Македонците во Русија ги чувствуваат западните санкции, но и контрамерките на Кремљ
Влошувањето на односите помеѓу Руската Федерација и европските држави, поради конфликтот во Украина и санкциите, им наметна тешки предизвици за Македонците што со години живеат и работат во Русија. Повеќемина македонски граѓани, со кои „Нова Македонија“ оствари контакт, велат дека се погодени од западните санкции што се насочени против Руската Федерација, но, за жал, и од контрамерките на Кремљ.
Како што ни објаснија нашите соговорници, поради западните санкции им се блокирани финансиските средства, како и брокерските сметки што ги отвориле преку руските банки. Тие се соочуваат и со одредени проблеми при работењето со руските банки, бидејќи се граѓани на државата Македонија, која има воведено санкции кон Русија. Поради западните санкции, македонските граѓани не можат да испраќаат финансиски средства до своите семејства во Македонија, а не можат да ги повлечат ниту своите девизи од руските банки.
Македонците што работат во Русија посочуваат дека пред украинскиот конфликт и санкциите тргувале на голем број платформи за е-трговија, односно купувале акции. При регистрацијата приложиле банкарски сметки од руските банки на кои имале девизи во долари или евра. При купувањето на акциите, трансакциите се вршени на сметките на компаниите што стојат зад споменатите платформи за е-трговија, а чие седиште најчесто се наоѓа во некоја од европските држави, Луксембург или Белгија.
Нашите сонародници со кои контактиравме ни посочија дека во текот на тргувањето со акциите оствариле одредени профити, кои се движат од околу 2.000 до 20.000 долари. Проблем настанал по воведувањето на западните санкции, односно профитот што го заработиле не можат да го префрлат на своите банкарски сметки во руските банки, ниту да го продолжат тргувањето со акциите. Нивните финансиски средства биле замрзнати од западните институции.
Проблем имаат и оние македонски граѓани што живеат во Русија и тргуваат со криптовалути преку платформите како што е Бинанце. По воведувањето на санкциите, нивните сметки исто така се блокирани и не можат да ги повлечат инвестираните финансиски средства.
Македонците во Русија се соочуваат со сличен проблем и со руските институции. Тие имаат отворено брокерски сметки во руските банки преку кои купиле акции од различни странски компании, меѓутоа нивните сметки се блокирани.
Александар Деспотовски, кој живее во Санкт Петербург повеќе од десет години, вели дека во една од руските банки отворил брокерска сметка преку која инвестирал 10.000 евра во акции на странски компании. По конфликтот и санкциите врз Русија, Деспотовски забележал дека нема пристап до акциите и финансиските средства. Во текот на разговорот со претставниците на руската банка му било посочено дека бидејќи е странски државјанин, односно дека е македонски граѓанин, неговата брокерска сметка била блокирана. Како причина било наведено дека е граѓанин на држава што има воведено санкции кон Русија. Со овој проблем не се соочуваат оние странски граѓани што потекнуваат од држави што немаат воведено санкции кон Москва.
По започнувањето на конфликтот и западните санкции, руската држава за да ја зачува стабилноста на рубљата го ограничи купувањето на девизите, особено доларот и еврото. Менувачниците што во минатото можеа да продаваат девизи повеќе не го прават тоа, а единствени што можат да продаваат девизи се руските банки. Но и тука македонските граѓани се соочуваат со проблем. Ванчо Мијоски, кој повеќе од две децении живее во Москва, вели дека купил девизи во една од руските банки, притоа средствата се наоѓале на девизна сметка, меѓутоа сега не може да ги повлече. Одговорното лице од руската банка му посочило дека повлекувањето на девизите е стопирано до септември оваа година.
Поради санкциите кон Русија, македонските граѓани повеќе не можат да им испраќаат финансиски средства на своите семејства во Македонија, бидејќи трансакциите најчесто беа преку Вестерн унион. На овој начин се намали девизниот прилив во Македонија што пристигнуваше од Руската Федерација. Игор Каевски, кој исто така веќе неколку години живее во Русија, вели дека преку финансиските средства што ги заработувал во Москва му помагал на семејството во Македонија. Но поради санкциите што се наметнати од страна на западните држави, повеќе не е во можност да им испраќа пари на своите родители. Како што вели Каевски, исклучок е доколку некој патува за Македонија, па преку него може да испрати финансиски средства. Но и оваа опција е проблематична, бидејќи авионските билети за Македонија, по започнувањето на конфликтот во Украина и санкциите, изнесуваат од 1.200 до 2.000 евра. Игор Каевски вели дека поради скапите авиобилети многу ретко некој се решава да патува со авионска линија до Македонија. Д.Ст.