Свечената песна „Денес над Македонија се раѓа“ е официјалната химна на самостојна и независна Република Македонија, прогласена со указ на Собранието, а решението бр.08-3278/1, е потпишано од претседателот Киро Глигоров, на 11 август 1992 година.
Писателот Владо Малески е автор на текстот на химната, а нејзината прва изведба се случила на пречекот на Новата 1942 година во Струга, во куќата на Сотир Шута.
Куќата била во центарот на Струга, а присутни на настанот биле: Владо Малески, Васил Калајџиески со жена му Венера, Нико Нестор со жена му Верка, Милан Цоба, Стево Балтоски, Боре Жупаноски, Сотир Попоски, Стево Нестор, Стефан Опетчески (кој свирел на хармоника ), Венера Матоска, Боро Хаџиески – Путе, Димче Кошаркоски, Боже Малески, Климе Боре Хаџиески, Петре Џигероски, Јосип Миса, Стефан Трајко, Ристо Калајџиски, Никола Кочоски, Ѓоре Асаноски, Васил Кавај и Димитри Милаладиноски.
-Така се роди, така остана песната. Како што се роди и остана Константиновата „Т’ га за југ“. Како што се роди крај ова крајезерие и македонската преродба. Остана да сведочи дека овде, на брегот на Црн Дрим, слободарскиот дух бил и останал до вечно. Остана оваа песна да тече како што течеше револуцијата. Како споменик остана Владо Малески, автор на текстот на песната „Денес над Македонија се раѓа – запишано е на Споменикот на НОБ во Струга.
Запишани се и стиховите на Малески, кои ќе ги прочитаат и идните генерации: „Револуцијата е како рекана. Тече без прекин од врутоците на минатото до утоката на безгрижната иднина и течејќи го напојува животот со живот. Слава и чест на воините на нашата револуција низ покленија до вечнина!“.
Стојан Кукунешоски