Државниот секретар во Министерство за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Сабриу, ја претставува Македонија на 70-тата сесија на Комисија за статусот на жените, која се одржува во Њујорк во рамките на Обединети нации, информираа од Министерството.
На панел-дискусијата насловена „Зајакнување на пристапот на жените до правда: пристап насочен кон преживеаните од родово базирано насилство“, Сабриу зборуваше за институционалната и правната рамка во земјата насочена кон обезбедување правда за жртвите на родово базирано насилство.
Тој се осврна и на мултисекторскиот систем за заштита на жртвите, во кој се вклучени институциите, судските органи и граѓанските организации. Посебен акцент, како што посочи, е ставен на партнерството со граѓанскиот сектор, одржливоста на услугите и координацијата меѓу судовите и социјалните служби со цел долгорочна заштита и реинтеграција на преживеаните, додваат од Министерството за социјална политика демографија и млади.
Сабриу нагласи дека промовирањето инклузивна и правична правда бара повеќе од формални гаранции.
– Законите, институциите и постапките мора ефикасно да одговорат на реалните искуства на жените и девојките – истакна тој.
Тој додаде дека усогласувањето со меѓународните стандарди, вклучително и обврските што произлегуваат од Истанбулска конвенција, создава јасна основа за делување, но вистинската ефикасност се мери преку имплементацијата.
Според него, мултисекторскиот пристап е единствениот одржлив модел за заштита на жртвите. Кога полицијата, центрите за социјална работа, судовите, обвинителството, здравствените институции и граѓанските организации постапуваат координирано, системот станува предвидлив и безбеден за преживеаните.
Сабриу посочи дека пристапот насочен кон преживеаните подразбира еднакво внимание на безбедноста, економската независност и социјалната реинтеграција, покрај судската заштита.
– Нашата заедничка обврска е јасна – институции што постапуваат со должно внимание, одржливо финансирање на услугите и општество во кое пријавувањето значи заштита, а не ризик – истакна Сабриу.
На настанот учествуваат претставници од повеќе држави, кои ги споделуваат своите искуства, политики и практики за унапредување на положбата на жените во општеството, информираат од Министерството.
































