Наспроти реториката на митинзите и тенденцијата да се говори на разни теми, во програмите на претседателските кандидати се опфатени области кои во добар дел спаѓаат во рамките на надлежностите на функцијата на која претендираат.
Програмата на Стево Пендаровски, консензуалниот кандидат на СДСМ и на ДУИ, како и на другите партии од владејачката коалиција е конципирана во шест столба, но се наведени и осум најважни проекти што ги планира во првите осум месеци од мандатот. Столбовите на кои се темели изборната програма се насловени како: претседателот обединува, безбедна иднина, лицето на државата, соседите, стратегиска цел, демократска и правна држава и националната безбедност. Во духот на изборниот слоган „Заедно напред“, Пендаровски, во првиот столб од својата програма се насочува кон барање решенија за надминување на партиските поделби во интерес на довршување на процесите за членство во НАТО, секако со безрезервно почитување и спроведување на Уставот и законите.
Воедно се обврзува дека државата ќе биде пријател, а не непријател со своите соседи. Како врховен командант приоритет ќе му биде модернизацијата на армијата во согласност со стандардите на НАТО.
Според програмата на Стево Пендаровски, забележливо е дека за него новото име на државата, како обврска од Преспанскиот договор, е прифатен факт со кој нема намера да се занимава, односно да го ревидира во текот на претседателскиот мандат.
За разлика од програмата на Пендаровски, онаа на неговата противкандидатка, поддржана од опозициската коалиција, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, професорката Гордана Сиљановска-Давкова, е поделена на неколку теми, од кои може да се види дека во фокусот на нејзиниот мандат би било занимавањето со можностите за ревизија на Преспанскиот договор преку меѓународното право. Доминантните теми во нејзината претседателска програма се: право и правда за Македонија; Уставот; меѓународното право и Преспанскиот договор; економија; безбедност, одбрана и НАТО; животна средина и правда; надворешна политика; Македонија со соседите, НАТО, ЕУ. Во својата претседателска програма, Сиљановска-Давкова не го користи новото уставно име на државата и ветува дека како граѓанин нема да ја користи придавката „северна“ пред Македонија. Во речиси секоја точка од нејзината програма има предвидено повеќе проекти со кои ќе настојува да ја вклучи јавноста во нејзиното работење.
Како трет кандидат во изборната трка за претседател (всушност прв на избирачкото ливче) е претставникот од албанската етничка заедница во Македонија, професорот и дипломат Блерим Река. Во центарот на неговата изборна програма тој ја наведува републиката како концепт што се потпира на: владеење на правото, функционалната демократија, независното судство и почитувањето на човековите права. Програмата на кандидатот, поддржан од албанските партии Беса и Алијанса за Албанците, се темели на пет приоритети од кој највисокото место е – стабилна мултиетничка држава како водечки мотив во неговиот ангажман во внатрешната политика. Блерим Река смета дека официјализирањето на албанскиот јазик останува последното отворено меѓуетничко прашање и дека трите закони за јазиците не го решиле проблемот, зашто погрешно го озакониле концептот на т.н. „статистичка нација“ од 20 отсто. Стратегијата во областа на безбедноста, Река ја дефинира во втората точка од програмата: Македонија – 30 членка на НАТО. Другите точки во неговата програма се: држава-преговарач со ЕУ, нула проблеми со соседите и перспективна држава, а не празна држава (како визија за иднината). П.Ј.