Претседателот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ), која е дел од коалицијата „За обнова на Македонија“, Стевчо Јакимовски, на протестот пред македонската Влада порача дека граѓаните овие ладни денови се собираат за да го спречат, како што рече, националното предавство, кое неколкумина во Владата сакаат да им го направат на Македонија и на македонскиот народ.
Тој ги повика сите граѓани на Македонија да се обединат и да се сплотат за да го спречат премиерот Зоран Заев во распродавањето на македонските национални обележја.
Јакимовски истакна дека со Бугарите не може да се преговара за историјата затоа што тие ја толкуваат како сакаат во зависност од околностите.
– Како, на пример, кога требаа да платат репарација за окупацијата на Македонија, тие го даваа и цар Самуил дека е македонски цар за Заев сега на тацна да го направи бугарски. Тоа само кажува како им одговара, така си ја толкуваат историјата. Кога требало да плаќаат 25 милиони долари репарации, само за окупацијата на Македонија, што денеска е еквивалент на 25 милијарди долари. Пиринска Македонија ја давале да се приклучи кон Југуславија затоа што не ја сметале за нивна, секогаш нас Македонците не сметале за своја монета за поткусурување – рече Јакимовски.
Според него, Заев и неговиот однос кон Бугарија може да направи голема беља на Балканот.
– Штетата што ја предизвикува СДСМ не е само македонска туку е и балканска. Затоа, ве повикувам, сите граѓани на Република Македонија, без разлика на вера, нација и политичко убедување, да се обединиме и да покажеме сила и да ја одбраниме Македонија – посочи Јакимовски пред Владата.
Тој очекува во наредниот период протестите да се зголемуваат и покрај тоа што, како што рече, распродавањето го прават во време на корона.
– Еднаш ова го правеа на најсветлиот ден за македонскиот народ, на Илинден, кога сите се на одмор, го потпишуваа најсрамниот договор за Македонија – рече Јакимовски, кој додаде дека тој е длабоко убеден оти со чепкањето во историјата ова ќе биде крај не само на Зоран Заев туку и на СДСМ.