Министерот за правда, Бојан Маричиќ, и деканот на Правниот Факултет „Јустинијан Први“, Сашо Горгиевски, потпишаа Меморандум за соработка помеѓу Министерството за правда и Правниот факултет.
Меморандумот за соработка отвора можност за ангажирање на стручен кадар од редовите на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во подготовката на легислативни акти и стратешки документи во рамки на Поглавјето 23, како и во другите поглавја во процесот на пристапување на земјата во Европската Унија, како и заедничко учество и соработка во проекти од применувачка научно-истражувачка дејност.
– Наша обврска и должност е да градиме партнерства со високообразовните институции и да бидеме поддршка едни на други, особено во процесите кои се од суштинско значење за правосудниот систем на државата и евроинтеграциите. Преку поврзување на теоријата и практиката, очекувам Меморандумот за соработка помеѓу двете институции да даде резултати во наредниот период и убеден сум дека ќе биде од големо значење како за студентите, така и за службениците на Министерството за правда – потенцираше Маричиќ.
Министерот додаде дека со потпишувањето на овој Меморандум се преземаат конкретни мерки за реализирање на практичната настава, со која се отвора можност студентите да ги применат своите знаења и вештини стекнати преку формалното образование во пракса и со тоа да ги направат првите чекори кога станува збор за влез на пазарот на труд и нивно позиционирање во деловното опкружување.
Маричиќ и Георгиевски ја нагласија важноста на заедничкиот ангажман и очекуваат овој документ да биде добра основа за плодна соработка.