Фото: МОН

Буџетот за реализација на проектот за енергетски ефикасна рехабилитација на државните студентски домови во Македонија се зголемува за 5,5 милиони евра.

Станува збор за неповратни средства кои ги обезбеди Европската Унија преку Инвестициската рамка за Западен Балкан, односно преку Програмата за регионална енергетска ефикасност, а за што денес Министерството за образование и наука и Министерството за финансии потпишаа договор со Германската развојна банка.

Грантот е наменет за покривање на дел од трошоците за реконструкција на четири државни студентски домови во рамки на втората фаза од проектот – „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Орде Чопела“ во Прилеп и „Томе Стефановски – Сениќ“ во Скопје, чии објекти ќе ги исполнат стандардите за речиси нулта енергетска потрошувачка.

На потпишувањето на договорот, министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска рече дека младите се најважни граѓани на Македонија и Владата е посветена да им обезбеди услови за добро образование, работа и живот, за потоа да возвратат со учество во нејзиниот развој. Меѓу приоритетите е промена на сликата во студентските домови, кои, како што рече, се објекти каде младоста ги создава најубавите спомени на многу студенти од секоја генерација.

– Со добивањето на овој грант, буџетот на проектот изнесува над 30 милиони евра и среќна сум што продолжуваме со реконструктивни активности во нови објекти. Очекувам градежните работи во четирите домови да почнат до крајот на годината – рече Јаневска, информирајќи дека во активен процес на реконструкција се домовите „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“ во Скопје и многу наскоро ќе станат модерни и енергетски ефикасни.

Во третата фаза се студентските домови „Гоце Делчев“ и „Пелагонија“ во Скопје и „Кочо Рацин“ во Битола. Средства за завршување на втората и за третата фаза, ќе се обезбедат повторно во соработка со Германската развојна банка и Европската унија.
„Денешното потпишување на Договорот за грант е потврда за нашата посветеност кон создавање подобри услови за живот и образование за младите луѓе во Македонија.
Станува збор за проект кој не е само инфраструктурна инвестиција, туку и инвестиција во иднината – во достоинствени услови за нашите студенти и во заштеда на енергија на долг рок“, рече министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, додавајќи дека Владата останува посветена не само за подобрување на јавната инфраструктура, туку и на имплементирање на принципите на одржлив развој, енергетска ефикасност и еднакви можности за сите ученици и студенти.

– Поради актуелниот топлотен бран многу луѓе стануваат уште посвесни за последиците од климатските промени: екстремните временски услови, кои се случуваат сѐ почесто и траат сѐ подолго, нѐ тиштат сите. Во рамките на Конференцијата за клима, нашите влади се обврзаа, двојно да ја зголемат енергетската ефикасност во светот до 2030 година. Енергетски ефикасната санација на студентските домови претставува конкретен придонес и непосредно помага да се подобрат условите за живот на младите во градот. На тој начин ја јакнеме и енергетската сигурност во Северна Македонија: бидејќи секој киловат час, којшто ќе се заштеди, значи дека не ни морал да биде произведен. Сето ова се реализира со заеднички напори на Владата на Северна Македонија, германската Кредитна банка за развој и обнова (КФВ) и Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) – ова е европската солидарност на дело! – изјави Амбасадорката на СР Германија, Петра Дрекслер.

Според директорот на Германската развојна банка за Југоисточна Европа и Турција, Клаус Милер, покрај ефикасното користење на енергијата, главната придобивка од оваа програма е подобрување на условите за престој и учење.

– Ние искрено се надеваме дека подобрените услови ќе се отсликаат позитивно во образовниот сектор преку подобрени резултати од студентите како и дека ќе постават нови стандарди за реконструкција на вакви објекти – рече Милер.

На потпишувањето на договорот за грант се обрати и евроамбасадорот Михалис Рокас кој потврди дека ќе биде обезбедена поддршка за понатамошно спроведување на инвестициската активност.

Проектот предвидува темелна енергетски ефикасна реконструкција на државните студентски домови, со поставување на нови фасади, прозори, системи за греење и осветлување, со цел да се постигне заштеда на енергија од 30% до 50% во однос на сегашната потрошувачка и да се обезбеди модерен и удобен простор за живеење на студентите. Покрај енергетски ефикасната санација, целта е да се интервенира и во можните конструктивни проблеми на објектите со цел да се продолжи нивниот век на траење и да се подобри нивната статичка стабилност.