Македонскиот премиер Зоран Заев можеби направи тактичка грешка среќавајќи се со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов при посетата на Софија неделава, пишува „Имрџинг јуроп“.
– Бугарија поставува пречки на патот на Македонија кон ЕУ, противејќи се на засебноста на македонскиот јазик, со што на Заев му е потребно Бугарија да биде на негова страна. Но неговата стратегија при посетата на Софија покрена прашања за нејзината корист, бидејќи Заев се сретна прво со поранешниот бугарски премиер Борисов, наместо со претставниците на сегашната привремена влада. А ваквиот избор навидум е чуден бидејќи Борисов беше премиер кога Бугарија стави вето на пристапните преговори на Македонија со ЕУ – се наведува во анализата на британскиот портал.
Привремениот премиер Стефан Јанев истакна дека неговата Влада не е во можност да го тргне ветото, но Борисов му сугерираше на Заев дека сегашната бугарска Влада всушност би можела да го стори тоа.
– Политиката на претходната бугарска Влада на Борисов во поглед на евроинтеграцијата на државите од Западен Балкан беше конструктивна се до блокадата за Македонија. Заострувањето на ставот беше сметано од страна на бугарската јавност како последен обид за придобивање поддршка пред парламентарните избори одржани во април. Но потегот не резултираше со дополнителна поддршка, па затоа се смета дека Борисов повторно го смени пристапот – наведува авторката Марија Николова.
Таа смета дека ако партијата ГЕРБ на Борисов се врати на власт на претстојните избори во јули, бугарската блокада за Македонија веројатно ќе биде тргната. Но, ова е малку веројатно сценарио според последните изборни анкети во Бугарија. Ако повторно нема јасен победник на изборите во Бугарија, тогаш одлуката на Заев за наклонетоста кон Борисов ќе биде доведена во прашање, се заклучува во анализата на британскиот портал.