Повеќе институции до Државата комисија за спречување на корупција не доставуваат извештаи по однос заштитеното внатрешно пријавување. Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, во својот говор на настанот организиран од Центар за истражувачко новинарство – СКУП Македонија по повод Светскиот ден на укажувачи, истакна дека иако повеќе институции имаат воспоставен систем за заштитено внатрешно пријавување не ја исполнуваат во целост обврската да достават извештај до ДКСК од причина што немаат примено пријави од укажувачи.
– Анализата на примените полугодишни извештаи покажа дека има мало подобрување во примената на законот во однос на заштитеното внатрешно пријавување. Поднесените пријави преку каналот на внатрешно пријавување кој е воспоставен во институциите покажува дека, сепак, граѓаните се охрабруваат да ја користат ова можност и да пријавуваат сомневања, односно сознание за незаконитости или неправилности во работењето на институциите – рече Ивановска.
Во изминатиот години до ДКСК пристигнале различен број на пријави, односно според Ивановска во 2019 година пристигнале 19 пријави, во 2020 пристигнале шест пријави и во 2021 година пристигнале девет пријави од укажувачи.
– Од сите пријави 26 предмети се отфрлени поради тоа што нема елементи за постапување на комисијата. Во еден предмет е потврдена основаност за наводите во доставената пријава и беше доставена иницијатива до Владата за утврдување на одговорност на пријавеното лице и иницијатива за кривично гонење до основното јавно обвинителство – посочи Ивановска.
Арјан Дурмиши, координатор на коалицијата на Југоисточна Европа за заштита на укажувачите, изјави дека со исклучок на Србија, општо случаите од укажувачите на Балканот се ниски.
– Во Србија има еден поголем број затоа што таму сум работел повеќе и со правните институциите затоа што укажувањето е едно прашање кое во моментот го имплицира и правосудниот систем и потребно е добро познавање на легислативата, но и на процедурата. Ова овозможува подобра средина за укажувачите за да тие преземат слични дејствија – рече Дурмиши.
Како важно укажување, тој го издвои и случајот во Македонија, од 2015 година кога вработените во безбедносните структури со нивните укажувања овозможија значителни промени со оставката на Владата на Груевски, новите избори, Договорот со Грција, членството во НАТО. Според него, бројот на укажувања не секогаш е важен, туку квалитетот на укажување и промените што следат.
Министерот за правда Никола Тупачевски, посочи дека укажувачите кои пријавуваат информации и дејствуваат во интерес на јавноста и имаат активно учество во борбата против корупцијата и криминалот заслужуваат солидна заштита и поддршка.
– Само преку обезбедување на заштита и поддршка на укажувачите ќе се придонесе за зајакнување на нивната улога во откривање на сериозни прекршувања на јавниот интерес како што се корупцијата, прекршување на правдата, избегнувањето на данокот, недостаток за заштита на безбедноста на животната средина и напади врз правата на работниците – изјави министерот Тупанчески.
Тој се осврна на случаите на Едвард Сноуден, Џулијан Асанж и Бредли Менинг нагласувајќи дека она што ги обединува тројцата е тоа што одбрале да не молчат, односно решиле да откријат тешки злоупотреби на човековите права сторени од тие што биле должни да го штитат јавниот интерес и правата на граѓаните.