ЗАД ПОЖАРИТЕ СЕ НАЅИРА ДОБРО СТРУКТУРИРАНА ЛОГИСТИЧКА И ОРГАНИЗАЦИСКА МРЕЖА
Експертите од безбедносно-криминалистичката фела ги отвораат логичните криминалистичко-тактички прашања: Кој има ресурси? Кој има логистика? Кој има знаење и вештини за ова? Но, пред сѐ и над сѐ, кој има мотив да креира хаос преку огнот? За нив нема никаква дилема дека само добро организирани структури можат систематски да ја повторуваат оваа шема
И повторно пожар! Последниот настан снимен на безбедносни камери јасно покажува лице што во раните утрински часови (на 16.9.2025 во 3.52 часот) намерно потпалува складиште – автосервис во скопската населба Пинтија.
И повторно сериозен ангажман на големи ресурси на државата, за да се спречат поголеми материјални штети или човечки жртви.
Пораките на оние што стојат зад овие акти на насилство се сѐ погласни, а истоштувањето и трошењето на нашите ресурси за да „ги угасиме проблемите, а не да ги спречиме“ се сѐ поголеми.
„Огнена револуција“?!
Според нашите соговорници, најголем по обем, за кој се потрошија многу ресурси, беше пожарот во резерватот Јасен, една од стратегиските коти во Македонија. Тие настапуваат малку потврдо со констатацијата дека „тој пожар бил подметнат“. Потоа ги наведуваат пожарите во депонијата Дрисла, за кои исто така се тврди дека се подметнати, па Вардариште, повторно подметнат пожар… Сепак соговорниците потсетуваат на фактот дека полицијата летоска фати некои „малолетници за кои тврдеше дека се странски државјани“, кои биле затекнати со опрема за потпалување.
– Кои беа тие деца и од каде дојдоа? Имаше и други лица што беа приведени. Конечно ни се случи и пожарот во Трубарево, каде што некогаш се чуваа крави, а сега истиот простор станал депонија за електронски отпад. Видовме густ црн чад што се надвисна над цело Скопје и пошироко, но сѐ уште не знаеме како е предизвикан тој пожар. Мислевме дека е последен, но дали е сѐ поочигледно дека ќе има уште? Тоа е уште една силна индиција дека постои центар за синхронизација на поведенијата, кои не се изолирани пиромански манифестации, туку пожарите се во каузалитет со сите белези на феноменот екотероризам – велат наши соговорници.
Што се случува? Кој ги влече конците на овој терор и со каква цел? И може ли по сите овие палежи, по овој терор и застрашување да веруваме дека сѐ било само коинциденција?
Нема докази за организирано подметнување на пожарите и нивна поврзаност
Вчера изутрината во јавноста се појавија изјави дека „не може да се докаже поврзаност или организација за подметнување на пожарите“. Таквата констатација засега можеби кореспондира со реалноста. Но докази се едно, а индиции (или основи на сомневање) се друго, според тежината на елементите за кривичноправната постапка што тие во себе ги содржат. Се разбира дека за прибирање сознанија што треба да имаат тежина на материјални докази (конкретно за corpora delicti), кои би биле несоборливи во понатамошната процедура пред обвинителството и пред судовите, се потребни и подолго време и вештини и знаење и искуство.
Но кога се работи за индициите (или т.н. основи на сомневање), тие се всушност почетната точка на која се градат криминалистичките верзии при откривање на казнивите поведенија, за да се дојде до вистината. Таквите индиции (што сега ги има – безброј, како основи на сомневање дека постои еколошки тероризам) треба да се надградуваат со трпелива работа на терен и да се надградуваат до ниво на материјални докази.
Соговорниците инсистираат на тврдењето дека „се разбира дека бројките, зачестеноста и координацијата на овие пожари зборуваат за организиран карактер“, издвојувајќи дека „не е првпат во јавноста да се слушаат пораки дека Македонија ќе гори“.
Според нив, токму тие зборови, поврзани со актуелната состојба, ги отвораат логичните криминалистичко-тактички прашања: Кој има ресурси? Кој има логистика? Кој има знаење и вештини за ова? Но, пред сѐ и над сѐ, кој има мотив да креира хаос преку огнот? Само добро организирани структури можат систематски да ја повторуваат оваа шема, велат експертите по криминалистика.
Тешко дека пожарите се изолирани инциденти
Време е институциите да ја погледнат вистинската слика. Секој нов пожар не е само изолиран инцидент – тој е удар врз здравјето на граѓаните, врз економијата, врз природата и врз довербата во државата. Наместо да се минимизира проблемот, потребна е храброст да се признае дека Македонија можеби е цел на еколошки тероризам. Само тогаш ќе може да се изградат вистински механизми за заштита, превенција и одговор. Сè друго е опасно одложување, кое директно ја чини земјата – и во пари, и во животи, и во иднина, велат експерти од областа за спротивставување на тероризмот. Р.Н.М.
Премиерот Мицкоски најави законски измени: Подметнувањето пожар ќе биде квалификувано како тероризам
Законски измени со кои најстрого ќе се казнуваат подметнување пожар и фрлање ѓубре на недозволени места, најави вчера премиерот Христијан Мицкоски,
– Во рамките на парламентарната процедура разговарав со координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ итно да имаме измени во законите, со кои подметнувањето пожар ќе биде квалификувано како дело на тероризам, а одлагањето смет онаму каде што не му е местото ќе биде друго кривично дело, кое ќе се казнува со казна затвор поголема од пет години – рече премиерот Мицкоски.
Тој нагласи дека оние што создаваат диви депонии ќе бидат фатени и најстрого санкционирани, напоменувајќи дека досега се идентификувани дваесетина лица за кои постои основано сомнение дека се поврзани со пожарите. Премиерот за подметнувањето на пожарот во скопската населба Пинтија рече оти е „само уште еден доказ дека постојат центри на моќ што се обидуваат да внесат страв и паника кај граѓаните пред изборите“.
Премиерот Мицкоски информира и дека Министерството за животна средина испратило дописи до сите општини да ги расчистат дивите депонии и сметот да се одложи на соодветно место. П.Р.
Мисијата на медиумите и на јавноста
Дали има коинциденција или синхронизација во последователните случувања на опожарување е прашање за надлежните институции, кои интегрирано треба да настапат во расчистувањето на феноменот „пожари во Македонија“, пронаоѓајќи цврсти елементи во корист на верзијата што ќе се совпадне со вистината и фактите за настаните.
Што се однесува до медиумите, тие се хроничари на настаните и легитимно поставуваат прашања во име на јавноста. Но со новите форми на т.н. инклузивно новинарство, професионалните медиуми се обидуваат и во интерес на јавноста активно да помогнат во решавањето на општествените предизвици што ја тиштат јавноста: со свои размислувања, анализи, предлози… И сето тоа во интерес на граѓаните и одржливост на општеството.
Медиумите од очи и уши на јавноста (watch dog улога) стануваат и мислечка и творечка сила (мозок и мускули) во општеството. Во еден таков контекст, еден од столбовите на уредувачката политика на „Нова Македонија“, освен да информира, анализира, истражува и да едуцира, во себе инкорпорира и барање начини за унапредување на животот на граѓаните преку предлагање и аргументирање политики за раст и одржлив развој на чинителите на македонското општество и држава. П.Р.