Се зголемува загриженоста во Брисел за толеранцијата кон Софија за тамошниот кронизам и за корупцијата. Бугарија постојано бележи најнизок рејтинг меѓу европските држави на индексот за перцепција на корупција на „Транспаренси интернешенел“. Обвинителството во шпанскиот регион Каталонија наводно истражува случај на перење пари со можна поврзаност со бугарскиот премиер Борисов
Христо Иванов пренесуваше во живо на Фејсбук пред вилата на Црно Море во јули, кога три крупни чувари во водата го турнаа него заедно со други двајца активисти. Бугарскиот опозициски политичар продолжи да снима кога агенти на тајната служба се заканија дека ќе го потопат бродот со кој активистите се довезоа до имотот познат по тоа што му е на располагање на Ахмет Доган, еден од водечките политички моќници во државата. Илјадници луѓе во реално време го следеа настанот додека полицијата ја распитуваше групата предводена од Иванов.
Видеоснимката, која оттогаш има над 1,2 милион прегледи, предизвика повеќенеделни протести низ земјата против политичкиот кронизам. Противниците на владата на Бојко Борисов обвинуваат дека таа претставува еден микрокосмос на бугарските проблеми со корупцијата и владеењето на правото речиси 14 години откако државата стана членка на Европската Унија (ЕУ).
Политичките тешкотии на Борисов отвораат тешки прашања за Брисел и за другите земји од ЕУ. Критичарите велат дека не успеале да извршат доволен притисок врз Софија за да го подобри владеењето. Тензиите се зголемија во изминативе неколку недели откако Бугарија го блокираше почетокот на преговорите за влез на Македонија во Унијата, што ги поттикна стравовите дека Софија може да им се приклучи на Будимпешта и на Варшава во нивните чести битки со Брисел и другите членки.
Бугарија доби милијарди евра од ЕУ откако стана нејзина официјална членка во 2007 година. Симеон Џанков, бугарски економист и висок соработник на институтот за меѓународна економија „Питерсон“, вели дека дел од проблемот се парите што ги добила најсиромашната држава во ЕУ.
– Европските фондови практично ги зголемија корупцијата и заробувањето на државата. Тие се користеа за да се купат, директно или преку проекти, поголем дел од медиумите и на тој начин се обезбеди покритие на политичарите – вели Џанков, кој беше министер за финансии во првиот мандат на Борисов, од 2009 до 2013 година.
Кога Бугарија стана дел од ЕУ заедно со Романија, двете држави беа подложени на специјален мониторинг на спроведувањето на власта. Букурешт првично забележа силен напредок во борбата против корупцијата, но во 2018 година навлече силни критики од страна на Брисел поради нападот врз независноста на судството, организиран од тогашната владејачка партија на социјалдемократите. Бугарските проблеми привлекоа помало внимание, со тоа што некои дипломати порачаа дека Брисел не сака истовремено да ги критикува двете членки што се приклучија во 2007 година.
– На Бугарија и на Романија со години им се даваше еден вид слободна карта – смета Џанков и додаде дека поради финансиската криза од 2008 и мигрантската криза од 2015 година, „ЕУ всушност никогаш не најде време навистина да размислува за нејзино проширување“.
Портпаролот на Европската комисија изјави дека еден лански извештај открил дека „Бугарија постигнала значаен напредок во исполнувањето на своите обврски во однос на проширувањето на ЕУ“. Сепак, портпаролот истакна дека „еднакво е јасно дека сè уште има некои недовршени работи“.
Но по промената на власта во Букурешт во 2019 година и среде зголеменото незадоволство од авторитарната промена во Централна и во Источна Европа, вниманието се сврти кон Софија. Во еден скорешен извештај за владеењето на правото во Бугарија, Европската комисија изрази загриженост за нетранспарентното сопствеништво на медиумите, притисокот врз новинарите и новиот предлог-закон за странско финансирање невладини организации. Во јуни, Европскиот суд на правдата откри дека сличен закон во Унгарија не соодветствува со основните европски права.
Комисијата исто така соопшти дека „треба дополнително да се потврдат убедливите тврдења за случаи на корупција на високо ниво“. Понатаму беше истакнато дека „недостигот од резултати во борбата против корупцијата е еден од клучните аспекти за избувнувањето на протестите во летото во 2020 година“.
Бугарија постојано бележи најнизок рејтинг меѓу европските држави на индексот за перцепција на корупција на „Транспаренси интернешенел“ и драстично ѝ падна рејтингот на медиумска слобода откако стана дел од ЕУ. Четири петтини од граѓаните сметаат дека корупцијата е широко распространета.
Обвинителството во шпанскиот регион Каталонија наводно истражува случај на перење пари со можна поврзаност со Борисов, кој порано му бил телохранител на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, пред да влезе во политиката. Бугарскиот премиер ги негираше обвиненијата против него. Неодамна беа обелоденети фотографии од наткасната во спалната соба, на која се забележува пиштол ставен врз куп банкноти од 500 евра со вкупна вредност од еден милион евра. Борисов призна дека поседувал пиштол, но изјави дека фотографиите биле наместени.
Во меѓувреме, владата на Борисов исто така се најде под притисок поради скорешното противење за почеток на пристапните преговори на (Северна) Македонија за влез во ЕУ.
– Тие мислеа дека Борисов ќе го води процесот. Тоа го става европскиот проект под ризик на еден невиден начин – посочи Весела Чернева, директорка на канцеларијата на Европскиот совет за надворешни односи во Бугарија.
Венецијанската комисија на Советот на Европа исто така го вклучи алармот за уставните измени, поддржани од партијата ГЕРБ на Борисов, со кои би се зголемиле ингеренциите на јавниот обвинител и би се намалиле оние на претседателот и на министерот за правда. Главниот јавен обвинител Иван Гешев се смета за близок соработник на Борисов. Бугарскиот претседател Румен Радев им се спротивстави на двајцата.
Џанков порача дека Брисел премногу доцна ја сфати опасноста од бугарската корупција.
– Брисел треба да биде убеден дека ако нешто не се преземе наскоро, Бугарија и Борисов ќе им се приклучат на Јарослав Качински од Полска и на Виктор Орбан од Унгарија и може да стане предмет на загриженост. Ваквиот исход одамна беше познат – вели Џанков.
Иванов, по бегството од бродот во Црно Море, за „Фајненшел тајмс“ изјави дека Борисов успеал да напредува на европско ниво, затоа што останал во конзервативната политичка тенденција, со тоа што ГЕРБ ѝ припаѓа на центристичко-десничарската група во Европскиот парламент. Тој не ја користи нелибералната реторика што произлегува од Варшава и од Будимпешта. Но сега, како што посочи Иванов, Бугарија може да се смета како „дел од поголемата шема на корупција и популизам што премногу добро се провлекуваат низ вените на европското донесување одлуки“.