Ова значи постоење на два или повеќе сегменти во општеството што се со приближно еднаква моќ (големина). Во нашиот случај, албанскиот кампус се амбицира дека е еднаков со македонскиот(!?). Во таква ситуација и со такви амбиции, по теоријата за политичките системи, Груби промовира два конститутивни народи (или, пак, сите ентитети во државава да имаат малцински статус) и еднаква можност да влијаат врз донесувањето на (владините) политички одлуки(!?). Постоењето на два доминантни субјекти е бинокуларно устројство и неминовно доведува до заемни блокади и уцени. Тоа доведува и до обраќање само до сопствената избирачка база низ средства што се засноваат на етнополитичка мобилизација, а со тоа политиката и одлучувањето добиваат антагонистичка форма. Таквиот начин и систем не ветуваат стабилност и носат ризик од парализа на институциите
Иако одминува првата седмица од новиот мандат на владата на старo-новата коалиција помеѓу СДСМ и ДУИ, на политичката и на експертската јавност и понатаму не ѝ е докрај јасно како ќе функционира таа во практиката, со еден или со двајца премиери.
Изјавата на првиот вицепремиер но новата влада, Артан Груби, дека ќе има задолжително консензуално одлучување во Владата, во јавноста се толкува и дека без негово одобрување нема да може ништо да помине, што само по себе е „блокада во најава“ за работењето на новата влада. Но може ли Македонија да си дозволи нови блокади и опструкции и од формалноправен, но и од содржински аспект?
Уставот и законите над сѐ, во пакет со функционална влада и институции
Во услови на тешки предизвици пред кои се наоѓа државата, соочена со пандемијата на коронавирусот и исправена пред сериозни одлуки за помош на економијата, реформи во образованието и правосудството, на Македонија ѝ е потребна ефикасна извршна власт. Каков било обид за двојство може да биде погубен за државата.
Но токму воведувањето на „титулата“ прв вицепремиер како резултат на постизборниот политички договор, коалицискиот партнер ДУИ го доживува како можност за консензуално одлучување, или, како што вели првиот вицепремиер Артан Груби, нивна шанса за ковладеење. Тоа само по себе подразбира двојство во одлучувањето, блокирање и забавување на сите задачи и одлуки што ќе се најдат на разгледување пред Владата.
Носителот на функцијата прв заменик-претседател на Владата (прв вицепремиер), Артан Груби, најавува дека неговата функција не е само формално именување, туку претставува исчекор кон нов начин на носење одлуки во извршната власт.
– Како што може да видите и во коалицискиот договор и во програмата на Владата, консензуално одлучуваме, заеднички сите како колективно тело за доброто на сите граѓани и имплементирање на програмата – истакна Груби.
Но консензуалното одлучување во Владата воопшто не е предвидено со важечкиот Закон за влада.
Што значи во политичката теорија примената на консензуално договарање?
Во Македонија веќе имаше еден преседан со воведување на Бадентеровото мнозинство при носење важни одлуки во Собранието, но сега се оди чекор понатаму и во доменот на работењето на Владата, односно извршната власт. Според експертите и аналитичарите, принципот на консензуално одлучување што го најавува ДУИ, преку Груби, е поблиску до федерализација и поделба на државата отколку до наводна поголема демократизација.
Професорката Биљана Ванковска во својот опсежен труд „Политички систем на Република Македонија“ детално се осврнува на т.н. консензуален модел. Имено, консензуалното договарање како еден сегмент на таквиот модел на политички систем во теоријата (а и во практиката) е карактеристика „за длабоки поделени, фрагментирани општества, во кои постојат длабоки линии на поделба по етничка, религиозна или јазична основа, што создава длабок конфликтен потенцијал“.
– Во таквите општества постојат спротивставени идентитети, а идентификацијата со националната заедница е слаба и непостојна. Главната поставка е дека во ситуација на консензуално договарање, во општеството постојат многубројни дивергентни интереси. Всушност, како модел на политички систем, таквиот модел се вбројува во арсеналот на стратегиите за решавање конфликти или за градење мир, во постконфликтните општества – пишува професорката Ванковска.
Кршење на Уставот и на законите или најава за нивна измена и дополнување
Професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска го разгледува ова прашање од легалистички аспект.
– Консензуалното одлучување во Владата и функцијата прв вицепремиер се коси со актуелниот закон за влада. Но со таква измена на законот ќе се измести целиот систем на организација на власта, односно моделот на влада што го имаме прифатено и го практикуваме досега, а кој е определен и во Уставот – вели професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.
Професорката Каракамишева-Јовановска појаснува дека, според Законот за влада и Уставот, владата е колегијален орган и одлуките се носат колективно на седница, односно со мнозинство гласови од членовите на владата. Таков модел на влада се применува во овие триесетина години од независноста на Македонија, во кој одлуката не ја носи премиерот, туку зад сите одлуки стои владата. Доколку е намерата да се примени британскиот модел, во кој одлуката ја носи премиерот (по консултација со одредени министри за одредено прашање од нивните ресори), Каракамишева-Јовановска вели дека за тоа, секако, се потребни законски, па и уставни измени.
Освен тоа, професорката укажува и на претенциозното и често неточно користење на правните термини и формулации во политичкиот дискурс, што го менуваат значењето, па и надлежностите на одредени функции и институции.
– Во нашиот систем воопшто немаме премиер и вицепремиери, туку претседател на Влада и негови заменици. Функцијата премиер содржи поголема тежина и самостојност во одлуките. Истото тоа се случува и при употребата на термините парламент и собрание (асамблеја), кои имаат некои суштински разлики во значењето и функционирањето – потсетува професорката по уставно право.
Од политичка гледна точка, поранешниот дипломат Ристо Никовски изнесува исклучително индикативни заклучоци. Тој смета дека сето тоа води кон нови непринципиелни, нелегални и неуставни отстапки спрема албанскиот партнер во Владата.
– Во дадената ситуација сметам дека треба да му се верува на Груби, бидејќи тие (неговата партија ДУИ) одамна заговараат консензуалност во државата, што значи федерализација. И упорно го спроведуваат тоа. Претседателот Иванов не го признаваа, зашто не беше избран според таквиот консензуален начин, но тоа го постигнаа со Пендаровски, што за нив беше голем исчекор. Воведувањето прв вицепремиер, и тоа Албанец, воопшто не е случајно. Министрите Албанци во македонската влада му одговараат на нивниот партиски лидер, сега ќе се пренесе во самата влада(?!). Груби отворено кажува дека албанските министри му одговараат нему. Разнебитувањето од нивна страна на Македонија и на Македонците не е завршено и следуваат и нови суштински, непринципиелни, нелегални и неуставни барања – вели дипломатот Ристо Никовски.