Министерот за надворешни работи Никола Димитров еден час зборуваше за процесот за решавање на спорот со името образложувајќи го постигнатиот договор со Грција речиси член по член пред членовите на собраниската Комисија за европски прашања, која го усвои Предлог-законот за ратификација на договорот.
Во своето обраќање, кое на моменти имаше и лични призвуци поради долгогодишната вклученост во процесот, Димитров кажа дека овие денови се историски за Македонија. Текстот на договорот за него како што кажа е одговорност и патриотизам.
Скратената постапка на Предлог законот за ратификација на договорот за името Димитров е поради тоа што во вторник се одржува Советот за општи работи во Луксембург. – Важно е да направиме се што можеме навреме да ја известиме Грција таа да го извести Советот дека нема забелешки. Јасно е и зошто е европското знаменце, рече министерот посочувајќи и дека на потпишувањето на договорот биле и Могерини и Хан.
Димитров тврдеше дека одлуката да се затвори спорот била донесена без притисок од Западот. Новата политика на одговорност и транспарентност, според него, ја носи Македонија во просперитет, поголема стабилност, безбедност…Решавањето на овој спор, според него, е добар за нашето колективно ментално здравје.
На седницата на Комисијата присуствуваше и вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шеќеринска, амбасадорот на Холандија, други претставници на дипломатскиот кор и ЕУ…
Седницата се одржа без присуство на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која не учествува во работата на Собранието по договорот со Грција за името. На седницата не беше поднесен ниту еден амандман за Предлог законот за ратификација на договорот.
На пленарна седница утре во 11 часот Собранието ќе го ратификува договорот, по што Грција ќе биде известена и ќе треба да го информира Советот на ЕУ. ев/рп / 16:48