Нема алтернативни решенија за членство на соседната земја во НАТО и ЕУ, Договорот од Преспа е единствената и незаменлива можност за двата народи, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас, говорејќи пред членовите на Централниот комитет на СИРИЗА.
– Сакам да истакнам дека овој Договор што го имаме пред нас е единствена и незаменлива можност за двата народи, но и за стабилност на Балканот. Ако нашите соседи го отфрлат овој договор преку процесите кои што се целосно за почитување и предвидени од нивниот Устав, ќе треба да знаат, и морам да го кажам тоа искрено, дека нема да има алтернативни решенија за нивен влез во Европската унија или во други меѓународни организации во кои сакаат да се зачленат или веројатно во одбранбени сојузи и соработки во кои Грција учествува или ќе учествува, рече Ципрас.
Грчкиот премиер, порача дека ако нема промена на уставното име, „Грција нема да дозволи, нема да прифати влез на соседната земја во НАТО, во Европската унија или во друга меѓународна организација или во било кој друг состав на безбедносна соработка со уставно име што ќе биде Република Македонија“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Алексис Ципрас со овие ставови пред Централниот комитет на СИРИЗА, индиректно ги отфрли предлозите на неговиот коалиционен партнер во владата, Панос Каменос кој на средбите во САД, говорел за план Б за безбедносни меѓудржавни договори како алтернатива на Договорот од Преспа.