Точно е дека е планирана дигитализација на учебниците, но оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите! Децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, на училиште, преку задолжителната литература, односно лектирите, како и преку дополнителните, факултативни, препорачани книги од библиотеките… Дополнително, ќе може да научат и да ги користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи, велат нашите соговорници

Модернизацијата на образованието воопшто нема да значи укинување на книгите

Сѐ уште многу дилеми, прашања и недоумици имаат родителите за најавената дигитализација во образованието. Со тој чекор е предвидено од септември годинава да има учебници и материјали за учење во дигитална форма во четврто одделение. Прашањата од родителите се нижат во јавноста, и тоа од вообичаени, со технички карактер, преку здравствени, па до оние прашања што се однесуваат до квалитетот на наставата, наставните содржини и предавањата. Имено, дел од прашањата се дали на клупите ќе има приклучоци за струја за секое дете, дали ако учениците се вратат во училиштата тоа ќе значи дека ќе учат од компјутери, дали и колку тоа ќе им се одрази на здравјето итн.
Во врска со повеќе десетици прашања што до нас во редакцијата ги поставија родителите на учениците, се обративме до надлежните институции, кои во своите одговори отстранија низа дилеми, односно го дополнија дефицитот на квалитетни информации што ѝ се потребни на јавноста за добивање јасна претстава за фактичката состојба и плановите на надлежните. Но, исто така, од добиените одговори беа демантирани повеќе дезинформации што ги вознемируваа засегнатите страни.
На клупите нема потреба да има приклучок за струја, наставата воопшто не е замислено да се одвива на компјутери или таблети. Се дигитализираат учебниците, не целосно наставата. Во училница најважна е интеракцијата помеѓу наставникот и учениците, а наставата ќе се одвива на тој начин како и досега. ИТ-технологијата ќе биде само дополнително помагало во ситуации кога наставните теми го наложуваат тоа – објаснуваат во Министерството за образование и наука (МОН).

За некои родители во ред е дигитализацијата, но според нив, мора паралелно да има и печатени книги за децата да не изгубат контакт со книгите.
Оваа модернизација на образованието воопшто не значи укинување на книгите, децата ќе развијат однос со книгата во пониските одделенија, преку лектирите и на училиште. Дополнително, ќе може да научат и да ги користат интернетот и дигиталните алатки за учење и истражување, не само за играње игри и социјални мрежи. Реформата се воведува етапно. За учениците од прво до трето одделение и натаму ќе се обезбедуваат печатени учебници, бидејќи тоа е период во кој треба да се развие однос на детето кон книгата. За учениците од четврто и погорните одделенија, прва опција ќе бидат дигиталните учебници, имајќи предвид дека кај нив веќе се развиени вештините за примена на ИТ-технологија и на електронски алатки. Лектирите, секако, остануваат во печатена форма, а секојдневно на училиште децата ќе учат и пишуваат од печатени наставни материјали и воопшто нема да го изгубат контактот со книгите. Овој комбиниран пристап практично ќе им овозможи на децата да имаат достапни материјали во дигитален формат, како и да ги користат секаде и во секое време – појаснуваат надлежните од МОН.
Постојат одредени тврдења дека децата нема да памтат и дека потешко ќе им оди учењето од дигитални учебници. Во врска со ова, надлежните велат дека децата пред сé ќе учат на училиште, во директна комуникација со наставниците, а учебниците ќе ги користат за брзо пребарување, потсетување и достапност на материјалот во соодветен формат, како презентации и други мултимедијални содржини. Покрај ова, учениците ќе продолжат да користат печатени материјали на часовите, да пишуваат и да учат од напишаното.
Во МОН велат дека за користење електронски учебници не е потребен интернет. Учебникот се симнува на уредот само еднаш и останува додека корисникот не го отстрани.

Мултимедијалните содржини што ќе бидат составен дел од дигиталните учебници ќе бидат достапни и кога уредот не е поврзан на интернет. Интернет ќе биде потребен кога темата од одреден предмет наложува истражување, разгледување друга мултимедијална содржина и слично и уверени сме дека сите ќе добијат можност да го користат интернетот за такви ситуации, или на часот или во домот – велат оттаму.


Училиштето е должно да обезбеди пристап до учебник!

Една од реакциите беше и тоа дека учениците од семејствата во социјален ризик се доведуваат во нерамноправна положба, затоа што ќе немаат ИТ-уреди на кои ќе бидат внесени дигиталните учебници. За ова, образовните власти објаснуваат дека за учениците што се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците што поради попреченост имаат потреба од уреди или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник.
– Ова го утврдува новиот Закон за учебници, којшто е во собраниска процедура – велат во Министерството.