Законот за употреба на јазиците ја бранува експертската јавноста уште од самите почетоци на неговото појавување, пред една година. Во продолжение следува краток преглед на искажани мислења во врска со овој закон на наши истакнати професори и правници


Законот за јазиците ќе падне на Уставен суд, дури и спикерот Џафери да го потпише указот

Светомир Шкариќ, професор по уставно право

– Многу одредби од Законот за употреба на јазиците, вака како што е напишан, нема да можат да поминат во Уставниот суд, и под услов Уставниот суд да се наоѓа на најниско стручно ниво. Тоа им е јасно и на самите автори на Законот за употреба на јазиците. Уставниот суд голем број од одредбите би укинал, а некои можеби и би ги поништил. Тоа значи дека некои одредби што се во сила да ги елиминира, а и последиците – смета Светомир Шкариќ.

Според универзитетскиот професор по уставно право, Законот за употребата на јазиците, така како што е напишан, тешко дека ќе може да се оформи како законодавен акт, ќе има доста пречки.

– Претседателот на Собранието може да го потпише Законот за употребата на јазиците и да го прати до „Службен весник“, со образложение дека претседателот на Македонија го крши Уставот, а тој како спикер на законодавниот дом е должен да го испрати законот на публикување, бидејќи секој граѓани, вклучувајќи го и Иванов, има обврска да го почитува Уставот. Но и со тоа нема да биде решен проблемот, затоа што тогаш доаѓа најтешката пречка во врска со стапувањето на законот во сила, а тоа е Уставниот суд. Ако законот биде објавен со дефектен указ, Уставниот суд би можел да се изјасни дека таквиот акт не може да го земе во постапка за разгледување, бидејќи не е закон – изјави професорот Шкариќ во едно ТВ- интервју пред една година.


Рамковниот договор и Уставот се целосно поништени

Каролина Ристова-Астеруд, професор на Правниот факултет при УКИМ

– Нема простување, многу добро знаат што прават! И нема бегање веќе! Рамковниот и Уставот се целосно поништени со Законот за употреба на јазиците 2018 (ЗУЈ 2018). Ако и Уставниот суд не се покаже на висината на задачата, тогаш целосно доаѓаме во ситуација на незаконско право, за кое лекот е само активирање на надзаконското право. ЗУЈ 2018 мора да биде бојкотиран и со организирање огромен отпор. Опозицијата не смее со ништо друго да калкулира, освен со одбрана на Уставот и автентичните уставни права на граѓанството што го претставува, па и по етничка основа, па и по основа на етничките колективни права на истото тоа, па и по основа на партија-потписник на рамковниот. Дури, ако сакате така, може и да се каже дека се сменети улогите, сега Македонците ќе треба да се борат за своите права по рамковниот! Оние што се самозалажуваат со релативизациите од типот на потсетувања на минатото силеџиство, упади во парламентаризмот и уставниот поредок на ДПМНЕ – ДУИ, нека престанат, нека прогледаат и нека станат консеквентни, ова со ЗУЈ 2018 е исто, овој пат во организација на СДСМ – ДУИ – пишуваше професорката Каролина Ристова-Астеруд во коментар на социјалните мрежи.


Попис пред Законот за употреба на јазиците

Петар Поповски, професор и научник што работи во Данска

– Пред да се означи Законот за јазици како регресивен или прогресивен, потребна е една досадна, но многу прогресивна операција што ќе ги стави фактите на место: попис. Тие што ја спречуваат се дефинитивно регресивни, џабе сите други приказни. Сметам дека зборувањето на повеќе јазици од мали нозе е богатство и дека комуникацијата на повеќе јазици во едно општество е богатство на тоа општество. Но сметам и дека знаењето е богатство, а пописот е знаење. Ние може колку сакаме да коментираме дека јазикот и пописот немаат врска, но факт е дека постои статистичка бројка над која одредена групација поминува критична маса со која ваквите барања стигнуваат на агенда и, во најпозитивен случај, доведуваат до поотворено општество. Но таа статистичка бројка е клучна и мора да биде над некој праг; во спротивно ќе треба ист закон да се донесе за секој можен јазик. Јас само викам дека таа статистичка бројка треба точно да се утврди – пишуваше Петар Поповски на својот фејсбук- профил.