ВО СОБРАНИСКА ПРОЦЕДУРА НЕКОЛКУ КЛУЧНИ ЗАКОНИ
Пред актуелниот собраниски состав има неколку законски предизвици со кои треба тој да се справи, до најавеното распуштање на 11 февруари, поради веќе договорениот термин за предвремени избори на 12 април. Меѓу законските решенија за кои сѐ уште нема усогласеност на партиите се: Законот за одбрана, Изборниот законик со 6.000 поднесени амандмани, Законот за јавно обвинителство и уште редица други законски акти. Рокот до кога треба партиите да ги испеглаат своите ставови за спорните закони е февруари, кога пред распуштањето на парламентот истовремено се очекува и Европската комисија да го објави мини-извештај за реформскиот напредок на земјава.
За потсетување, предлог-законот за Јавно обвинителство беше доставен во Собранието минатото лето, а оттогаш па досега конкретно решение не беше постигнато во парламентот меѓу политичките партии. Приближно истовремено политичките партии ги кршеа копјата и за реформите на Изборниот законик. Во моментов процедурата за овој закон е заглавена со илјадници амандмани што се однесуваат на измената на изборниот модел од шест во една изборна единица. Дополнително, од страна на опозицијата се оспорува и Законот за одбрана, кој треба да се приспособи на Протоколот пет на НАТО за колективна одбрана и да се смени постојното име на армијата.
За неизвесноста со посочените законски решенија во Собранието, експертите велат дека преку спорните закони, кои парламентот треба да ги донесе до неговото распуштање, веќе е започнато пазарењето меѓу политичките партии пред изборите. Според нив, воопшто нема да биде зачудувачки ако „проблематичните законски решенија“, за кои се натегаат опозицијата и власта во собраниските клупи, прекуноќ бидат изгласани по желбата скроена од партиските лидери. Професорот Јове Кекеновски смета дека концептот на гласачка машинерија пред избори ќе се повтори и сега како многупати во минатото, кога париите за нивно добро се пазареле на сметка на добрите законски решенија.
– Воопшто нема да ме зачуди доколку 90 отсто од „проблематичните законски решенија“ поминат во трета смена кај пратениците, кои се најобична гласачка машинерија и исполнувачи на желбите на лидерите. Многупати сме го виделе овој концепт, како таа гласачка машинерија откако ќе добие инструкции од партиските врхушки многу лесно и брзо ги изгласува законите по волјата на нивните лидери.
Оттаму подоцна излегуваат сите аномалии како резултат на личната желба на лидерите, а не на опсегот на законските решенија и содржината, па имаме закони што се фалични, имаат дупки и едноставно не функционираат во практиката. За жал, таква ќе биде ситуацијата и сега. Сета фама што се крева во јавноста дека опозицијата ги спори законите од една страна, а од друга власта обвинува дека опозицијата не е кооперативна во работата на Собранието ќе се заборави за брзо време. Немаме идеологија немаме програма, сѐ се сведува на партиска послушност, која на крајот граѓаните ќе ја почувствуваат на својот грб – објаснува Кекеновски.
Инаку, Владата на својата редовна седница го утврди текстот на предлог-законот за ратификација на Северноатлантскиот договор, и веќе го достави на усвојување до Собранието, со што се отвора патот за предвремено ратификување на протоколот за членство на земјава во НАТО од страна на пратениците пред распуштање на актуелниот пратенички состав. Собранието, според последните информации, треба да го донесе законот пред да се распушти на 11 февруари.
Засега е неизвесно дали дотогаш Шпанија ќе го ратификува протоколот за членство во нејзиниот парламент, бидејќи таму гласањето за избор на нова влада се очекува деновиве, односно околу 5 јануари, по ноемвриските избори. На маргините на самитот на НАТО во Лондон, премиерот Зоран Заев имаше средба со неговиот шпански колега Педро Санчез, од кого доби ветување дека Шпанија мошне скоро ќе го ратификува протоколот за членство на земјава во Алијансата, по што веќе во средината на месецов би се депонирала ратификацијата во Вашингтон. Д.Ср.