Најпрво претседателот Иванов во своето традиционално годишно обраќање во Собранието го цитира Глигоров, за потоа и премиерот Заев во своето обраќање на социјалните мрежи, исто така, да го цитира првиот македонски претседател
Во годината во која треба да се одржат претседателските избори во Македонија, случајно или не, двајца највисоки македонски функционери, претседателот на државата Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев, во нивните обраќања до граѓаните цитираа мисли на првиот македонски претседател Киро Глигоров.
Најпрво претседателот Иванов во своето традиционално годишно обраќање во Собранието го цитира Глигоров.
– Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој устав, влада, партија, па дури и од државата, и дека ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа име и со тој идентитет, а наша цел треба да биде да ја градиме Република Македонија како држава што ќе трае и ќе нѐ надживее и нас и нашите деца – се зборовите на Глигоров на кои се повика Иванов.
Бидејќи високата политика, во принцип, не познава случајност и секој потег и искажан збор носат некоја порака, се обидовме да дознаваме зошто токму во овој период се цитира Глигоров и дали можеби тоа има некаква поврзаност со актуелните политички случувања, Преспанскиот договор и, секако, со претстојните претседателски избори во државата
Подоцна на 2 јануари, пак, се огласи и премиерот Заев, кој во своето обраќање на социјалните мрежи исто така го цитира првиот македонски претседател.
Премиерот Заев во својата објава на Твитер напиша дека се сеќава на првиот претседател Глигоров, кој, според него, имал исклучително важно учество во политичкото осамостојување на Македонија, градејќи ја земјата како едно општество, и додава дека треба да погледнеме кон минатото како важна лекција кога работиме за иднината.
– Без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски во новата државата и дека тука не треба да се прави никаква разлика – ја цитира Заев, изјавата на Глигоров.
Бидејќи високата политика, во принцип, не познава случајност и секој потег и искажан збор носат некоја порака, се обидовме да дознаваме зошто токму во овој период се цитира Глигоров и дали можеби тоа има некаква поврзаност со актуелните политички случувања, Преспанскиот договор и, секако, со претстојните претседателски избори во државата.
Стручната јавност со која се консултиравме во сублимиран заклучок констатира дека двајцата македонски државници, цитирајќи го Глигоров, едноставно влечат инспирација во своите говори, обидувајќи се преку името на првиот претседател инвентивно да ја доближат својата порака поблиску до граѓаните.
Натаму, експертите велат дека функционери што потекнуваат од спротивни политички табори, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, користејќи го историското и политичко значење на Глигоров, всушност најавуваат жестока но и тешка битка на претстојните избори за шеф на државата.
Политикологот Милан Стефаноски, пак, вели дека е разбирливо зошто во изборна година почна да се користи името на Киро Глигоров во говорите и обраќањата на Иванов и на Заев.
Според Стефаноски, сето тоа е симболика дека на изборите годинава ќе се избира претседател, кој ќе ја има „тежината“ во дејствувањето на неговата функција исто како онаа што ја имал Глигоров, кој во два мандати дејствувал во турбулентни времиња по независноста на државата.
Дополнително, Стефаноски верува дека Глигоров најверојатно е избран да се употребува во говорите на актуелните државници од страна на нивните пиар-тимови, бидејќи првиот претседател во колективната меморија на најголем дел од граѓаните се поврзува со формирањето на Република Македонија и со нејзините државни симболи, а сето тоа од времето на Глигоров е актуелно особено сега со процесот на промената на Уставот на земјата.
Политичкиот аналитичар Јове Кекеновски размислува слично како Стефаноски и додава дека името на Глигоров најверојатно се користи од страна на актуелните политичари за да се ублажи акумулираното незадоволство поради актуелните политички процеси и со актуализирањето на првиот претседател се има намера да се создаде слика дека иако се одвиваат тешки политички процеси тие навидум не се штетни за државата.
Кекеновски додава дека оваа практика на цитирање изјави од поранешни државници, како на пример на Глигоров, би била искрена доколку таа би се користела во секојдневието и почесто, а не само во годината кога треба да се одржат претседателските избори во земјата.