Спогодбата со Грција е историско решение и сега е моментот кога треба да се донесе вистинската одлука затоа што во спротивно вашата земја може повторно да биде закочена на одреден начин, порача специјалниот претставник на германското МНР за Југоисточна Европа и Турција Кристијан Хелбах, кој попладнево присуствува на тркалезната маса „Евроатлантска иднина за Македонија?”.
– Вашата земја има евроатлантска перспектива. За жал, вашата европска интеграција предолго време беше закочена поради проблемот со името. Ова прашање трае многу подолго и тоа не само што ја врати вашата земја назад, туку беше многу болна и за нас. Кај нас постои интерес за приближување на вашата земја кон ЕУ и НАТО и тоа не само на вашата земја, туку и на целиот Западен Балкан и тој интерес е пред се од безбедносен аспект, истакна Хелбах.
Затоа, додаде тој, среќни сме, можам да кажам и воодушевени, од тоа што на вашата Влада и успеа да го реши спорот со Грција. – Ова е најдобрата вест што ја добивме во последните години од Западен Балкан и за нас е многу значајно оваа спогодба, која беше постигната, да биде спроведена, рече Хелбах.
Апелираше до сите граѓани и до политичките партии да не застанат на патот на земјата и да ја поддржат шансата којашто им се нуди.
– Вие за нас ќе останете Македонци, ќе зборувате на македонски јазик и сето тоа е загарантирано во договорот што беше постигнат. Сакаме да ве видиме и вие сте дел од Европа, порача Хелбах.
Германецот потенцираше не постои план Б и оти мора да се искористи шансата што постои и да се донесе вистинската одлука, додавајќи дека ЕУ не чека со отворени врати.
Прашан за неизјаснувањето на најголемата опозициона партија за референдумот, Хелбах рече дека не сака да се меша во внатрешните работи на земјата, но оти е многу важно сите да се вклучат во референдумот. Најави дека во следниот период Македонија ќе ја посетат германската канцеларка Ангела Меркел, како и министерката за одбрана, министерот за надворешни работи и државниот министер за ЕУ.