Македонија има позитивна историја на толеранција помеѓу припадниците на различните етнички и верски заедници и таквата традиција има силно стабилизирачко влијание, кое му овозможува на општеството да им одолее на сите предизвици иако постојат примери на нетолеранција, најмногу по етничка, политичка и верска основа, за што, според експертите, најмногу придонесува политичката нестабилност во земјава
Колку македонското општество е подготвено да ги прифати различностите, било да се работи за разликите во политичките уверувања, етничката и верската припадност или, пак, за разликите меѓу половите? Честопати ова прашање е ставано на дневен ред во многу дискусии, во многу дебатни емисии во медиумите, особено кога во јавноста ќе се појават случаи на нетолеранција во политиката или, пак, меѓу верските заедници.
Најчесто, најгрда слика на нетолеранција во земјава, според експертите, даваат навивачките групи во спортот, кои не избираат начини како да го навредат или потчинат спротивниот табор. Нивната нетолеранција оди дотаму што противникот се навредува пред сѐ врз основа на етничката или верската припадност. Последен е примерот на скандалот со навивачките групи „Војводи“ и „Балисти“ од Тетово, кои меѓу себе скандираа навредливи етнички пораки. Тука е и случајот на репрезентативците на Македонија од Боксерската федерација, кои одбија да станат на државната химна пред почетокот на натпреварувањето.
Во политиката, пак, постојано се повикува за помирување меѓу политичките партии, на кои тоа, велат експертите, тешко им оди. Сето тоа, според нив, покажува дека во Македонија сѐ уште треба да се работи на издигнување на свеста за толеранцијата на различниот. Токму на денешниот, Светски ден на толеранцијата, 16 ноември, ја поставуваме и дилемата дали и колку нашето општеството знае што е почит, а што е толеранција и колку сите ние придонесуваме за безбеден живот без насилство, омраза, непочитување и понижување.
Али Пајазити, професор по социологија на Универзитетот на Југоисточна Европа, вели дека во Македонија постои природен мултикултурализам, наследен од вековите, но дека лажното братство-единство, моделот на националните држави импониран од модернистичкиот пристап за етникумот, југословенската криза од 1990-тите, генерираа една клима на тензичност, на екстремен национализам, по кој во секое општество треба да има доминус или патер социетатис и другите секундарни и терцијарни елементи, или чиста држава, што, според него, е апсурд.
– Толеранцијата подразбира дух на почит кон другиот, другоста, кон тој што е различен од нас. Колку сме толерантни зборува фактот колку се знаеме меѓу себе, колку комуницираме надвор од шемите автобус, работа, пазар, како и колку сме во состојба да се перципираме како рамноправни. Ако ги имаме Охрид за Македонците и Струга налето како дестинација за Албанците, ако ги броиме членовите на фудбалската репрезентација според етничката припадност, ако Македонија во светот ја претставуваме еднолично, како монорелигиозна, ако гласаме стриктно по етничка линија (освен на последните парламентарни избори), значи дека нешто ни недостига во аспект на апликацијата на концептот на толеранцијата – објаснува професорот Пајазити.
Според него, оваа криза може да ја надминеме преку менување на самоперцепциите, преку менување на политичките естаблишменти што произведуваат психологија на стравот од другиот, преку излегување од нашите пештери, од кои ги гледаме нецелосно нештата.
Александар Спасеновски, професор на Правниот факултет во Скопје, вели дека Македонија има позитивна историја на толеранција помеѓу припадниците на различните етнички и верски заедници.
– Сметам дека таквата традиција има силно стабилизирачко влијание, кое ни овозможува да одолееме како општество на сите предизвици во оваа смисла. Сепак, факт е дека постојат примери не нетолеранција, најмногу по етничка, политичка и верска основа, а за тоа сметам дека најмногу придонесува политичката нестабилност во земјата – истакна Спасеновски.
Според него, колку е поголема политичката тензичност, толку се поголеми размерите на разните облици на нетрпеливост меѓу македонските граѓани.
Светски ден на почитување, прифаќање и уважување
на различностите
Во универзалната дефиниција, напишана од страна на УНЕСКО, толеранцијата претставува почитување, прифаќање и уважување на богатствата од различности во светските култури и таа е форма на изразување и начин да бидеме луѓе. Толеранцијата подразбира волја и способност да се прифати и да се дозволи различноста, било да се работи за разликите во политичките уверувања, верската и расната припадност или, пак, за разликите меѓу половите.
Во 1996 година, со прогласувањето на 16 ноември за Светски ден на толеранцијата, УНЕСКО обрна внимание на голем број меѓународни акти што се однесуваат на човековите права, вклучувајќи ги и конвенциите што ги потпишаа земјите-членки на Обединетите нации: Конвенцијата за граѓански и политички права, Конвенцијата за елиминирање на сите облици на дискриминација на жените, Конвенцијата за спречување на расната дискриминација, Конвенцијата за спречување и казнување на злосторствата од геноцид и други.