Нашата земја се најде меѓу 16-те држави што т.н. Група држави против корупцијата (ГРЕКО) ги оквалификува како „незадоволителни“. Симптоматична и храбра изјава во тој контекст даде и македонската претставничка во ГРЕКО, Ана Павловска Данева, која во борбата против корупцијата како своевиден проблем ја посочи Антикорупциската комисија, чија работа ја оцени како неефикасна и недоволно екипирана, која дејствува како орган на прогон, што таа го оценува како излегување од надлежностите…
Деновиве надлежните владини институции информираа дека во текот на 2019 година имало 41 новооформен предмет за кривични дела од областа на корупцијата, а меѓу нив се и девет случаи за корупција од висок профил. Понатаму, се вели дека за предмети од оваа област лани биле издадени 17 наредби за истрага, а меѓу нив доминираат оние за корупција во јавните набавки. Биле поднесени десет обвиненија, а биле донесени и десет пресуди, од кои една е ослободителна. Ваквите статистички податоци, како што појаснуваат надлежните, се користат за ажурирање на материјалот со кој перманентно и во континуитет се известува Европската комисија.
– Податоците ги собира Министерството за правда и се користат за ажурирање на материјалот за Европската комисија, но и да послужат за натамошна анализа на состојбите за ефикасноста на правосудните и другите органи во постапувањето по предметите за случаите на корупција – велат од Владата.
Оттаму за новинарите информираа дека преземањето активности за развој на систем за следење на предметите за случаите на корупција и генерирање статистички извештаи за мониторинг на Антикорупциската политика е во согласност со десетте принципи за унапредување на борбата против корупцијата во земјите што пристапуваат, земјите кандидати за членки на Европската Унија и трети земји.
ГРЕКО нѐ стави во групата незадоволителни држави
Во контекст на актуелните случувања, особено внимание привлекуваат информациите објавени во последниот извештај на оваа тема на Групата држави против корупцијата (ГРЕКО), во кој се вели дека корупцијата е најголемиот проблем со кој се соочува Македонија.
Оваа организација истакна 16 држави што целосно не го почитувале циклусот на ГРЕКО, меѓу кои е и Македонија, заедно со Ерменија, Австрија, Чешка, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Ирска, Луксембург, Монако, Полска, Португалија, Романија и Турција. Во делот на извештајот што се однесува на нашата земја стои дека е оценето дека реформите се подзапрени поради политичките кризи и изворите, а тие ќе треба да бидат спроведени кога ќе почне со работа новиот парламент.
Македонската претставничка во ГРЕКО, Ана Павловска Данева, во изјава за „Рес публика“, што го подготвува Институтот за комуникациски студии, потврди дека земјава се најде меѓу овие 16 држави оквалификувани како „незадоволителни“, но изрази надеж дека состојбата се подобрува и дека наскоро ќе излеземе од оваа група.
Притоа, во борбата против корупцијата таа како своевиден проблем ја посочи Антикорупциската комисија, чија работа ја оцени како неефикасна и недоволно екипирана, која дејствува како орган на прогон, што таа го оценува како излегување од надлежностите.На ова реагираше претседателката на комисијата, Билјана Ивановска, која на истиот поткаст изнесе неколку контрааргументи зошто таквите обвинувања се неосновани. Таа ја повика претставничката на Македонија во ГРЕКО да ја посети комисијата за да се запознае со нејзината работа.
Политичката волја и свест се најдобра алатка за борба
Билјана Ивановска во изјава за „Нова Македонија“ вели дека корупцијата сериозно може да се исправи како пречка во напредувањето на нашата земја кон ЕУ. Според неа, овој проблем може да се надмине единствено ако има политичката волја во земјава, но и развиена свест на сите елементи во нашето општество кон ова проблематика.
– Напредокот на земјата во битката со корупцијата е тесно поврзан со развојот на свеста за ова прашање. Односно од тоа колку ние, а со тоа и политичарите, сакаме да се реши овој проблем толку брзо неговото штетно влијание и ќе се намали – вели Ивановска.
Првата антикорупционерка вели дека најголема пречка во суштина е нефункционалниот правосуден систем.
– Сето тоа е голем проблем, бидејќи нашите закони се така составени за сѐ да се одигра според паролата „сѐ е по закон“. Односно, обвинителите и судиите не можат ништо да спроведат, бидејќи во суштина корупцијата ни е провлечена и во законските решенија – вели Ивановска.
Таа, сепак, се надева дека во земјава ќе надвладее логиката и здравиот разум во сите релевантни слоеви на општеството и во овој процес ќе го најдеме решението како подобро да ја решиме загатката со корупцијата, за да се обезбеди подобро и ефикасно општество, кое ќе личи на оние од ЕУ.
Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, пак, вели дека нашата земја го нема луксузот да не презема практични чекори за да се справи со овој проблем.
Тој подвлекува дека новата методологија за членство во ЕУ е конструирана така што ако не направиме видлив прогрес на оваа проблематика, може засекогаш да останеме заглавени на истата позиција и практично никогаш да не напреднеме кон членство.
Аналитичарот вели дека иако секаде во светот постојат корупција и корупциско дејство, но нашата земја, односно целиот овој регион во Европа е особено проблематичен за ваквата „активност“, а Брисел добро го знае тоа и затоа „ќе нѐ притисне но и услови“ во текот на интеграцискиот процес кон ЕУ, што дополнително може да биде исклучително силна кочница во процесот.
Николовски најави проверка на потеклото на имотот на функционерите
Вицепремиерот Љупчо Николовски неделава најави системска алатка за следење на парите и капиталот на функционерите. Во однос на тоа како ќе се проверува потеклото на имотот, Николовски вели дека тоа ќе биде процес што ќе потрае.
– Тоа се системски работи што се дојдени на ред во оваа држава да ги одработиме во интерес на граѓаните – рече Николовски, кој ја извршува функцијата вицепремиер задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси.
Тој најави и редефинирање на кодексот за етичко однесување на функционерите во Владата.
– Тој ќе стане поприменлив во согласност со компаративните искуства во светот. Ќе важи максимата нулта толеранција за корупција – истакна Николовски.
Според него, неговата координативна улога, која досега ја немаше во системот, треба да даде видливи резултати во борбата против корупцијата.
– Не сакам да брзаме, па да направиме грешки. Полека, никоја земја не ги остварила овие цели толку брзо – заклучува Николовски.