Безбедноста е буквално како здравјето. Кога ќе ја изгубите, ќе сфатите колку е скапоцена. На Балканот уште има нерешени прашања. Сакаме тогаш кога ќе се решаваат, Македонија да биде сигурна под чадорот на НАТО, најмоќниот воено-политички сојуз, порача вечерва министерката за одбрана Радмила Шекеринска на граѓанскиот собир „Излези За европска Македонија“ што се одржа во Струмица.
Додаде дека Црна Гора како последна членка на НАТО само за шест месеци има два ипол пати повеќе странски инвестиции во споредба со лани.
– Зарем тоа не е наша обврска, да го направиме тоа и за нашата земја? Затоа немајте дилема: тоа што мора да го сработиме до 30 септември можеби е нашата најважна мисија после независноста. Ако референдумот за независноста во 1991 беше обврска на генерацијата на моите родители, референдумот на 30 септември го чувствувам како обврска на мојата генерација, да помогне, да учествува, да зборува гласно, да не бега од тешките одлуки бидејќи секоја нерешена ситуација станува потешка следната година, истакна Шекеринска.
Го повика граѓаните на 30 септември да и отворат нова шанса на Македонија.
За оние што повикуваат да се остане дома и да не се излезе на референдум, Шекеринска рече дека тоа е неодговорно од нивна страна.
– Никој во овој момент не знае што нудат оние кои ги повикуваат луѓето да останат дома. Тоа што го слушаме како став од опозициската партија, не е став. Тие велат ќе ви го соопштиме ставот на денот на референдумот. Тоа е неодговорно кон оваа земја, кон ова знаме, кон овие луѓе, затоа што не е само важно да кажеш против што си, туку треба да кажеш за што си. Треба да кажеш што ќе се случи, не само после шест месеци, туку после шест години, потенцира Шекеринска на на вечерашниот граѓански собир во Струмица.
Пред присутните зборуваше и градоначалникот на Струмица, кој ги повика граѓаните да излезат да гласаат на 30 септември според сопственото убедување.