На почетокот на својот мандат во Министерството за правда, министерот Бојан Маричиќ најави дека за локалните избори во октомври наредната година е можно да се постигне политичка согласност за отворени советнички листи и да се гласа со преференцијални гласови. Според Маричиќ, тоа е чекор напред кон определбата за отворени кандидатски листи и за една изборна единица. Сепак, министерот за правда, во однос на Изборниот законик и можноста за отворени листи и една изборна единица, истакна дека иако за тоа е потребно апсолутно мнозинство во Собранието, добрата практика укажува дека тој закон треба да биде донесен со консензус
Новиот министер за правда решителен за сериозни системски реформи
и реконструкција на изборниот модел
Потребата за промена на Изборниот законик во насока на воведување на можноста за отворени изборни листи, како и размислувањето за наредната фаза за менување на моделот од шест изборни единици во една, е нешто што веќе подолго време постои како иницијатива во македонскиот политички амбиент. Во претходниот парламентарен состав почнаа и одредени конструктивни дебати „за и против“ во Собранието, по барање од тогашните пратеници од помалите парламентарни партии, но таквиот процес сепак не ефектуира со конкретен резултат за последните парламентарни избори.
Министерот за правда решително најави ветришта на промени во Изборниот законик
На почетокот на својот мандат во Министерството за правда, министерот Бојан Маричиќ најави дека за локалните избори во октомври наредната година е можно да се постигне политичка согласност за отворени советнички листи и да се гласа со преференцијални гласови. Според Маричиќ, тоа е чекор напред кон определбата за отворени кандидатски листи и за една изборна единица. Сепак, министерот за правда, во однос на Изборниот законик и можноста за отворени листи и една изборна единица, истакна дека иако за тоа е потребно апсолутно мнозинство во Собранието, добрата практика укажува дека тој закон треба да биде донесен со консензус.
– Знаете дека и од сегашното мнозинство и од СДСМ особено имаше определба за воспоставување една изборна единици. Сепак, дали ќе се случи тоа, ќе зависи од волјата на преостанатите, бидејќи тоа е системска промена за која треба да има консензус за да може да биде спроведена. Доколку сите партии или партиите со најмногу пратеници во Собранието се согласат за оваа реформа, секако дека ќе ја вградиме – изјави Маричиќ.
Поздравена најавата на министерот за правда како солидна основа за промена на Изборниот законик
Набрзо по изјавата на Маричиќ со свои ставови во врска со можноста за измени на Изборниот законик се јавија неколку релевантни политички чинители, меѓу кои и од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Сметаме дека една изборна единица и отворени изборни листи претставуваат солидна основа за промена на Изборниот законик, како и нашите предлози локалните избори да се одржат во еден изборен круг, за да се заштедат пари на граѓаните, во период на тешки економски кризи, и да се заштеди време во кое ќе се спроведе изборниот процес. Исто така, бараме еднаш засекогаш да се регулира гласањето на дијаспората – изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, кој, сепак, изрази резервираност во однос на конечноста на ставот на министерот Маричиќ, односно неговата партија СДСМ, „со оглед на тоа што во минатото повеќе работи беа договорени во таа насока, па потоа се премислија“.
Партијата Демократски сојуз на Павле Трајанов, која е дел од владејачката коалиција Демократскиот сојуз, ја поздрави иницијативата на министерот за правда за промена на изборниот модел за локалните избори и воведување отворени листи, но наедно оценува дека овој чекор не е доволен за демократизација на политичкиот систем и рамноправни услови за изборен натпревар на сите политички субјекти.
– Демократскиот сојуз смета дека периодот по завршувањето на изборите и формирањето на Владата е вистински момент за промена на изборниот модел и за следните парламентарни избори. Поради тоа предлагаме да се формира работна група составена од пратеници и експерти што во наредните три месеци ќе ги подготви измените на Изборниот законик. Работната група треба да подготви темелна анализа на изборниот модел и да предложи измени што ќе создадат еднакви шанси за изборен натпревар на сите политички партии.
Демократскиот сојуз предлага Македонија да го задржи пропорционалниот модел, но да биде една изборна единица, со отворени листи и без изборен праг. Со овие промени, составот на парламентот ќе биде реален одраз на определбата на граѓаните и ќе се демонтира „еднопартискиот систем“ на владеење, кој овозможува менување на власта само на две доминантни политички партии. Демократскиот сојуз ги повикува сите поголеми и помали политички партии застапени во Собранието да застанат зад идејата за промена на изборниот модел во една изборна единица и отворени листи. Граѓаните заслужуваат нивната политичка волја да биде почитувана и нивниот глас да биде вистински вреднуван и отсликан во највисокиот законодавен дом – се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Да не одат фира многу електорски гласови
Политичките аналитичари сметаат дека брзата иницијатива, па и поддршка што ја добива идејата за една изборна единица и отворени изборни листи, најмногу се должи на „тесната“ разлика на последните парламентарни избори, на кои сите партии, како помалите, така и големите, имаа многу изгубени гласови.
– Таквата загуба на гласовите во трговијата се нарекува фира. Конкретно – на последните парламентарни избори партијата Левица имаше 30.000 гласа, кои доколку имавме модел со една изборна единица, ќе ѝ донесеа на партијата најмалку три пратенички места, а сега има двајца пратеници. Тоа им се случи и на големите партии и затоа сега им е опортуно да зборуваат за една изборна единица. Но, без оглед на опортунизмот, една изборна единица е најсоодветен изборен модел за Македонија, која е премала земја, со два милиона жители, за толку изборни единици. Колку се повеќе изборните единици, толку повеќе гласови одат фира. Најмногу гласови се губат ако за избор на еден пратеник е проектирана една изборна единица. На пример, за избор на 120 пратеници да е проектиран изборен модел со 120 изборни единици. Една изборна единица е најрепрезентативен изборен модел за Македонија, со најмалку дисторзија на волјата на гласачите со изборните резултати – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Во врска со предлозите за отворени изборни листи, Арсовски смета дека тоа ќе придонесе за дополнителна демократизација на партиите, а на гласачите ќе им овозможи да го менуваат редоследот на изборната листа, преку преференцијалните гласови. Сепак, Петар Арсовски предупредува дека истовремено преминување на модел од една изборна единица и отворени листи е комплициран процес, па затоа можеби е добро ако ваквиот променет систем на гласање прво се примени на локалните избори, каде што има помалку кандидати за советничките листи, па реформата може да биде полесна.