Претседателот на Собранието Талат Џафери вчера го известил судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ дека не биле создадени услови за симнување на имунитетот на пратеникот Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, осомничен дека е еден од организаторите на упадот во Парламентот на 27 април 2017 година, потврдија за МИА од Кривичниот суд.
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања не донесе одлука за барањето на Кривичниот суд за одобрување притвор на пратеникот и поранешен претседател на Собранието Трајко Вељаноски поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април. За одземање на мандатот гласаа четворица членови на Комисијата, а исто толку беа против.
И народните избраници на пленарната седница, што се одржа во неделата, не гласаа за одземање на имунитетот на Вељаноски. Тензичната собраниска седница почна нешто по 21 часот, а по речиси два часа, на полноќ, беше прекината од претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Џафери на прес-конференција, одговарајќи на нападите на пратениците од СДСМ врска со прекинувањето на седницата, на која се расправаше за одземање на пратеничкиот имунитет на Вељаноски, меѓу другото, рече дека седницата е прекината заради тоа што одминало времето за носење одлука до 24:00 часот., како и поради однесувањето на пратениците, а посебно пратеникот од мнозинството Мухамед Зеќири.
Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев во понеделникот одговорајќи на новинарско прашање дали Судот има право повторно да побара од Собранието да му биде одземен пратеничкиот имунитет на Вељаноски, рече дека тоа законот не го третира до крај.
-Колку што ми е мене познато во пракса повторни барања не сме испраќале. Но, ќе седнеме сите судии заедно, ќе го прочитаме и ќе видиме кои се следните чекори што ќе ги преземеме, посочи Џолев.
Под сомнение за вмешаност во организацијата на насилствата од „крвавиот четврток“ минатата недела во Кривичниот суд беа повикани поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, а по него и ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, како и ексминистерот за труд во владата на ВМРО-ДПМНЕ, Спиро Ристовски.
Вељаноски се повика на пратеничкиот имунитет, а притвор добија Јанакиески и Ристовски.