Што се случи во Албанија каде што Тирана ги избриша староседелците Македонци и вештачки создаде ново бугарско малцинство
И пописот во 2011 година малцинствата не го признаа, беше непрецизен, а не го признаваат ниту овој, на кој Македонците се преполовени и се регистрирани само околу 2.300, иако толку ги има само во две села во Пустец. Но затоа, за првпат во нејзината историја, за првпат во попис на Албанија, се појавуваат – Бугари?!
Пописот во Албанија спроведен во 2023 година од септември до октомври не само што покажа алармантни демографски податоци туку поттикна нов круг тензии со соседите, пред сѐ со Македонија и со Грција.
Прелиминарните бројки објавени кон крајот на јуни покажаа дека населението на земјата се намалило за 14 проценти за 12 години од приближно 2,8 милиони на околу 2,4 милиони. Ова се само статистички податоци зад кои се кријат многу „фолклорни балкански“ манипулации, па дури и спроведен пописен инженеринг кон некои малцинства, како што се Македонците. И не е првпат, и пописот во 2011 година имаше многу недостатоци, па малцинските групи и него не го признаа како точен, исто како и последниот. Затоа, пак, за првпат на еден попис што го спроведува Албанија се појавуваат – Бугари!? И тоа околу 7.000! Дали со ова се прелеа чашата на трпението и на политичко-статистичката коректност? Ова е најголемиот апсурд, но има и други недостатоци во пописниот процес, а еден е методологија на неговото спроведување.
ЌЕ СЕ БАРА НОВ ПОПИС
Според првичните резултати, во Албанија живеат само околу 2.300 Македонци (во повеќе грчки медиуми се наведени како „северномакедонци“, а првично и статистичкото биро го користеше тој термин, па по реакција на министерот Муцунски ја исправија грешката), потоа околу 23.500 Грци, 2.500 Власи и други малцинства. Но најголемо „малцинство“, и тоа 150.000 граѓани се со непознат етнички идентитет. Ако е во право Сали Бериша дека во Албанија едвај да има 1,4 милион жители, тогаш оние со непознато етничко потекло се цели десет проценти од целокупното население. Кои се тие и како е постигната толкава огромна бројка?
Сите малцинства кренаа глас против пописните резултати, а се огласи и грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетридис, кој ја изрази резервираноста на Грција во однос на процесот.
– Првите резултати нагласуваат сериозни прашања поврзани со пописниот процес, кои ги доведуваат во прашање самите резултати – рече тој. Но имаше и дипломат што имаше причина да слави. Бугарскиот амбасадор во Тирана ја нарече Албанија „најпријателската земја за Бугарија“ во регионот.
Васил Стерјовски, претседателот на македонската партија МАЕИ, најави дека претставниците на малцинствата „подготвуваат заедничка декларација“ со која „ќе бараат нов попис“.
Стручни лица рекоа дека попишувачите не биле соодветно обучени, а имало и голем број пропусти при пописот. Ендри Фетаху, претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција, вели дека имало проблеми пред и за време на пописот, а попишувачите не поставувале прашања поврзани со националната припадност бидејќи не биле задолжителни за одговори.
– Некои од прашањата со кои се соочи нашата заедница се поврзани со влијанието и притисокот на поединци или дури и странски институции, конкретно на бугарските, врз нашето малцинство што живее во Пустец, Голо Брдо, Гора. Тие влијаеле на луѓето да не даваат точна и слободна изјава на која заедница припаѓаат – рече Фетаху.
ПЛАНСКА ИГРА
Сепак, оваа пописна игра на бројки, која едноставно ги брише Македонците од Албанија, затоа што само во две села во Пустец има над 2.000 Македонци, е планска игра подолго време подготвувана, но може пред сѐ да ѝ се врати на Албанија како фрлен бумеранг. Брисел инсистира во 2017 година Тирана да отвори графа и за Бугарите, нешто што се отвори како опција по авантурите на македонскиот премиер Зоран Заев и потпишаниот Договор за пријателство со Бугарија.
Бугарите не постоеле до вчера во Албанија, но затоа, пак, Македонците постоеле од памтивек. Тие во Албанија ја делеле судбината на Македонија и македонскиот народ, која со поделбата од 1913 година била поделена од Србија, Бугарија и Грција, а подоцна со формирањето на албанската држава делови од етничката територија на Македонија потпаднале под Албанија. Македонците во Албанија ги населуваат областите Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Поле или Долни Дебар и неколку села во околијата на Корча, Поградец и Билишта. Во Албанија има вкупно 42 села населени со македонско население.
Освен во селата, Македонците се сконцентрирани во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Корча, Берат, Либражд, Кукс, Пешкупија, Поградец, Билишта и Каваја. Нивното постоење како македонско малцинство никогаш не било признаено од албанската држава, освен Македонците во Мала Преспа, кои се единствениот дел што има минимални малцински права. Според статистиката на македонските здруженија, во цела Албанија има околу 220.000 Македонци. Од друга страна, процесот на албанизирање на топонимите е започнат уште на самиот почеток од формирањето на албанската држава. Првиот што презел таква иницијатива бил Ахмед Зогу кога бил министер за внатрешни работи или поточно на 23 март 1923 година.
Дека Македонците се жив народ и дека постојат македонски јазик, култура и традиции се покажа и на 21 декември 2019 година кога во организација на МАЕИ во Конгресната палата во Тирана се одржа научна конференција „75 години образование на мајчин македонски јазик во Албанија“.
Признавањето на Македонците од албанската држава е резултат на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна. Уште во 1945 година Македонците беа признаени како национално малцинство во Мала Преспа и во селото Врбник, во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Дебар. Во овие области, Македонците во Албанија го стекнаа правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција. Врз основа на договорот помеѓу Албанија и Југославија, во двете земји се испраќаа учители, нешто што е прекинато за време на Информбирото во 1949 година.
Македонците се длабоко вкоренети во албанското општество, тие споделуваат заеднички вредности и историја, па логично е да се постави прашањето зошто Албанија дозволи сето ова да се негира со вештачко создавање бугарско малцинство на лица, па дури и малолетници со купени пасоши? Еве и да има Бугари, сепак тие не можат да добијат статус на малцинство. И ова е сериозно прашање и за Советот на Европа, и за ОБСЕ и за Европската комисија, без разлика што последнава бега од одговорност. Секако и македонската дипломатија треба да се разбуди и да реагира многу поагресивно и заштитнички.
Македонци што ја пишувале историјата во Албанија
Факт за историското присуство на Македонците во Албанија е нивната вклученост во општеството, при што имало етнички Македонци и на високи политички функции. Но една маркантна личност не смее да се прескокне, а тоа е секако Стерјо Спасе, етнички Македонец, кој е автор на првиот современ роман на албански јазик. Некои велеа дека тој е вториот Кадаре. Многу значен е секако, а неговиот роман „Зошто?“ е класика на литературата на албански јазик. Никола Беровски, учителот, пак, бил роден во Битола во 1923 година, а починал во Тирана во 1993 година. Тој беше македонски просветител, кој целиот работен век го минал меѓу Македонците во Албанија. Познат во македонската јавност како „учителот од Пустец“. Д-р Валентина (Илија) Нестор е родена на 16 септември 1971 година во Пустец. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на групата за македонски јазик и јужнословенска книжевност. Од 1996 година работи како лектор по македонски јазик на Факултетот за странски јазици, во Одделот за словенски и балкански јазици во Тирана. Илинден Спасе е син на познатиот албански писател од македонско потекло Стерјо Спасе. Тој е роден во 1942 година, во Глобочани, каде што го завршил основното образование, а дипломирал филологија на Универзитетот во Тирана. Спасе Мазенковски е роден на 2 септември 1951 година во селото Леска, Мала Преспа. Го основа весникот „Преспа“, каде што бил главен уредник и во тој период бил единствен весник на македонски јазик. Постојано објавуваше песни, раскази, различни тестови, а е автор и на збирката песни „Преспо моја, разнобојна китка“. Спасе Танаси е роден во 1965 година во селото Зрновско, Долна Преспа. Завршил Факултет за земјоделска економија на Универзитетот во Камза (Тирана). Автор е на научни и литературни дела. На албански јазик ја има објавено стихозбирката „Лирска песна со твоето име“. Дола Шкмби е родена на 14 септември 1986 година во Долна Горица, Преспа. Завршила Медицински факултет во Скопје. Таа е авторка на стихозбирката „Крстопатот на солзите“. Фоте Никола е уредник на програмата на македонски јазик во Радио Корча. Во рамките на албанското Министерство за образование подготвува учебници на македонски јазик.
Од Мала Преспа, односно од овој дел на Долна Преспа има и голем број други интелектуалци, како и бизнисмени, доктори, професори, инженери, новинари и други општествени работници, кои заедно со горенаведените македонски личности се бранители на македонското име, јазик, култура, религија, на македонската вистина и на етничка Македонија. И Назиф Докле оставил неизбришливи траги со своето дело.
Роден на 15 јануари 1945 година во селото Борје, областа Гора, се декларираше како она што и беше, Македонец, интелектуалец од областа Гора, борец за правата на Македонците во Албанија. Завршил ликовна уметност во Тирана, отсек скулптура, потоа завршил Висока педагошка школа во Скадар, специјалност албански јазик и литература. Долги години работел како учител, бил главен инспектор за образование во округот на Кукс и директор на Музејот во Кукс, а се занимавал и со сценографија и бил режисер на повеќе документарни филмови. Х.И.