Фото: Игор Бансколиев

Менувањето на стратегијата за преговори за членство во ЕУ со подготвителна фаза, наместо датум за почеток на преговори, во македонската јавност беше протолкувано како студен туш од ЕУ, залудност на сите направени отстапки со договорите за пријателство со соседите, па дури и како шлаканица за Преспанскиот договор

Големата цел на сите процеси во Македонија, кои се одвиваа од потпишувањето на Преспанскиот договор и резултираа со промена на уставното име на државата, беше најмногу насочена кон добивање реална шанса за евроатлантска перспектива, односно членство на земјава во ЕУ и во НАТО. Во јавноста (а и на референдумот за прифаќање на Преспанскиот договор), се градеше уверувањето дека со прифаќањето и имплементирањето на спогодбата со Грција конечно ќе биде отворен патот за влез во НАТО и барем за добивање датум за почеток на преговори за членство во ЕУ. По минатогодишното различно толкување од власта и опозицијата во Македонија, па и на претставниците на ЕУ, за тоа дали е добиен условен, или неусловен датум за почеток на преговорите, сега Јоханес Хан, еврокомесарот за проширување на ЕУ најавува нова дефиниција на целта што треба да ја постигне Македонија за членство во ЕУ. Тој пред комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент повтори дека очекувањата на Европската комисија се дека во мајскиот извештај ќе препорача отворање преговори со Северна Македонија доколку бидат исполнети поставените услови.

– Во мај ќе ги презентираме извештаите за напредокот за земјите и очекуваме дека врз основа на тоа што ќе го констатираме ќе дадеме препорака за Северна Македонија и Албанија, дека тие треба да влезат во подготвителната фаза на преговорите, посебно по позитивниот развој во Северна Македонија – изјавил Хан пред пратениците.

Прецизирајќи дека со примената на Преспанскиот договор, земјава сега треба да премине на следната фаза од пристапувањето кон Унијата. Но за да ја разбие скептичноста на претставниците од земјите-членки, кои не го поддржуваат проширувањето на ЕУ во овој миг, тој истакнал дека процесите на институционална реформа на Унијата и проширувањето можат да се одвиваат паралелно, бидејќи и двата процеса бараат години за да се реализираат. Би било губење време ако се чека прво на институционалната реформа на ЕУ, бидејќи и онака не се работи за проширување, туку за заокружување на Унијата. Притоа, Хан сепак не го споменал датумот за почеток на преговорите.

Ваквото менување на стратегијата за преговори за членство во ЕУ со подготвителна фаза, наместо датум за почеток на преговори, во македонската јавност беше протолкувано како студен туш од ЕУ, залудност на сите направени отстапки со договорите за пријателство со соседите, па дури и како шлаканица за Преспанскиот договор.

Сепак, претставникот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, смета дека во јуни, земјите-членки на ЕУ ќе одлучат да ги отворат преговорите за членство на Северна Македонија.

– Разбирливо, сите ние сме сега фокусирани на јуни, на состанокот на Советот на ЕУ, со надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе одлучат да ги отворат преговорите за членство на Северна Македонија. Многу е постигнато! Кога ќе се погледне наназад, има голема разлика: земјата што гледаше непријатели во земјите во соседството, сега е пријател со сите нив. Земјата што беше закочена пред две години, сега има функционална демократија, функционален парламент, со опозиција што е вклучена во реформските процеси, во носење на реформските закони. Ние гледаме значителен напредок. Се разбира, секогаш може да се направи и повеќе. Очекуваме до јуни да бидат откриени уште некои делови од извештајот, но со голема надеж го очекувам јуни – изјави Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава.

Но и покрај надежите, Жбогар нагласи дека опстојувањето на СЈО е дел од критериумите за отворање на преговорите во јуни. Односно дека тоа е дел од условите, кои министрите на ЕУ (кога го отворија патот за почеток на преговори) ги поставија минатиот јуни: за реформи и конкретни резултати во правосудниот систем.
– Специјалното јавно обвинителство покажа големи достигнувања, и за нас како ЕУ и за сите земји-членки е важно на СЈО да му се дозволи да ја врши својата работа, и да покаже уште поголеми достигнувања за судските предмети – оцени Жбогар.

Минатата година, иако најголемиот број земји-членки на ЕУ имаа позитивен став за започнување преговори за членство со Македонија, но голема резерва покажаа Холандија, Франција и Данска, кои бараа спроведување на клучните реформи во сферата на правосудството, борбата против корупцијата и безбедносните служби.

Таквата резервираност на важните земји-членки на ЕУ, пак ја активира и скептичноста на македонската јавност во поглед и на годинашниов исход со препораката за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Токму менувањето на вокабуларот на еврокомесарот Хан, од „датум за почеток на преговорите“ во „подготвителна фаза“, ја подгрева таквата скептичност.

– Мислам дека сѐ уште не е донесена конечна одлука во ЕУ како ќе биде решено прашањето со датумот за почеток на преговори за земјава. Резервираноста во Унијата е повеќе во однос на очекувањата дали ќе биде постигнат договор за СЈО меѓу власта и опозицијата. Во таа насока изјавите на Хан ги очекувам повеќе како заштита од процесите што течат во земјава, отколку како најава на неуспех на Преспанскиот договор – смета политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Од друга страна, првичните реакции и перцепција во јавноста на најновите случувања се главно во насока дека државата е повторно оставена на цедило и всушност залудни биле сите промени и отстапки што земјата ги направи со надеж дека ќе се приближи до ЕУ.  

Фото: Дарко Андоновски

ВМРО-ДПМНЕ: За влез во ЕУ треба реформи, а не продажба на националните и државните интереси

Голема е веројатноста Република Македонија да не ги почне преговорите за влез во ЕУ во јуни. Ова вчера го соопшти опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што се наведува дека ваквиот став лично го соопштил и премиерот Зоран Заев на телевизиска дебата, каде што уште еднаш тој сам признал дека ги излажал граѓаните.
– Човекот што ветуваше дека државата ќе ги почне преговорите за ЕУ во јуни, сега вели дека лани во јуни во Брисел не му било кажано дека со сигурност ќе ги почнеме преговорите како држава, туку дека можеби тие ќе бидат почнати ако ги исполниме реформските чекори. Зоран Заев завчера ги потврди тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ од претходно дека за влез во ЕУ се потребни реформи, а не продажба на националните и државните интереси и личниот интерес на картелот на власт – се наведува во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.


СДСМ: Влезот во НАТО ќе го забрза напредокот кон ЕУ

– Извесното членство во НАТО дополнително ќе ги интензивира позитивните движења во економијата. Влезот во НАТО и напредокот во интеграцијата во ЕУ ќе го забрзаат економскиот пораст, економијата ќе стане уште поконкурентна и поатрактивна за инвеститорите, ќе расте бројот на новоотворени работни места, ќе растат платите, а сѐ повеќе пари ќе завршуваат кај граѓаните – информираа од СДСМ.
Од партијата на власт велат дека напредокот во интеграциите, процесот на ратификација на протоколот за пристапување во НАТО и успешните економски политики сериозно ќе ја придвижат економијата, а со тоа и евроинтеграциите на земјата.