Актуализирањето и употребувањето на поимите „македонизам“ и „македонштина“ во изборната кампања од политичките партии со „идеолошки дијаметрално“ спротивни позиции, реактивира повеќе дилеми што допираат до некои суштински принципи на државноста, карактерот на државата, нацијата, вклучувајќи ги и важечките принципи и меѓународноправните правила за државните ентитети, како и за носителите на истите тие. Кои се мотивите, причината и целта за тоа?
Враќање на поимите „македонизам“ и „македонштина“ на голема врата во изборната реторика
И покрај предоминантната позиција на коронавирусот како потконтекст во предизборната кампања на сите политичките партии, од мноштвото пораки, мото, политички поенти, па и флоскули, во реториката се забележува реактивирањето на употребата на термините „македонизам“ и „македонштина“. Овие термини сигнификантно „испливаа на површина“ во реториката на политичарите и од двата македонски блока, но беа забележани и кај помалите политички партии. Она за што добива се впечаток на „индикативност“ заради употребата на споменатите термини во досегашниот дел од кампањата, е тоа што тие сега се употребуваат и од страна на оние политички субјекти што досега ваквата терминологија ја заобиколуваа, а некогаш поединци и пејоративно ја употребуваа. Користењето на термините „македонизам“ и „македонштина“ едно време во јавноста се перципираше како романтичен национализам, односно од времето на создавањето самостојна, независна македонска држава, други – таквата реторика ја перципираа како анахрона и националистичка, несоодветна за држава што има евроатлантски амбиции, трети како битие на суштествувањето на нацијата… Како и да беше, таквата реторика беше напуштена… Сепак, таквата терминологија повторно се појави и тоа го загатна прашањето на што се должи „враќањето во изборна мода“ на овие термини.
„Арматура или фасада“ при употребата на термините и нивното значење
– Забележливата употреба на реториката со зборови како „македонизам“, „македонштина“ во изборната кампања, и кај оние што досега ги избегнуваа, е обид за додворување на гласачите, на бранот на споменувањето на македонскиот јазик во објавата на ЕУ за подготвената преговарачка рамка за Македонија. Во истиот контекст тоа е и обид да се потисне, а по можност и да се создаде заборав кај гласачите, за сето она што е упропастено на планот на македонските национални интереси. Инсистирањето во овој изборен момент на македонизмот во македонскиот политички блок (кој неизбежно се обраќа на македонското мнозинско етничко гласачко тело), може да се гледа и низ призмата на заземање заеднички фронт против идејата што ја пласира ДУИ на овие избори за премиер Албанец. Покрај сево ова, не треба да се заборават и зборовите на бугарскиот политичар Каракачанов, кој по активирањето на договорот за добрососедство со Бугарија, изјави дека е „завршено со македонизмот“. На овие избори е важно, политичките партии (пред сѐ од македонскиот блок, зашто друга е реториката на оние од албанскиот блок) да се легитимираат како доследни борци за националниот идентитет, кој и понатаму е под закана од спроведувањето на соседските договори – вели професорот по филозофија и пратеник во последниот парламентарен состав, Ферид Мухиќ.
Исто или различно толкување и значење на употребуваните термини
Актуализирањето на поимите „македонизам“ и „македонштина“ во изборната кампања од идеолошки дијаметрално спротивни позиции, ја поставува дилемата дали политичките чинители подразбираат исти вредности кога се служат со овие термини.
– Не е тоа чиј било впечаток. Точно е дека овие термини сè повеќе се употребуваат. По сè изгледа дека се курентни (во предизборието) за двете големи македонски партии. Притоа, доаѓа до неукост во употребата на овие поими. СДСМ сметаше дека национализмот и патриотизмот не биле својствени/долични за македонскиот народ, не водејќи сметка дека национализмот не е исто што и шовинизмот – омраза кон сè што не припаѓа на нашата нација. Омразата е својствена за шовинизмот, меѓутоа не и за национализмот, кој е близок до патриотизмот, до љубовта кон татковината, земјата во која сте се родиле, кон нацијата на која ѝ припаѓате. Кажете им на Французинот, на Англичанецот, на Австриецот, на Американецот дека не смеат да ја љубат својата нација и својата татковина и ќе видете на каква реакција ќе наидете. Според тоа, терминот „македонизам“ ќе постои додека постои македонската нација, како што ќе постојат франкофилството, франкофонијата или француското национално чувство додека постои француска нација. И тоа не е анахронизам или антиевропско однесување. Напротив, тоа значи почитување на стварноста. Во случајов, постоењето на нациите – од интелектуално-филозофска позиција – преципира професорот Љубомир Цуцуловски.
Неправедни сме спрема себе кога се напаѓаме за национализам
Во своето согледување на причините за ренесансата на „македонизмот“ и „македонштината“ во македонскиот изборен амбиент, професорите филозофи, го загатнуваат и размислувањето дали вредностите што се подразбираат под овие поими, се навистина спротивни од европските вредности.
– Постои едно големо недоразбирање во нашата, македонска политичка реалност во поглед на некаква спротивставеност на македонските национални вредности (македонизмот) и европските. Неправедни сме спрема себе кога се напаѓаме за национализам и инсистираме на граѓанскиот концепт како европска вредност. Европската Унија воопшто не е граѓанска унија, туку сите држави-членки си останаа национални, т.е. си ги задржаа својот суверенитет, својот јазик и другите национални обележја. Националните движења и понатаму се важен политички фактор во земјите на ЕУ. Во Унијата е задржана традицијата на автохтони народи и тоа е заедница на суверени нации. Македонскиот контекст не е ништо поразличен од европската реалност. Македонскиот национализам, македонизмот е типичен за која било држава со автохтон народ, кој долго време немал своја државност. И тоа е сосема легитимно, македонскиот национализам не е различен од кој било друг европски национализам. Секако, во Македонија сензибилноста за заеднички живот со немнозинските етникуми треба да биде понагласена – вели професорот Мухиќ.