Крајно време е ЕУ да биде искрена кон регионот
Крајно време е ЕУ да биде чесна и искрена кон регионот. Ако не сака интеграции и проширување и не е подготвена да му понуди брзо и полноправно членство, тогаш треба да каже кое е тоа ново ниво на здружување (партнерство)… Аргументите што одат во прилог на ваквите размислувања и ангажман на ЕУ во рамките на Западен Балкан се многу едноставни: или Унијата ќе успее да извезува стабилност во своето соседство или, пак, тоа и понатаму ќе остане опасен извор на нестабилност
По насилната дисолуција на Југославија, единствен можен пат кон напредок за шесте земји од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Србија и Косово плус Албанија) беа нивното стабилизирање и асоцирање во ЕУ. Членството во Унијата изгледаше како олицетворение на ветуваниот мир и просперитет и ветени дарежливи субвенции – со други зборови, ветување за подобар живот.
Постојани ветувања, па големи разочарувања
Во пакет со споменатото ветување одеше и она за креирање и моќен стимул за реформи. Така, во 2003 година, европските лидери свечено се заветуваа дека ќе ги направат земјите од Западен Балкан „интегрален дел од Европската Унија“. Но, за жал, сѐ се заврши на тоа ветување за т.н. Западен Балкан. Така, студениот однос во процесот за пристапување доведе до зголемено разочарување во регионот, а со намалените изгледи за членство, темпото на спроведување реформи во балканските држави значително се забави. Ваквиот развој на настаните дополнително се усложни со растечкиот „замор“ на ЕУ во однос на проширувањето, при што на потенцијалните нови членки сѐ повеќе се гледа како на дополнителен товар, наместо како на сеопшта корист.
Многу потези на ЕУ индицираат дека Западен Балкан е напуштен од Унијата
Еден конкретен сигнал на ЕУ е очајно потребен. Со него ќе се поправи оштетениот кредибилитет на ЕУ. На пример, поради избрзаната и непромислена одлука за забрана на медицински извоз во земјите од Балканот во раните денови на пандемијата на ковид-19 се направи голема штета. Иако овој чекор брзо беше повлечен, впечатокот на Западен Балкан дека е напуштен од ЕУ нема да се избрише толку лесно. Особено затоа што повеќе државни раководства побрзаа да ја искористат лошата процена на Унијата; тука е примерот со бучната пропагандна кампања за големината на Кина, откако таа „донира“ неколку авионски тури со медицински материјали и лекови за балканските земји. Во таквиот контекст, дури во една пригода српскиот претседател Александар Вучиќ ѝ испрати отворена порака на ЕУ карактеризирајќи ја европската солидарност како „илузија“. И Русија ја искористи својата шанса во тие околности и со своите потези покажа дека ЕУ е несериозна за Западен Балкан. Згора на тоа, додека траеја овие геополитички шаховски надмудрувања, пандемијата послужи како уште еден добар изговор за назадувањето на балканската демократија.
Понатаму, во последниве четири години, американската страна на равенката не само што остана пасивна туку и се претвори во нем набљудувач. Оттука, изборот на американски претседател што има искуство и интерес за овој регион претставува убава шанса за повторно враќање на здружениот трансатлантски фронт на Западен Балкан. Со заемно координирање, двете страни (американската и европската) многу полесно ќе влијаат за промени во регионот.
Бидејќи Унијата „се затвори“, се размислува за нов вид балкански интеграции
Може да помине долго време додека земјите од Западен Балкан станат подготвени – и уште поважно – додека им биде дозволено да ѝ се придружат на Унијата. Оттука, во отсуство на можноста за полноправно членство, ЕУ сѐ поинтензивно размислува за создавање сосема ново ниво на економско заедништво со регионот. Во практика, ова би требало да значи вклучување во Царинската унија на ЕУ (EUCU), како и поквалитетен пристап до единствениот пазар и буџет на ЕУ. Членството во оваа царинска унија би значело не само отстранување на нетарифните бариери, туку, што е уште поважно, тоа би повлекло со себе усвојување на надворешните европски тарифи. Ова е многу значајно да се истакне, затоа што така би се решил проблемот со високополитизираните царински стапки што некои од балканските држави ги наметнаа едни кон други, а секако со тоа би се поттикнала и меѓурегионалната економска соработка.
Штом ЕУ веќе размислува во тој правец, тогаш треба да размислува и да им овозможи на земјите од регионот поголем пристап до својот буџет, по пат на дополнително развивање на постојната претпристапна помош и зајакнување на капацитетот за доделување заеми. Ова е особено важно кога станува збор за инфраструктурата, и тоа поради две причини. Прво, старата и истрошена балканска инфраструктура е главен фактор за бавниот економски развој во регионот. Паралелно со тоа, инвестирањето во јавната инфраструктура на Западен Балкан не само што ќе го поттикне економскиот развој туку исто така ќе овозможи и негова интеграција во синџирите на снабдување што им припаѓаат на најголемите западноевропски економии.
Аргументите што одат во прилог на ваквите размислувања и ангажман на ЕУ во рамките на Западен Балкан се многу едноставни: или Унијата ќе успее да извезува стабилност во своето соседство или, пак, тоа и понатаму ќе остане опасен извор на нестабилност. Паралелно на ова, промоцијата на владеењето на правото, демократските институции и економските реформи на Балканот не се само обични чекори во процесот на правната пристапна регулатива. Овие мерки попрво би требало да се сметаат како инвестиција насочена кон идната стабилност на Европската Унија. Новиот економски инвестициски план за регионот, вреден девет милијарди евра, е само добар почеток, но за успех ќе биде потребно многу повеќе од тоа. Во законите на природата вакуумот не е пожелен, па ако ЕУ продолжи да ги запоставува земјите од Западен Балкан, други сили – како Русија и Кина – ќе бидат пресреќни да ја пополнат создадената празнина.