Интервју со Гаетано Лонго, директор на Меѓународниот поетски фестивал во Трст, поет, писател, преведувач
Билјана З. Билјановска
Гаетано Лонго и јас за првпат се сретнавме во дамнешната 1997 година, по наградата на весникот „Нова Македонија“ за најдобар странски поет на тогашните „Струшки вечери на поезија“. Во таа пригода тој ми ја подари неговата двојазична збирка (шпанско/италијанскa) „Игри на рамнотежа“, навистина без некакви обврски вербално искажани, но со мисла дека сепак ќе се нафатам да му ја преведам на македонски. По преводот на оваа мала, но содржајна збирка, тој по пошта ми ги испрати сите други негови збирки што во меѓувреме успеал да ги објави во својата родна Италија, но и со сите преводи што се направени во Македонија. Збирката „Игри на рамнотежа“ на македонски јазик ќе биде објавена од страна на електронското списание на македонскиот ПЕН-центар „Разноликост“ („Diversity“), што во тој период го промовира и води академик Катица Ќулавкова.
Гаетано Лонго по образование е дипломиран политиколог, но по дарба и незадржлива желба тој е повеќе поет и писател, кој своите политички дарби ги користи за организирање поетски средби, преводи на поети на италијански, романски и шпански јазик. Токму благодарение на овие две дарби, тој успева да изгради една забележителна писателско-преведувачка кариера во Романија, Куба, Колумбија, за што во повеќе наврати и ќе биде наградуван. Го промовираат и во почесен конзул на Колумбија.

Од 1991 до 1993 година тој е воен пратеник на територијата на бивша Југославија и на Латинска Америка, а е и постојан претставник во ОН именуван од страна на Куба, Југославија, Хрватска и Македонија. Во тој период активно соработува со РАИ (Рим и Трст), со новинската агенција Албатрос (Милано), со весниците „Манифест“ (Рим), „Пиколо“ (Трст), „Трст денес“ (Трст), со Македонската ТВ, „Меѓународна Кубавизија“ (Куба), преку кои детално известува за настаните во именуваните подрачја. Во 1991 година со „Меѓународна Кубавизија“ го подготвува документарниот филм „Збогум, Југославијо“, за кој го подготвува и сценариото.
Член е на голем број новински редакции како во Италија, така на Куба („Revista Hispanoamericana de Literatura“), Шпанија („El cielo de Salamanca“- Шпанија), ПРОЕСТ – списание за политика и меѓународна политичка анализа (Романија).
Минатата година повторно ја добива меѓународната награда за најдобар преведувач, го уредува и литературното списание „ЗЕТАновости“ во Удине, Италија, во кое во додатокот „Портрети“ пред две години беа објавени повеќе македонски поети преведени од него и на шпански јазик.
Во меѓувреме на македонски беа преведени речиси сите негови збирки „Графити“, „Времиња и невремиња“, „Евтини стихови“, „Заеднички места“ и „Лузни во сеќавањето“.
Во неговата богата и плодна биографија ќе ги сретнеме имињата и на наши автори преведувани од негова страна на италијански или шпански јазик, како Матеја Матевски, Анте Поповски, Блаже Конески, Катица Ќулавкова, Иван Џепаровски, како и на голем број други поети од шпанското говорно подрачје.

-Почитуван Гаетано, можеби овој наш разговор треба само да го продолжиме од онаа наша толку кратка, но сепак значајна средба во дамнешната 1997 година, кога одејќи по Илинденска ме испраќаше дома. Со твоето постојано одмерено време на задачите што ги вршеше во тие клучни години, на постојаните патувања да бидеш секаде каде што беше повикан да ги вршиш одговорните задачи и во ОН и на оние што те ангажираа и кои ги претставуваше во светската организација, откривме дека универзумот на еден поет е бесконечно голем и дека во тој универзум можат да се приберат, да се скријат, да најдат азил, сите оние што не успеале да го најдат своето вистински место во системите што се во постојани промени. Тогаш на определен начин успеавме да го прошириме тој универзум што почна да се протега од Македонија до Италија, Куба, Колумбија, Романија, односно секаде онаму каде што си ти како еден вистински поетски мисионер или како еден нов Одисеј што со себе ја носи големата поетска порака. Еден вистински поетски гласноговорник што умее во име на сите поети и од целиот свет со стиховите да ја искаже нивната желба – „Мир, пријателство, разбирање“.
Јас тој нов универзум меѓу тебе и мене интимно го нареков ЛоБи (Лонго-Билјановска) затоа што се растегна меѓу тебе и мене, меѓу мене стабилна и закатанчена за земјата и ти во постојано движење, на постојани патувања кои никогаш не завршуваа, затоа што отвораа нови можности, нови предизвици, нови хоризонти. Какво би требало да биде нашето ЛоБи по сиве овие години, кое би требало да им го понудиме на сите вљубеници во поезијата, на сите читатели што заедно со нас ја живеат и својата поетска катарза?
— Еден поет, еден писател воопшто, е во постојано движење. Ментално движење, и како што ми се случи мене, и физичко. Тоа ми овозможи со години ситуации и пригоди да запознавам нови простори, места и личности од целиот свет. За мене тоа значеше едно огромно збогатување, лично и интелектуално. Меѓу многубројните беше и средбата меѓу нас двајца во 1997 година во Македонија, кога ја имав честа да ја примам наградата на „Нова Македонија“ за таа година за најдобра поезија на „Струшките вечери на поезијата“. Од таа средба се роди и она што ти го нарекуваш ЛОБИ, значи една поетска авантура меѓу тебе и мене што ги поттикна желбите да сакам да ја преведам твојата поезија на шпански, а ти мојата на македонски. Не само поради тоа што ова овозможи еден голем раст на нашето пријателство, најмногу поради тоа што бев преведен на македонски, што ми е од особено значење. Со години бев преведуван на осумнаесет јазици на светот, но македонскиот за мене останува нешто посебно, малку како „вкусот на дома“. Моето прво јавно читање во основата го реализирав токму во Струга, во 1989 година, за отворањето на фестивалот читајќи ги стиховите „Т’га за југ“ од Миладинов. И токму тоа читање ми го отвори патот. Ми овозможи да запознаам многу македонски поети, а бидејќи бев многу млад, како да станав еден вид „маскота“. И по толку години, ние сме повторно овде, јас и ти, и го развиваме нашето пријателство како колеги, соработувајќи. За мене е тоа најзначајно. Ова е едно од чудата на поезијата.
Минатата година, 2024-та, ти повторно ја добиваш меѓународната награда на Романија како најдобар преведувач. Во меѓувреме објави многу свои нови збирки, нови преводи. Дали би сакал да ни ја објасниш таа тесна спрега што обично се јавува меѓу еден поет и неговиот преведувач на еден друг јазик? Односно дека на еден определен начин ти учествуваш во откривањето на тој нов поетски универзум, кој од своја страна, сакајќи или не, дури и врши влијание врз преведувачот/творецот во создавањето на неговите нови творби?
— Според мене, преводот е многу значајна професија. Преведов или организирав седумдесетина збирки на современи автори, а имав среќа да работам и со дела на многу големи писатели, кои со време стануваа и мои добри пријатели, како што се: Алваро Мутис, Јон Дианеску, Никола Дабија, Хозе Едуардо Деграција, Оливер Фриѓери… Листата е навистина долга. Меѓу сите овие, секако никогаш нема да ја заборавам соработката со мојот драг пријател Матеја Матевски. Сите овие писатели не само што ми се пријатели туку ми беа и големи учители. Преводот ми овозможи да запознавам нови светови и нова поезија, што во голема мера го збогатуваше и мојот начин на пишување. Ако има нешто вистински добро во мојата поезија, им го должам и ним. Она што е негативно, одговорноста ја сносам јас. А да се прими наградата „Михаи Еминеску“ за најдобар превод за 2024 година во Крајова, Романија, за мене е вистински многу значајно. Тоа ми овозможува да мислам дека мојата работа како преведувач била дури и тоа како значајна и успешна.
Според твоето вистински богато искуство на двете полиња, писател/преведувач, уверена сум дека секогаш остануваат значајни пораки што би сакал да им ги пренесеш на твоите читатели, најмногу на сите оние што со текот на времето станувале и обожувачи на твојата поезија и на твоите писателски творби воопшто?
– Ова двојно искуство, како што реков, ми овозможи лично збогатување како поет затоа што на тој начин го проширував и го збогатував мојот поетски израз, давајќи си можност да изградам еден сопствен поетски стил. Од друга страна, одржувајќи пријателски контакти со поетите што ги преведував и посетував во нивните земји, ги збогатував и моите лични искуства, Како човек, сакам да кажам. Во тоа постојано оди-дојди, одење-враќање, давање-примање, се чувствувам малку како еден мал Одисеј, како што често знаат да ме наречат некои пријатели. Тоа е она што ме трогнува и ми помага да се чувствувам убаво.