Министерката Мила Царовска вели дека департизацијата е процес на трансформација на општеството, а ослободување се случува и во образованието. Дека и тоа е во децениски партиски стеги, како и многу други нешта во општеството. Таа појасни дека според Законот за основно образование, министерството повеќе нема свој претставник во училишниот одбор, бројот на претставници на локалната власт се намали на еден, а во одборот се тројца од вработените и тројца од родителите. Па, така, изборот на директор сега го вршат тројца претставници на родителите, тројца вработени во училиштето и еден претставник од Општината, по што тие го доставуваат својот избор до градоначалникот, кој во рок од 10 дена треба да изврши избор на директор

АКО ЦЕЛТА Е АВТОНОМИЈА НА ОБРАЗОВАНИЕТО, ДЕПОЛИТИЗАЦИЈАТА Е НЕОПХОДНА

Политизираноста, но пред сѐ феноменот на партизираност на македонскиот образовен систем е проблем со кој реално се соочуваме со децении. Партиското поставување на директорите на училиштата со години е непишано правило, па со секоја смена на власта, најчесто се менуваат и тие од позициите. Од друга страна, она што се заговара и што е цел со новата концепција и промени во основното образование, е дека наставниците ќе бидат поавтономни во својата работа, ќе можат да носат одлуки, ќе имаат слобода на часовите во изборот на темите што ќе се обработуваат.
Но колку е тоа возможно, ако се има предвид дека во практика, ретко кој наставник прави нешто без за тоа да знае директорот и без да побара дозвола од него. Има ли шанси да се ослободи образованието од влијанието на партиските политики? За некои од професорите со кои поразговаравме, партизираноста го спречува критичкото размислување, а од друга страна, намерата на властите е образовниот систем да создава токму генерации што критички ќе размислуваат и ќе носат самостојно одлуки.
– Еден директор на училиште треба да се избира од редот на најдобрите наставници во училиштето. Тој треба да биде пример на другите, треба да поседува вредности и затоа сметам дека треба да го избираат наставниците што се дел од колективот. Како што сега се поставени работите, изборот не е ваков. Изборот на прв човек на училиштето не треба да е наметнат, за да можат и наставниците да се чувствуваат подобро и да бидат послободни и поавтономни во работењето. Партизацијата ја ограничува автономијата на наставникот и на неговиот углед – смета професорката Светлана Димитриевска од средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“.
Министерката Мила Царовска остава впечаток дека непоколебливо се залага за ослободување од партизацијата, што како појава е вкоренета и во образованието. Министерката дава пластични примери каде што деконцентрацијата на партиското влијание се спроведува на повеќе нивоа.

– Департизацијата е процес на трансформација на општеството, а ослободување се случува и во образованието. Според Законот за основно образование што го донесе претходниот министер за образование, министерството повеќе нема свој претставник во училишниот одбор, бројот на претставници на локалната власт се намали на еден, а во одборот се тројца од вработените и тројца од родителите. Со законот, изборот на директор го вршат тројца претставници на родителите, тројца вработени во училиштето и еден претставник од Општината. Тие го доставуваат својот избор до градоначалникот, кој во рок од 10 дена треба да изврши избор на директор. Веќе нема можност некој, спротивно на закон, да избере директор – рече таа.
Во врска со воведувањето нова концепција во основното образование, неодамна се одржа широка јавна дебата во Собранието, на која професори, практичари, наставници и експерти дадоа свое мислење за промените што претстојат од 1 септември. Професорот Јован Донев на таа дебата кажа дека политизацијата во образованието, која трае со децении, е сериозен проблем.

– Во нашата држава 30 години се прават реформи и за тоа се трошат енергија и пари. Образованието кај нас е политизирано, а директорите се политички поставени. Наставниците, кој ги прима на работа? Има квалитетни луѓе меѓу нив, се разбира, но ако имате партизација во системот, тогаш како ќе ја направите оваа голема реформа? И третиот сегмент што е исто толку важен е корупцијата во образованието. Јас не се сомневам во стручноста на членовите на работната група што работат на концепцијата, но образованието е огромна сфера и има тука многу интереси – и бизнис-интереси и политички и идеолошки интереси. Клучни се неколку прашања. Кој ќе ја спроведе оваа голема реформа? Дали сите ние овде што сме продукти на процес што не чинел? Ние не сме на тоа ниво за да можеме да спроведеме вакви исклучително сериозни реформи – рече професорот Донев.