Според одредени процени, бројот на граѓани без валидни документи е околу 700 лица, додека, според други претпоставки, бројките се многу поголеми и се движат помеѓу 50.000 и 70.000 лица
Додека полека влегуваме во своевидна предизборна атмосфера за предвремените парламентарни избори, најавени за 12 април, во јавноста повторно се актуализира прашањето за фантомите во избирачкиот список, односно лица за кои или нема релевантни податоци по повеќе основи или истите тие се контрадикторни. Колкава е бројката на ваквите лица без документи, дали се тие реално во државата или се иселени или, можеби, не се веќе на овој свет со оглед со информациите во минатото дека имало случаи на избори да гласаат и мртвите. Деновиве дебатата за овој проблем се отвори и во собраниската Комисија за европски прашања, каде што помина предлог-законот за неевидентирани лица во матичната книга на родените. Како што образложи поднесувачката на законот Мебера Камбери, раководителка од секторот во Министерството за труд и социјална политика, станува збор за закон со кој ќе им се решава проблемот на лицата што се неевидентирани во матичната книга на родените, т.н. фантоми, а кои се најдени врз основа на јавен повик и досега нивниот број изнесува околу 700 лица.
– Во државата постојат одредена група лица што не се евидентирани во матичната книга на евиденција, немаат извод на родени, немаат документи за лична идентификација и врз основа на тоа немаат пристап до институциите заради остварување на основните човекови права. Ваквата состојба наложува да се изгради едно преодно решение со кое на оваа маргинализирана категорија на лица ќе им се овозможи обезбедување посебна евиденција во матична книга на родени и идентификациска исправа како појдовна основа за остварување право на образование, социјална заштита, здравствена заштита, остварување право на гласање, но и вработување – истакна Камбери.
Експертската јавност, коментирајќи го новиот предлог-закон за неевидентирани лица во матична книга на родени, вели дека проблемот за кој сега предизборно се бара решение се провлекува низа години за оваа група луѓе. Според нив, и сега како во минатото, многу тешко може да се очекува дека ќе се реши проблемот во пресрет на овие предвремени парламентарни избори. Тие во исто време изразуваат сомнеж и за избирачкиот список, објаснувајќи дека се сомневаат оти списокот за овие избори ќе им обезбеди на сите граѓани да го остварат правото на глас, проблем што меѓу другото настанува токму од неевидентираните лица, а се провлече и на минатите претседателски избори и на референдумот за името.
Професорот Јове Кекеновски смета дека проблемот со лицата без документи и со непрочистениот список ѝ одговара на секоја партија што е на власт, без оглед на која политичка провениенција ѝ припаѓа.
– Мое мислење е дека на секоја влада и на секоја власт им одговара да има одреден број гласови што ќе можат да ги искористат во одреден момент во своја полза за секои избори. Немојте да мислите дека избирачкиот список е исчистен како што уверуваат од власта и институциите на системот. И на минатите и на овие сегашни структури им одговора да има хаос од позиција на власт, да има лица што не се евидентирани и да има проблеми на гласачките места, со што во одреден момент ќе бидат употребени за иста цел, а таа е повеќе гласови на нивното конто – вели Кекеновски.
Професорот додава дека проблемот со лицата без документи, лица фантоми, но и непрочистениот избирачки список се провлекува многу години и, според неговата процена, станува збор за 50 до 70 илјади лица, а не за илјада-две, кои секоја власт ги преметнува на нивното гласачко конто – вели Кекеновски.
Инаку, во изминатиот период ресорните министерства спроведоа акција за евиденција на лица во матичната книга и беа идентификувани неколку клучни проблеми, кои не може да се решат без донесување на новото законско решение, кое е во собраниска процедура. Во рамките на акцијата за евиденција на лица во матичната книга на родените и јавниот повик од страна на мобилните тимови, беа најдени околу 700 лица што не се запишани во матична книга на родените. Во таа конотација за потсетување е и фактот дека Државната изборна комисија (ДИК) на минатите редовни претседателски избори, кои се одржаа годинава во мај, изработи детален оперативен план, во кој беа усвоени најголем број од подзаконски акти што беа потребни за спроведување на изборите. Меѓу еден од актите беше и регулирањето на лицата без документи т.н. фантоми.
Веднаш по тоа, во согласност со Изборниот законик, МВР по денот откако се распишаа изборите до ДИК ги достави податоците на граѓаните, кои потоа беа запишани во избирачкиот список и имаа можност да го исполнат своето уставно загарантирано право на глас. Сега, во пресрет на парламентарните избори, според претпоставките, бројот на лица фантоми, без документи, во Македонија е многу поголем од оној официјалниот што го тврдат институциите, каде што се посочуваат бројки од 600 до 700 лица. Според неофицијалните информации, таа бројка, сепак, е многу поголема, а нивното пронаоѓање сѐ уште оди многу тешко како во изминатите години.