Претседателот на Собранието на Република Македонија Талат Џафери верува дека прашањето за уставните измени во врска со договорот со Грција ќе биде затворено до средината на јануари. Тоа, вели, отвора можност законот за ратификација на договорот, заедно со оној за употребата на јазиците да биде испратен во службен весник без потпис на претседателот Ѓорге Иванов.
-Седницата за уставните измени е свикана за 9 јануари. Очекувањата се до 15 јануари да биде завршена целата постапка и да бидат усвоени амандманите. Ако се раководиме од искуството дебатата не би требало да трае повеќе од пет – шест денови. Но, онака како што е најавено, неприсуството на опозицијата остава можност и таа да заврши и побрзо. Во секој случај тоа прашање ќе биде затворено до средината на јануари. Со тоа се отвора патот двата закони да одат во службен весник, изјави денеска Џафери.
Во врска со одбивањето на Иванов да ги потпише овие два закони, Џафери вели дека тој има обврска тоа да го направи, бидејќи, како што потенцира волјата на Собранието, не може да се попречи и тоа ќе се реализира.
-Тоа ќе се случи кога ќе ги пратам во Службен весник. Мој потпис има. Тоа е одлука, рече претседателот на македонското Собрание.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со идејата за избор на претседател на државата во Собранието, тој истакна дека тоа е опција за која мислење јавно изнесуваат одредени политички партии, но дека за тоа би било потребно повторно отворање на Уставот.
– Одредени партии неспорно размислуваат и гласно си кажуваат ставови за можностите, но, за да се реализира таа идеа треба нова постапка за уставни измени. Во секој случај сега за сега останува уставното решение претседателот да се бира директно на избори, рече Џафери.
Тој смета дека Собранието успеало да ги исполни очекувањата и да ги реализира активностите во од негова надлежност во законодавната смисла.
– Мислам дека Собранието ги исполни очекувањата за оваа година и воглавно сите битни прашања ги има завршено во соодветно време. Македонското Собрание успеа да си го оправда својата работа и да ги оправда очекувањата на граѓаните по однос на тоа. Впрочем и анкетите кои се направени од соодветни институции покажува дека Собранието соодветно било оценето, рече Џафери.