Фото: Игор Бансколиев

Според собраните, синтетизирани и вкрстени податоци до кои дојде нашиот весник, користејќи повеќе домашни и странски извори, се стигнува до фрапантни податоци за количествата на фрлена храна во домаќинствата, земјоделството, прехранбената индустрија, маркетите итн. Колкави се загубите односно вишоците на храна што завршуваат на депонија наместо на трпеза?

АНАЛИЗА: КОЛКУ ХРАНА СЕ ФРЛА ВО МАКЕДОНИЈА

Според најновата анализа на Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации, Македонија се најде на осмото место во светски рамки според количеството фрлена храна по жител. Ваквата анализа на највлијателната светска организација за храна нѐ поттикна да навлеземе подлабоко во темата и да истражиме за што точно станува збор. Како е можно една релативно сиромашна земја како нашата да фрла повеќе храна по жител дури и од многу поголеми и економски посилни држави од нас. Што вели домашната статистика и има ли воопшто таква, какви се бројките, а што мислат експертите, се само дел од прашањата на кои побаравме одговори од релевантни институции и органи.
Според собраните, синтетизирани и вкрстени податоци до кои дојде нашиот весник, користејќи повеќе домашни и странски извори, се стигнува до заклучокот дека, во просек, на годишно ниво во Македонија се фрлаат меѓу 10 илјади и 100 илјади тони храна, чија вредност се проценува во милиони евра. Познавачите на состојбите велат дека оваа храна што завршува на депониите има потенцијал да нахрани меѓу 13 илјади и 26 илјади граѓани со по неколку оброци на ден.

Што велат податоците на „Евростат“

Во изјава за „Нова Македонија“ од „Евростат“, тело на Европската комисија што обезбедува статистички податоци на европско ниво, информираа дека кај нив не постојат опширни и прецизни податоци за Македонија за севкупната состојба со фрлањето на храната во државата.
Сепак, од информациите со кои располага „Евростат“, пресметките се дека во процесот на производство во индустријата за храна, пијалаци и тутун во Македонија на годишно ниво се фрлаат 10.440 тони храна, која завршува во отпад.
Други информации од Министерството за труд и социјална политика, пак, велат дека во нашата земја имаме 12 тони вишок храна, со која може да нахраниме 26 илјади наши сограѓани.

Од нива до трпеза се губи една третина од целата храна

Душко Христов, претседателот на „Банка за храна“, нема прецизно утврдена бројка, но постои апроксимативна процена, базирана на неколку ад хок истражувања (не перманентни мониторинзи), за количествата фрлена храна, како и за загубените количества храна што настанале во процесот „од нива до трпеза“. Сепак, според него, од заклучоците на тие различни истражувања и анализи, се проценува дека една третина од храната се губи во процесот од нивата до трпезата.
– Во Македонија се водиме од некои бројки собрани и добиени повремено, од различни извори, кои не се 100 проценти точни, од кои се стигнува до заклучок дека се појавуваат над 11.000 тони годишно вишок или загуби во храна – вели Христов.
Тој додава дека овој податок треба да се земе со резерва, бидејќи во овој момент вистината за појавените вишоци или загуби во храна може „многу да боли“, а референциите од тоа може да бидат многу длабоки.
– Срамот е голем во однос на одговорот на прашањето зошто се појавил вишок на храна. Непријатно е чувството да се сокрие невниманието при дистрибуцијата на храната и производите што се оштетуваат, да се скрие непрофесионалното ракување, манипулирање со храната на самите продажни места. Кај земјоделците причината е сосема едноставна – да произведат повеќе за да имаат барем мал профит од сработеното. Но има уште една скриена причина што мора да ја лоцираат институциите. Имено, според земјоделските политики и субвенциите што како мерка се востановени од пред 15 и повеќе години, на одредени „земјоделци“ не им е битно што и колку ќе произведат, главно тие да си ги добијат субвенциите, па затоа одредени земјоделски производи се јавуваат како огромен вишок – вели Христов.
Тој објаснува дека, според расположливите и собрани информации од теренот, во просек дневно се фрлаат од три до четири векни леб, два-три килограми овошје и зеленчук (јаболка, зелка, моркови, компири, домати, пиперки итн.) просечно по семејство.
– Натаму, фрламе и сувомесни и млечни производи, а сето тоа во количества од просек над три килограми дневно, или во вредност меѓу 200 и 250 денари. На тој начин доаѓаме до податокот дека ние како домаќинства фрламе околу 900.000 килограми храна годишно, во вкупна вредност од над еден милион евра – вели Христов.
Тој додава дека за вишокот или отпадот во храна од страна на операторите со храна, како на пример производителите, дистрибутерите и трговците, се претпоставува дека бројките се двојно поголеми од домаќинствата.

Најмногу се фрлаат леб и лиснати производи

Во стручна публикација на оваа тема, како дел од проектот на „ВСС ефект“, поддржан од Европската Унија и „Цивика мобилитас“, м-р Александра С. Николова ја опишува сликата за состојбите во Македонија поврзани со вишоците и загубите на храна
Авторката утврдила дека иако не постојат прецизни бројки, во земјава најмогу се фрлаат леб и лиснати производи, на второ место се зеленчукот и овошјето, а на трето место се сувомесните и млечните производи.
Во публикацијата насловена „Фрлање храна, вишок храна“ се истакнува и дека кај нас единствен трошок што го плаќа компанијата при фрлањето на храната е трошокот за такса на јавното претпријатие „Депонија Дрисла“, каде што сето тоа чини нешто над 3.000 денари по тон, како и трошокот за транспорт до депонијата.

Досега никој нема направено детално теренско истражување

Блаже Јосифовски од коалицијата „Ајде Македонија“ вели дека во Македонија нема точни податоци за тоа колку храна секојдневно и годишно се фрла, бидејќи досега никој нема направено такво детално теренско истражување.
– Ние како организација, врз база на податоци и пресметки испратени од странство, направивме свои процени за овие состојби. Имено, од земјоделството кај нас годишно се фрлаат над 100.000 тони храна, а сето се должи на немањето пазари за пласман на производите, лоши практики на земјоделците, немањето капацитети за ладење и соодветно чување на храната – објаснува Јосифовски.
Според него, од страна на граѓаните се фрлаат десетици илјади тони храна секоја година, имајќи предвид дека во просек во Македонија по региони околу 40 проценти од отпадот се од органско потекло, каде што се вбројува и фрлената храна.
Тој објаснува дека истовремено и нема никаква разлика по региони во земјата и нема податоци кој повеќе фрла помеѓу градовите во Македонија.
– Според некои наши процени, во Македонија најмалку 30 проценти од вкупната храна се фрла секој ден. Тоа е огромен процент и само многу мал дел се спасува од страна на нашата мрежа „Сите сити“, каде што во просек со оваа фрлена храна околу 450.000 граѓани би можеле да имаат по еден оброк дневно, бидејќи состојбите со ковид на ова поле ги зголемуваат и загрижувачките информации за бројот на луѓе на кои им е потребна храната – вели Јосифовски.
Според истражувањата на Организацијата за храна и земјоделство, производството на храна е еден од главните придонесувачи за глобалните емисии на јаглерод. Всушност, околу седум проценти од глобалните емисии на јаглерод се директно поврзани со храната што завршува на отпад. Според овие информации, може да се каже дека отпадот од храна е глобален проблем. Денес во Македонија 99,4 отсто од комуналниот отпад се депонира, а се состои од стакло, пластика, хартија и друг вид отпад.
Од вкупните 543.644 тони мешан комунален отпад, 42 отсто или 228.330 тони е биоразградлив отпад, а од него најголемиот дел се состои од храна и отпадоци од храна.


Статистички показатели за фрлена храна годишно

1. Земјоделство 100.000 тони храна
2 Индустријата за производството на храна и пијалаци 10.440 тони отпад
3. Домаќинства 900.000 килограми храна

[email protected]