Договорот од Преспа без проблем ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент, изјави портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчкото радио „Реал фм“.
– Секако дека ќе помине во парламентот. Може секој да ги изброи политичките изјави дадени до сега и да види дека постои реално мнозинство за да помине Договорот од Преспа и да биде ратификуван од грчкиот парламент. Според тоа, не постои никакво прашање, никаква причина за нас, да отвориме во овој момент предизборна дискусија, изборна дискусија или нешто такво – вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор на Грција.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на текстот во „Катимерини“ дека Договорот од Преспа носи и избори во Грција, порано од предвиденото, Ѕанакопулос, во интервјуто, коментира дека уште од 2016, континуирано слуша сценарија за предвремени избори и вели дека грчкиот премиер сака да го заврши четиригодишниот мандат одреден со Уставот.