Македонската и европската страна оваа недела ги усогласуваат календарите за почетокот на скринингот на македонското законодавство, што е прв и основен чекор пред почетокот на преговори со ЕУ.
Потоа се очекува на 17 јули еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан да отпатува во Скопје каде што официјално премиерот Зоран Заев ќе го најави стартот на процесот.
Скринингот е процес на скенирање на законодавството на земјата кандидат и проценување на степенот на подготвеност и усогласеност со европското законодавство, попознато како „acquis communautaire“ (аки коминотер) во европскиот жаргон.
Скринингот е техничка работа и се состои од средби помеѓу двете страни каде европската делегација го презентира „аки коминотерот“ на ЕУ за секое од 35-те поглавја, додека македонската го презентираат степенот на усогласување на домашното законодавство, напредокот и она што останува да се направи.
– Европската комисија (ЕК) ќе продолжи со својата силна заложба да ја придружува ПЈРМ во нејзините реформски напори во подготвување на стартот на преговори во јуни 2019, во овој контекст започнуваме со потребната подготвителна работа. Тоа вклучува аналитичен преглед на аки коминотерот, како и подготовката на преговарачката рамка – изјави за МИА портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчиќ.
Извори во Европската комисија за МИА дообјаснуваат дека станува збор за детален процес, што го води ЕК за да ја подготви земјата за преговорите со ЕУ.
– Скринингот и овозможува на земјата кандидат да се запознае дополнително со аки коминотерот на ЕУ, а на ЕК и овозможува да го процени степенот на подготвеност на земјата кандидат и плановите за усогласување со аки коминотерот на ЕУ, велат извори на МИА во ЕК.
Процесот обично трае повеќе од една година и поставува солидна база на информации врз кои земјите членки на ЕУ потоа ќе ги носат своите одлуки во процесот на преговори со Македонија, велат од ЕК. Секое поглавје се однесува на одредена европска политика, од животна средина до интелектуалната сопственост, земјоделството или пак транспортот.
Во текот на овој процес, Европската Комисија планира да се фокусира пред сѐ на поглавјата 23 и 24, односно правосудството и правдата, јави дописничката на МИА во Брисел.
Ова се и првите поглавја кои ќе бидат отворени идната година, согласно новиот пристап на ЕУ кон земјите кандидати. Имено, по пристапувањето на земјите од Источна Европа беше целосно ревидиран начинот на преговорање со земјите кандидатки поради системските слабости кои до денеска постојат кај „поновите“ земји членки како Полска, Унгарија, Бугарија или Романија.
Од македонска страна се оценува дека започнувањето на скринингот со овие две поглавја е од голема важност и во однос на условите кои и беа поставени на Македонија за датумот на преговори, односно разузнавачките служби и борбата против корупцијата и криминалот.