Десет блиц прашања за десет блиц одговори од Оливер Деркоски, претседател на Државната изборна комисија
Дали Државната изборна комисија (ДИК) е целосно подготвена за одржување кредибилни избори, а над сѐ, безбедни по здравјето на гласачите?
– Да! ДИК изминатиот период ги презеде сите потребни мерки за да обезбеди соодветна заштита на гласачите и да им обезбеди сигурно и безбедно гласање.
Колку избирачки места се променети? Дали гласачите знаат за тие локациски промени?
– Променети се повеќе од 200 избирачки места, откако изминатите недели направивме проверка на истите тие низ целата држава. Граѓаните се веќе известени за тоа преку ОИК и нашите подрачни одделенија. Не се менува описот на избирачкото место, туку само локацијата што е во близината. Во голем дел избирачките места во училиштата беа соодветни, а дислоцирани се само оние што се наоѓаа на втор кат или, пак, беа во мали простории.
Што доколку некој гласач се појави на гласање со маска на која има амблем на политичка партија или, пак, амблем што асоцира на блискост до некоја партија? Дали ќе му биде дозволено да гласа?
– Не! Не може да се оди на гласање со обележје на која било партија и таквиот граѓанин нема да може да гласа.
Ова се први вакви специфични избори на кои ќе се гласа три дена, но и ќе биде продолжено времето за гласање за два часа. Според анкетата со граѓаните, има мал интерес за гласање. На што се должи тоа?
– Веројатно најголема причина е стравот кај оние што се позитивни на ковид-19, како и на оние што се во самоизолација поради контакт со заболено лице. Но сметам дека тука има и причини од традиционален карактер.
Дали на лице што нема да носи заштитна опрема ќе му биде дозволено да гласа?
– Не! Но секој избирачки одбор ќе има одредено количество маски, кои ќе им бидат дадени на гласачите што немаат маска, за да гласаат. Веќе имаме обезбедено доволно маски за сите. Тоа го обезбеди Министерството за здравство.
Ракавици?
– Нема да биде потребно носење ракавици од страна на гласачите на самото изборно место. Веќе предвидовме да се врши дезинфекција при влез и при излез од гласачкото место.
Во изминатиов период во Србија и во Хрватска се случија избори. Граѓаните ги интересира дали ползувавте некои искуства оттаму, кои се нивните совети, што може да бидат слаби точки, на што да се обрне внимание?
– Со некои од нив контактиравме за да размениме искуства. Во најголем дел, со оглед на тоа дека и во овие држави има зголемен број заразени од коронавирусот, нивните препораки се: апсолутно доследна примена на мерките за здравствена заштита!
Набљудувачи?
– Досега се пријавени околу 3.000 набљудувачи од странски и од домашни организации. Рокот сѐ уште е во тек, така што очекуваме бројката да се зголеми.
Последното прашање е од името на медиумските работници. Имено, како ќе се одвива медиумското известување од ДИК на денот на гласање? Со оглед на тоа дека пресовите на ДИК ги следат голем број медиуми, а условите во ДИК не се просторно доволни за дистанца од два метра за секого?
– ДИК набави опрема за стриминг, така што сите новинари, фоторепортери и сниматели ќе можат да ги следат пресовите на ДИК. Во план и подготовка е да биде преуредена терасата на комисијата, на која ќе се овозможи на отворен простор новинарите да го следат и да известуваат за изборниот ден.
На сите учесници во изборите им посакувам кредибилни и здравствено безбедни избори!
Во широка и масивна анкета низ целата држава, граѓаните во пресрет на парламентарните избори на 15 јули покажаа исклучителен интерес активно да се вклучат со свои прашања, пораки и дилеми до Државната изборна комисија (ДИК). Од реализираната анкета со граѓаните и нашите читатели, ги издвоивме најфреквентно поставените прашања. На прашањата на граѓаните директно и децидно одговара претседателот на ДИК, Оливер Дерковски. Нашиот весник е само медиумската платформа преку која се пренесува гласот „од граѓаните, за граѓаните“.