Доминантна перцепција во јавноста е дека со спроведувањето на обврската за преименување на институциите од Преспанскиот договор, наместо националниот идентитет да биде зацементиран, сега се прават обиди да се зачуваат само неколку „парчиња“ од македонизмот во имињата на неколку институции
Преименувањето на 136 институции во Македонија, во согласност со обврските од Преспанскиот договор што Владата треба да ги спроведе во одреден рок, освен што ја разбрануваа јавноста, директно ги доведе во прашање уверувањата на потписниците дека со овој билатерален договор се зацврстува, дури и се „цементира“ македонскиот идентитет. Одлуката на Владата за преименување на државните и јавните институции финансирани од државниот буџет, донесена по предлог на меѓуресорска владина работна група за спроведување на Преспанскиот договор, е втемелена на три критериуми, според кои секаде каде што во имињата на институциите се споменува зборот „Република Македонија“ се заменува со „Република Северна Македонија“, додека во случаите кога се работи за институција од национален карактер, а во името ја содржи придавката „македонска“, таа е заменета со „национална“. Придавката „македонска“ останува само кај институциите што го идентификуваат македонскиот национален идентитет, како што е случајот со Македонскиот народен театар. Во практиката, примената на овие критериуми за преименување се сведува на речиси целосно губење на употребата на придавката „македонски“, во која е содржано именувањето на идентитетот, на припадноста, за сметка на општиот термин – „национален“. Според списокот објавен од Владата, од 136-те институции, само две-три ја задржуваат придавката „македонски“ (како Македонски народен театар и Музејот на македонската борба), но пред името на институцијата секако ќе биде наведено името – Република Северна Македонија. За името на МАНУ сѐ уште се во тек консултации меѓу Владата и академиците за наоѓање решение во именувањето на академијата со кое би се зачувала идентификацијата на македонскиот национален идентитет, но и би било во согласност со одредбите на Преспанскиот договор. Токму најновите преименувања на институциите предизвикаа и нов бран коментари и реакции во јавноста за поимањето на идентитетот.
– Заев и Димитров секаде зборуваа дека идентитетот е заштитен, а јас не гледам како е заштитен идентитетот, ако „македонско“ или „македонска“ стануваат „национално“ или „национална“. Ова е тотално обезличување и тотално бришење на македонскиот национален идентитет. Значи, тоа го зборувавме и пред референдумот, немаме само промена на име туку целосно национално обезличување што се реализира во овој период – вели Александар Николовски, потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај другите недоумици и прашања што се наметнаа во јавноста е и тоа кој ги одредил критериумите за преименување и дали во процесот била направена консултација со компетентни научни експерти, од историските или правните науки.
– Критериумите за корекцијата во именувањето на 136-те институции ги одреди меѓуресорска работна група на Владата, формирана од генералниот секретаријат на Владата. Таа група е формирана за спроведување на владината одлука за техничка имплементација на конечната спогодба со Грција. Критериумите и решенијата за именувањето на институциите се во согласност со она што е утврдено во Преспанскиот договор, а работната група, составена од претставници на повеќе ресори во Владата, само треба да го спроведе тоа, а не да толкува. Не постои нешто што не е познато во договорот за дополнително да се толкува. Според тоа, во работната група од технички карактер не постои потреба за учество или консултација со научни експерти. Секако, за наоѓање посоодветно решение во именувањето на МАНУ, кое ќе го одразува македонскиот национален идентитет, во тек се консултации со академијата – објаснува портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Во јавноста, пак, доминантна е перцепцијата дека со спроведувањето на оваа обврска за преименување на институциите од Преспанскиот договор, наместо националниот идентитет да биде зацементиран, сега се прават обиди да се зачуваат само неколку „парчиња“ од македонизмот во имињата на неколку институции.
– Со менувањето на имињата на институциите и замената на придавката „македонско“ со „национално“, веќе и практично станува јасно дека македонскиот идентитет воопшто не е зацементиран, туку сосема дерогиран. Самото менување на терминот „македонски“ е дискутабилно и води кон целосно губење на етничкиот предзнак на народот, на државата, преку воведување еден општ безличен термин – „национален“, без да биде одредена припадноста. Тоа е духот на Преспанскиот договор – да се избрише етничкиот предзнак на сѐ во македонската држава. За жал, тој процес не запира тука, со менувањето на името на институциите. Наредната генерација, која ќе учи за Северна Македонија, воопшто нема да биде свесна за етничкиот идентитет – вели историчарот Тодор Чепреганов.
СДСМ се повикува на регистарот на ОН
Македонскиот идентитет е заштитен, доволно е да се погледне личната карта во ОН и сѐ е јасно, промената на имињата на дел од институциите е во согласност со уставните измени. Како што наближуваат претседателските избори, така ВМРО-ДПМНЕ шири сѐ поголеми лаги, во страв и паника од извесниот пораз што го очекува. Промената на имињата на дел од институциите е во согласност со договорот од Преспа, односно уставните измени. Придавката „македонски“ не се брише, тоа е истата стара лага на ВМРО-ДПМНЕ. Идентитетот не само што не е загрозен туку и дополнително е потврден. Доволно е јасно само да се погледне регистарот на Обединетите нации – македонски јазик, македонско итн., соопштуваат од СДСМ.