕвонко Томевски.