По повод празникот „Воскресение Христово – Велигден“, Министерство за внатрешни работи најави воведување на посебен сообраќаен режим во Скопје, кој ќе опфати делови од централното градско подрачје, како и општините Ѓорче Петров и Аеродром, пренесе МИА.
Од 18.00 часот па до завршување на празничните активности, по потреба ќе бидат затворани повеќе сообраќајници во центарот на градот. Меѓу нив се булеварот „Партизански Одреди“ (од крстосницата со „Франклин Рузвелт“ до булевар „ВМРО“), булеварот „Св. Климент Охридски“ (од „Илинден“ до „Димитрие Чуповски“) и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“ (од „9-ти Мај“ до „Св. Кирил и Методиј“).
Автобусите од јавниот градски превоз што сообраќаат преку мостот „Гоце Делчев“ ќе имаат изменети траси и ќе се пренасочуваат преку булеварот „Илинден“ и улицата „Франклин Рузвелт“, додека линиите што минуваат низ центарот ќе се движат по алтернативни рути преку „М.Т. Гологанов“, со соодветни измени и во спротивен правец.
Во општина Ѓорче Петров, по потреба ќе биде затворена улицата „Македонска Војска“ пред црквата „Св. Петар и Павле“, на потегот од булевар „Партизански Одреди“ до улицата „Ѓорче Петров“.
Во општина Аеродром, пак, можно е затворање на локалниот пат кон село Лисиче.
Од Министерство за внатрешни работи информираат дека по потреба може да бидат затворени и други улици во близина на верските објекти и апелираат граѓаните да ги почитуваат упатствата и наредбите на полициските службеници.
































