Повеќепати досега се анализирани плусовите и минусите на земјите-кандидати за НАТО, откога ќе се зачленат во воената алијанса. Фокусите на таквите анализи се различни, од воени, економски, финансиски, политички, социјални, па дури до еколошки. Од друга страна, многу поретко се анализирани придобивките на НАТО со приклучувањето на новите членки и што можат тие како држави, територии и ресурси, всушност, да ѝ понудат на Северноатлантската алијанса. Од поширокиот текст за белградска „Правда“, ги издвоивме поентите на воениот аспект на аналитичарот Мирослав Лазански. Надвор од политичкиот дискурс, тој одговара на прашања за Македонија, Црна Гора и за БиХ токму тргнувајќи од тежиштето на бенефициите за НАТО…
Што добива војнички НАТО со влегувањето на Македонија во сојузот?
Лазански: Пред сѐ, воениот полигон Криволак, единствен полигон во Европа каде што се можни вежби со некои видови вистински бојни отрови. Ќе гаѓаат ли сега американските авиони А-10 цели на Криволак со муниција со осиромашен ураниум? Секако дека ќе гаѓаат, бидејќи кој во Скопје би можел во врска со таа муниција да го праша големиот сојузник? Никој. Ќе бидат среќни ако големиот сојузник им вети дека Албанците нема еден ден да им ја разбијат (растурат) земјата. Освен Криволак, НАТО го добива на користење и цивилно-воениот аеродром Петровец крај Скопје. Ништо ново, бидејќи досега го користеше кој како што сакаше. Со влегување на Македонија во сојузот, НАТО ја зацврстува копнената линија на комуникација: албански пристаништа – Македонија – бугарски пристаништа на Црно Море. Поточно, НАТО сега брза што побргу да ја приведе кон крај балканската кампања за проширување. Од Брисел инсистираат на акциски план за придружување на БиХ. Но геостратегиски гледано, проширувањето на НАТО на исток далеку го надминува и влегувањето на Црна Гора и на Македонија во НАТО, бидејќи планетарната безбедност не зависи од двете поранешни југословенски републики.
НАТО – Црна Гора?
Лазански: Со влегувањето на Подгорица во западната Алијанса, политичката елита истовремено се надева дека добила цврсти безбедносни гаранции во поглед на границите. Но, бидејќи официјално, тоа е еколошка држава, следува и прашањето, може ли врвниот туризам да оди заедно со постојаното или привремено закотвување воени бродови во црногорските пристаништа и во територијалните води. Што ќе се случува во летната туристичка сезона кога на релативно малиот брег ќе се истоварат неколку илјади морнари во бели униформи? Тогаш тука нема врвен туризам. Или, пак, НАТО-бродовите ќе го избегнуваат црногорскиот брег во летната сезона? Во околности кога само пристаништето Бар е во состојба да ги прифати таквите бродови? Другите бродови би морале да одат на сидришта.
Сите земји на НАТО, кои имаат развиен туризам, строго внимаваат да не го загрозат со какви било воени бази, па околу ова прашање и се договорија со НАТО преку специјални договори. Се знае каде можат да впловат воените бродови на НАТО што поседуваат и нуклеарно оружје. Со кои инструменти, сензори или на друг начин властите во Црна Гора можат да детектираат нуклеарно оружје на некој воен брод на НАТО во водите на Црна Гора? Со сегашните технички и човечки капацитети со кои располага Црна Гора тоа е невозможно. Како ќе разликувате нуклеарна боева глава на некоја ракета на некој воен брод од обична конвенционална боева глава? Така што ќе чукнете со чекан по таа глава? За некој друг, посовршен инструмент за детекција во опремата на војската на Црна Гора, наследена од опремата на ЈНА, навистина не знам.
Што може тогаш да му понуди Црна Гора на НАТО освен едно пристаниште и сидришта. Двата аеродрома се цивилни, а НАТО во принцип не ја сака двојната улога на аеродромите. Освен тоа, НАТО има на располагање добри аеродроми во Хрватска, Албанија, Македонија и во Косово. Подгорица може на Алијансата да ѝ понуди 50 војници за некои мисии на НАТО во светот. Воено тоа е безначајно, но тоа барем симболично го зголемува бројот на државите што се со Америка.
Какви се односите на релацијата НАТО – БиХ?
Лазански: Кога е БиХ во прашање, НАТО поинаку се доживува во Сараево и во Бања Лука. Сараево, се разбира, е безусловно за влегување во НАТО. Република Српска е против, а без нејзина согласност нема влегување во Алијансата. Пред неколку години од Брисел ултимативно бараа промена на Уставот на БиХ, како услов за земјата да биде примена во НАТО. Имено, од Брисел тогаш порачаа дека ваква БиХ, каква што е денес, не може да биде примена ни во ЕУ ни во НАТО. Сараево, разбирливо, тоа благонаклоно го поддржа, што во Бања Лука пак се доживува како настојување на Сараево преку НАТО да ги направи промените во Уставот и целосна ревизија на Дејтон. Бања Лука тоа го гледа во контекст на „малку во војна, малку во мир, сѐ со помош на НАТО“. НАТО е со години во БиХ, а сега настојува да формира и воена академија на војската на БиХ според НАТО-модел. Вооружените сили на БиХ воопшто не се самостојни, тие се под директна команда на НАТО, бидејќи ниеден повисок офицер на таа армија не може да биде унапреден, ниту поставен на некоја функција, без претходно одобрение на НАТО. Во времето, кога пензионираниот американски генерал Жак Клајн беше претставник на меѓународната заедница во БиХ, дојде до идеја радиоактивниот отпад од Запад да го смести во тунелите на разурнатиот подземен аеродром Жељава крај Бихаќ. Аеродромот е граден на карстен терен, каде што подземните води се силни, па да не беше откриена навреме намерата на генералот Клајн, целото тоа подрачје би било контаминирано.
Алијансата бара нови вежбалишта и депонии за радиоактивна муниција и материјали. Каде е подобар изборот и каде некој не поставува незгодни прашања, ако не на Балканот?