Во своја авторска анализа за „Нова Македонија“, професорот Игор Јанев се осврнува на Договорот за добрососедство со Бугарија и на Преспанската спогодба со Грција, предупредувајќи на опасностите и ризиците што произлегуваат од овие договори и ѝ се закануваат на Македонија.
Притоа Јанев посочува дека тоа се прави од страна на соседите со политичка цел – да се изврши национална трансформација на нацијата (преку државниот идентитет генериран однадвор) во „северномакедонци“, како измислен нов народ и непостојна и измислена вештачка нација. Измислениот т.н. спор што го наметнува Бугарија треба да резултира со нелегален и понижувачки „компромис“ во којшто, по диктат на посилниот во преговорите, Македонија ќе мора да признае пред целиот свет дека македонската нација е всушност дел од бугарската нација и генерално дел од бугарскиот народ, кој само географски живее на подрачјето на Република Северна Македонија, нагласува Јанев
Се поттикнува самоубиство на нашата земја на јавна сцена
Бугарскиот договор за добрососедство, кој е, преку членот 8, фактички во врска со Преспанската спогодба, има цел да изврши културна асимилацијата на македонскиот народ, кој треба да се изедначи со бугарскиот народ, односно македонската нација треба да се интерпретира како дел од бугарската нација, со географското лоцирање на територијата на сегашна Република Северна Македонија – РСМ.
Средството за изедначување е пред сѐ признавање дека постои идентитетски „спор“ и дека поради ова мора да се пронајде „заеднички прифатливо решение“, кое се сведува, според диктатот на Бугарија, на исти идентитетски „корени“ и поконкретно истата историја и истиот национален јазик и националната култура. Како дел од антиципиран иден договор-компромис, кој треба да содржи „решение на спорот“ во овој т.н. компромис (всушност диктат за ЕУ членството). Македонската страна би требало да прати и една дипломатска нота до ООН, со којашто би прифатила и би прецизирала дека досегашниот јазик на Македонците („македонски“) е „бугарски јазик“, односно дека е само дијалект на „бугарскиот јазик“, и така би било заведено во ОН.
Релевантен одговор на оваа мека специјална војна или хибридна агресија е раскинување на Бугарскиот договор, поради фактот што со него се создаваат „правни основи“ за ирационален и нерешлив (измислен) „спор“, а овој измислен т.н. спор треба да резултира со нелегален и понижувачки „компромис“ во којшто, по диктат на посилниот во преговорите, Македонија ќе мора да признае пред целиот свет дека македонската нација е всушност дел од бугарската нација и генерално дел од бугарскиот народ, кој само географски живее на подрачјето на Република Северна Македонија. Јавно ќе бидеме понижени и обвинети дека, всушност, без прекин/во континуитет сме биле „Бугари“, дека непрекинато/во континуитет „лажно сме се претставувале“ како одделна нација, која „историски не постои“ или е креирана како резултат на политиката на Сталин, СССР, ФНРЈ итн.
Кога се работи за Преспанскиот договор, овој акт е меѓународноправно очигледно нелегална спогодба со којашто однадвор се воспоставува државен идентитет (односно државно и национално име), со очигледна политичка цел преку нелегитимен (без народна согласност) договорен географски назив да се промени оригиналното легитимно име на нацијата. Ова се прави со политичка цел – да се изврши национална трансформација на нацијата (преку државниот идентитет генериран од надвор) во „северномакедонци“, како измислен нов народ и непостојна и измислена вештачка нација.
Основа на оваа метаморфоза е замената на привремената деноминација (БЈРМ) со трајната референца (односно деноминацијата) РСМ. Од фактот што според Договорот повеќе не можат да се употребуваат термини „Македонија“, „Македонци“, „македонско/а/“ и произлегува и правната лимитација на употребата на изведените термини „македонска нација/народ“, „македонска (национална) култура“, „македонски (национален) јазик“, „македонска (национална) историја“ итн. Промената на националното (државно) име од „Република Македонија“ во „Република Северна Македонија“ имплицира промена на номинаторот (содржател и именител) на националниот идентитет, со што овој заеднички содржател, кој ги именува другите категории, влијае врз сите национални детерминатори од националната култура, наука и просвета, до – како што заклучивме на почетокот – името на нацијата (нацијата-држава со својот номинатор) и името на народот (од кое потекнува името на нацијата и државата), кое сега – по модификациите според Преспанскиот акт – мора да има композитна или географска и, пред сѐ, анационална форма. Накусо, сега имаме РСМ како „географски назив“, а не легитимното народно и национално име, од коешто по природен пат е генерирано државното име (името на нацијата-држава).
Со промената на државното име како национален идентитет се врши повреда на основните jus cogens норми на меѓународното право, а пред сѐ принципите и нормите на самоопределување и државен суверенитет, како и круцијалното правило на немешање во внатрешните работи на друга држава-членка на ООН. Покрај ова, во ООН се врши дискриминацијата при претставувањето, пред сѐ поради правните ограничувања во македонското претставување, со лимитации во однос на другите членки на ОН. Понатаму, оваа држава се откажува и од малцинствата во соседството и генерално во светот, што имплицира и дека овој народ што живее во РСМ е вештачката творба. На овој начин, Преспанскиот договор преку промена на националниот идентитет, го негира идентитетот на нацијата (како македонска нација) и со ваков акт, надвор од волјата на народот, се доведуваат во прашање основните колективни права на народот, покрај основните суверени права на државата како субјект на меѓународното право.
Со други зборови, со Преспанската спогодба се наметнува една трајна референца (отуѓена од народот и понижувачка за народот), која менува оригинарно име како идентитет на народот и оттаму нема национален (македонски) и народен легитимитет, со што трајно се деградира не само суверената државност туку и правото на нацијата слободно да го одредува својот национален идентитет, кој во сегашните услови е наметнат од надворешен инструмент односно со спогодбата, како политички компромис, а не израз на националната суверена волја (како волја без надворешно влиание). Оттука, поради флагрантното кршење на основните меѓународноправни норми (jus cogens правила/норми), Преспанскиот договор мора дипломатски еднострано да се раскине од страна на некоја следна патриотска влада.
Објаснување на правната врска меѓу ДРЖАВНОТО ИМЕ
(т.е. ДРЖАВЕН ИДЕНТИТЕТ) и името на народот
Повеќепати јас се обидов да објаснам дека erga omnes промена на државното име, не подразбира по автоматизам промена на името на народот, бидејќи таквото правило не постои во меѓународното право. Но меѓународната пракса, надвор од експлицитните правила и принципи, регистрира правен факт (а не и правило) според кој, името на државата го имплицира називот на народот. Се работи само за правен факт, но не и правен принцип.
Меѓутоа, како што изјави и Министерство за правда на РСМ, зборот „Македонија“ со сите свои деривати е резервиран само за Грција од што произлегува ограничување на користењето erga omnes, односно неприменување на сите национални категории, вклучувајќи и на народот, односно неговата национална култура и национален јазик, национална историја итн…
Оттаму, народот (според erga omnes) односно неговото национално име, не смее да се користи или употребува, па така во пракса во сите ситуации Владата користи кованици „наш народ“, „овој народ“ итн., демонстрирајќи ефективна забрана за користење на терминот „Македонија“ (без задолжителен деноминатор/префикс). Од оваа забрана за категоријата „Македонија“ и деривацијата „македонски народ“ (или „македонска нација“), на меѓународен план пред сѐ се остава слобода на сите субјекти кој слободен термин (нов) треба да го употребат, со цел да не се повреди ваквото ограничување и во врска со ова „дигнитетот на Грција“ (која секојпат кога поинаку се употребува терминот Македонија или македонски народ протестира како навредена и повредена страна), при што првиот слободен термин е „северномакедонци“ од фактот што самата држава е според Уставот „Република Северна Македонија“, во ОН постои резервацијата за „македонци“ само за Грција.
Оттаму, за државите и сите други јавни работници е поедноставно да креираат и признаат термин „северномакедонци“, кога веќе постоела „правна причина“ да се склучи „меѓународен договор“ (што имплицира вина на македонската страна дека до тој момент нелегално или лажно се претставувала, па така МОРАЛА ДА ГО СМЕНИ СВОЈОТ ДРЖАВЕН ИДЕНТИТЕТ) односно самата држава решила името на државата да НЕ БИДЕ „Република Македонија“. Овој факт, на сите надворешни субјекти им дава право да користат „погодна кованица“ што се сведува на „северномакедонци“, како необврзувачка пракса според која, од името на државата потекнува името на народот.
Од политичката гледна точка, се гледа дека:
1. Грција сфати дека самото име на народот, со време (по одреден период) од сите надвор од државата, ќе биде „признаено“ како „северномакедонци“, бидејќи друг алтернативен термин не постои, при што во овој процес прво ќе се направи пракса кај интелектуалци, новинари и политичари, а потоа и кај сите други субјекти и фактори.
2. Во процесот ќе влезе и Бугарија, која со текот на времето ќе го изедначи терминот „северномакедонци“ со БУГАРИ, па така сите надвор од Македонија за нашиот народ ќе го користат и терминот Бугари, посебно ако успее акција од македонскиот јазик да се направи БУГАРСКИ ЈАЗИК, односно од македонската национална историја да се направи „бугарската историја“.
3. На овој начин, со текот на времето, терминот „северномакедонци“ би станал прифатлив и за домашната популација, имајќи предвид дека алтернативно „решение би било бугарскиот народ“.
Заклучок
Кусо, со Преспанскиот договор веќе е извршена трансформација од Македонци во „северномакедонци“, при што одредница за државјанството според овој Договор се користи само за потребите на „лични документи“. Поентата е што целата домашна јавност, па ни правната јавност и струка, не разбира едноставен факт: Ние со договорот и со новото име РСМ веќе сме „северномакедонци“.
проф. д-р Игор Јанев