Истражување: Колку условниот дел од референдумското прашање ѝ е достапен на јавноста?
Во јавноста, повеќезначноста на референдумското прашање предизвика дебата за тоа дека првиот со вториот дел од прашањето е поврзан како „услов без кој не се може“ (conditio sine qua non) и дека без еден заеднички (на двата дела од прашањето) позитивен одговор не може да сметаме на напредок и интеграции. Од друга страна, толкувањата се во насока дека референдумското прашање содржи две амбивалентни (тотално неспоиви) позиции, кои никако не одат една со друга и немаат допирни точки, ниту по својата содржина ниту по формата, особено од аспект на нормите на меѓународното апсолутно право. Но излегува дека кршењето на копјата во врска со спогодбата, за голем дел од граѓаните се одвива во магла?! Имено, според истражувањето, ниту спогодбата е толку многу достапна во јавноста, а уште помалку граѓаните ја прочитале, за да можат квалитетно да заземат став по ова прашање, кое го доби атрибутот „историско“
Се трошат деновите од септемврискиот календар, а Македонија сериозно наближува до денот одреден како референдумски – 30 септември, кога граѓаните треба со еден одговор да се изјаснат за три важни прашања за својата и за иднината на земјата, собрани во една прашална фраза. Се разбира дека е очигледно дека тежиштето на формулацијата на референдумското прашање „Дали сте за влез во НАТО и во ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Р. Македонија и Р. Грција“ е на евроатлантската интеграција, но вистина е и дека постојат низа недоречености, недоумици, можеби и контроверзии што ги содржи вториот дел на референдумското прашање, врзано за спогодбата (договор) потпишана во селото Нивици, Мала Преспа, на 17 јуни годинава. Во јавноста повеќезначноста на референдумското прашање создаде низа дебати, од тоа дека едното со другото е „услов без кој не се може“ (conditio sine qua non) до толкување дека прашањето содржи две амбивалентни (тотално неспоиви) позиции, кои не одат една со друга. Уште повеќе, дека референдумското прашање е чудно составено и може да ја дефокусира јавноста од стапиците на спогодбата со која „се деградира македонскиот национален идентитет, со прифаќање на името Северна Република Македонија за севкупна употреба, односно таквите промени да бидат интегрирани во македонскиот Устав.
Официјално, кампањата за референдумот треба да започне на 10 септември, но Владата на РМ веќе го започна својот карван за убедување на граѓаните под слоганот „Излези за европска Македонија“. Опозицијата сѐ уште се воздржува да го упати својот повик за одзив или за бојкот на референдумот, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на митинг искажа невообичаен и нејасен став за политички лидер, во стилот „кој сум јас да им кажувам на граѓаните како да одлучат за референдумот“. Иако на референдумот, закажан за 30 септември, му се даваат атрибути како „историски, судбински, пресвртен за иднината“, сепак се чини дека јавноста нема прецизни сознанија какви сѐ промени, уставни, државноправно статусни, општествени, економски, социјални и националноидентитетски ќе се спроведат со прифаќање на договорот меѓу Р. Македонија и Р. Грција.
Во истражувањето на МЦМС, објавено десетина дена по распишувањето на референдумот (почетокот на август), меѓу другите резултати беше наведено дека само три отсто од граѓаните на Р. Македонија се запознаени со содржината на спогодбата од Мала Преспа, која би требало да ја прифатат на референдумот за да ја изразат и својата согласност за влез на земјата во ЕУ и во НАТО. Покрај синдромот на незаинтересираност (т.е. неразбирање) на граѓаните за „висока политика“, на кој обично се повикуваат и „играат“ политичарите кога сакаат да манипулираат со јавноста, некако се наметнува прашањето, колку им е достапен на граѓаните текстот од спогодбата за која треба да се изјаснат.
За политичарите, формата и законската обврска се задоволени со тоа што текстот од спогодбата е објавен на веб-страниците на неколку институции, па ќе се оправдаат дека кој се заинтересирал можел да прочита.
Но колку е навистина достапен текстот на спогодбата од Мала Преспа? Што велат за тоа аналитичарите и истражувачите од оваа област?
– Кога ќе отворите на веб-страницата на Владата на РМ, од десна страна ќе го видите линкот до спогодбата. Но кога ќе кликнете на линкот, прво што ќе видите е кампањата на Владата за придобивките од спогодбата, насловена „Факти за договорот“. Оваа кампања, најблаго речено, е со контроверзен информативен квалитет. Текстот на спогодбата, во изворна, нетолкувана верзија е на дното на страницата. Ниту на веб-страницата на Државната изборна комисија го нема објавено текстот на спогодбата, за кој се бара изјаснување од граѓаните. И на веб-страницата на Собранието на Република Македонија го нема текстот на спогодбата, но затоа ја има Одлуката за распишување на референдумот. Конечно, на страницата на Министерството за надворешни работи има банер-линк од конечната спогодба, каде што е објавен единствено текстот, без кампањата „Факти за договорот“.
Текстот е објавен и на македонски и на албански јазик. Сепак на линковите фигурираат различни текстови. Линкот до македонската верзија гласи: „Конечен договор за решавање на македонско-грчкиот спор за името и за стратегиското партнерство“. Додека на линкот до албанската верзија гласи: „Конечен договор за решавање на спорот за името“. На веб-страницата на СДСМ го нема договорот со Грција, но има банер-линк до сите соопштенија и бомбите од проектот „Вистината за Македонија“. А, пак, во нивната изборна програма (исто така линкувана на насловната страница), со која дојдоа во Владата на РМ, се вели дека нема да има уставни измени (стр. 172). Ниту на страницата на ВМРО-ДПМНЕ го нема истакнато текстот на спогодбата, но тука ќе го најдете повикот на претседателот и другите партии да се откажат од средствата за референдумската кампања и да ги вложат во полза на решавање на проблемите – открива во своето истражување политикологот Маја Величкова.
Освен тоа, Величкова забележува дека на сите гласачи мора да им се обезбедат точни и објективни информации. Овие информации треба да се објават во „Службен весник“ пред одржувањето на референдумот. Но објавувањето во „Службен весник“ не е доволно. На секој гласач мора да му биде испратен целиот релевантен материјал, придружено со објаснување, кое, покрај гледиштето на законодавецот, ќе ги содржи и спротивните ставови, на балансиран начин. Објаснувањето треба да се осврне и на последиците што секоја од понудените опции за гласање ќе ги има за резултат. Сето ова треба да се достави до гласачкото тело навремено, на официјалниот јазик и на јазиците на националните малцинства. Но ниту законот ниту спогодбата не се објавени во „Службен весник“, со што се спроведува гласање за акт што не е поминат низ сите законски филтри.
Главниот предизвик за успех на референдумот, за кој најмногу е загрижена Владата, е постигнување на цензусот, односно одзив од повеќе од 900.000 гласачи (половина од запишаните во избирачкиот список). Уште пред потпишувањето на спогодбата, граѓани од дијаспората, кои исто така имаат право на глас за референдумот и се заведени како гласачи во избирачкиот список, масовно се изјаснуваат на социјалните мрежи за бојкот на референдумот.
Сепак, истата дилема, односно колкумина го прочитале интегралниот текст на конечната спогодба се поставува и за дијаспората.
– Со голема сигурност би можел да потврдам дека речиси 99 отсто од луѓето од македонската дијаспора го немаат прочитано текстот на спогодбата. Информациите за политичките случувања во Македонија, особено сега, околу референдумот, во дијаспората се добиваат најмногу преку социјалните мрежи, или во контактите со семејствата. Во дијаспората речиси и не се чита македонскиот печат, но морам да забележам дека и во Македонија речиси и немаше дебата за содржината на спогодбата од Мала Преспа. Суштината на спогодбата е јасна и таа е поразителна за Македонија, но се чини дека во кампањата за референдумот се прави обид тој проблем да се затскрие со правни и технички формулации, кои не мора да му бидат јасни на некој што не е правник. Токму со такви сложени правни и технички формулации се манипулира во информирањето на граѓаните на Македонија за последиците и штетноста на конечната спогодба за иднината и постоењето на државата – вели Димитар Морацалиев, адвокат со специјалност од деловно право во Женева (Швајцарија), како дел од македонската дијаспора.