Претседателот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов, рече дека очекува поддршка со консензус на иницијативата за промена на Изборниот законик, да има една изборна единица, наместо досегашните шест. Според Трајанов овој модел на избори ќе донесе поголема контрола на Собранието врз извршната власт и ќе стави крај на прелевањето на гласовите на малите партии.
-Сметаме дека е време да се стави крај на монополот на двете политички партии, да бираме попропорционален модел пришто во Парламентот ќе има место и за малите партии. Според нашите анализи од 100 до 150 илјади гласови се губат на помалите партии и ретко која од нив сама успева да влезе во Парламентот. На овој начин ќе се внесе и систем на контрола, одговорност и поинаков начин на носење одлуки. Сега одлуките се носат во големите партии, а не во Собранието како што е пракса во демократските развиени земји. Досега немало покрената одговорност за ниту еден премиер. Политиките се носат централизирано, без здрава дискусија и критика. Овој изборен модел ќе ја смени таа слика и ќе имаме политичка разноликост, а малите партии погласни во напорите да се донесат квалитетни закони во интерес на граѓаните – рече Трајанов.
Тој додаде дека начелно подршка очекува од СДСМ, кои според него треба да си стојат на зборот, затоа што ова иницијатива е нивно изборно ветување.
-СДСМ пред изборите рече дека меѓу првите работи што ќе ги направи е измена на законот за една изборна единица. Сега дали ќе си стојат на зборот и дали им одговара оваа идеја ќе видиме. Иницијативата е поднесена, има анализа изготвена од нашиот тим зошто треба да биде прифатена и очекуваме дискусија – рече тој.
Идеите за три изборни единици, од кои две ќе бидат македонски, една албанска, Трајанов како што рече за ДС се неприфатливи затоа што тој модел ќе донесе федерализација на државата. Доколку помине иницијативата за која треба поддршка од 61 пратеник, Трајанов најави дека партијата има и предлози за поинакво финансирање на партиите и медиумска покриеност на изборите.