Во текот на вчерашната седница во Собранието на Република Македонија, каде што на дневен ред на пленарната седница беше предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија за промена на името на државата во согласност со спогодбата со Грција, беше посочено дека сите политички субјекти од Македонија уште во 2008 година изградиле заеднички обединувачки став во однос на спорот со Грција и изгласале резолуција, именувана како Резолуција за решавање на спорот за името. Резолуцијата, според пратеникот Илија Димовски, е последниот и единствен правно обврзувачки документ на оваа, но и на сите други влади во иднина, според кој треба да се водат политичките чинители и таа, како што посочи пратеникот Димовски, всушност претставува обединувачка регулатива по сите основи, етничка, верска, партиска или која било друга.
Во резолуцијата, која инаку била донесена на 3 ноември 2008 година, веднаш по самитот на НАТО во Букурешт и тогашното вето од Грција, се наведува дека во разговорите за името мора да се зачуваат највисоките државни и национални интереси, идентитетот на македонскиот народ, јазик, историја, култура и постоење на македонското малцинство во Грција и да се афирмира позицијата на Македонија како суверена и самостојна држава. Во светлина на актуелната собраниска дебата за измени на Уставот, интересно е да се види што всушност содржи и предвидува оваа резолуција од 2008 година. Затоа, во продолжение ги објавуваме најзначајните елементи од документот за кој тогаш гласаа сите партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ….
Во резолуцијата, меѓу другото, пишува дека „при утврдувањето на стратегијата, задолжително е да се имаат во предвид ставовите, предлозите и мислењата на политичките партии застапени во Собранието. Во подготвувањето на државната стратегија, да се консултираат експертската јавност и невладините организации што се занимаваат со меѓународна политика. Да се засилат дипломатските активности на надлежните политички субјекти во земјата и странство, при што да се афирмираат виталните интереси и стратегиски цели на Република Македонија и да се укажува на потребата од почитување на темелните документи на Обединетите нации и меѓународното право.
Понатаму во резолуцијата се наведува дека треба да се обезбеди континуирано, навремено и објективно информирање на граѓаните на Република Македонија со елементите и имплементацијата на државната стратегија за решавање на спорот со Грција за нашето уставно име. Во резолуцијата децидно стои дека императив во политичкото дејствување, освен одбраната на идентитетот, јазикот, културата, ќе биде и иметo, како и историјата, културата и заштитата на македонското малцинство насекаде во опкружувањето, и тоа да претставува императив во политичкото дејствување на Република Македонија.