Премиерот, Зоран Заев денеска се сретна со претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен која дојде во еднодневна работна посета на нашата земја.
На прес-конференцијата одржана во завршницата на агендата, Заев истакна дека Македонија останува силно посветена на својот пат кон ЕУ.
– Ние ги направивме сите потребни чекори и реформи и ќе ги направиме и дополнителните прифатливи за деблокирање на проширувањето на ЕУ. Се надеваме дека и земјите членки на ЕУ ќе ја реализираат декларацијата од Брдо-Крањ на словенечкото претседателство дека остануваат на заложбата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан – истакна премиерот Заев.
Фон дер Лејен, пак, искажа пофални зборови за напорите што ги направила Македонија за реформите поврзани со ЕУ.
– Направивте извонреден напредок и донесовте храбри одлуки. Вие испорачавте и сега ЕУ треба да испорача. Иднината на Северна Македонија ќе биде европска. Европската комисија цврсто стои на оваа определба – нагласи претседателката на Европска комисија на прес-конференцијата со којашто ја заврши нејзината еднодневна работна посета на нашата земја.
Претходно попладнево, Заев и Фон дер Лаен го посетија Младинскиот културен центар во Скопје, кој е реновиран со средства од Европската унија и ја разгледаа изложбата за придобивките од Младинската гаранција, проект кој во Македонија се спроведува како единствена земја надвор од ЕУ и со која беа опфатени 60.000 млади лица со цел да се намали невработеноста кај оваа популација.
Како што информираат од владината прес-служба, за време на посетата, претседателката на Европската комисија ја најавила испораката на првата транша од 2,6 милиони евра, од вкупно 15 милиони евра, за буџетска поддршка на Македонија во однос на политиките за младинско образование и вработување.