„Ало, пензионерски прашања“ е само еден од проектите што Сојузот ги подготви во услови на пандемија и вонредна состојба. На посебен телефонски број, во посочените термини, пензионерите ќе можат да се информираат за прашања од социјален, здравствен и социолошки аспект
Пензионерите, како категорија граѓани претставуваат значителна бројка од населението во Македонија (320.000), кои и покрај завршениот работен век, сепак на различни начини партиципираат во општествените процеси и случувања. Пензионерите, секако, не се откажуваат од правото да бидат информирани и активно да придонесуваат и да се справуваат со надминувањето на предизвиците што се наметнуваат во секојдневното живеење. Вообичаените предизвици се чини дека се зголемија и се отворија дополнителни прашања по појавата на коронавирусот, особено со фактот што беше истакнат уште на почетокот на пандемијата, дека токму повозрасните лица припаѓаат на најризичната група.
Како дел од одговорот на овие, пред сѐ, пандемиски предизвици, Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија ги информира пензионерите дека од 4.8.2020 година ќе започне да работи телефонската линија 02 3213 227, работно насловена – „Ало, пензионерски прашања“. Одговорите ќе ги даваат стручни и компетентни лица ангажирани од Сојузот, секој вторник и четврток од 10 до 12 часот. На овој начин, сметаат од Сојузот, се потврдува грижата за пензионерите за да добијат одговори на нивните психолошко-социолошки и здравствени проблеми или да остварат обична комуникација со што ќе се потврди значењето на едно „ало“ и вниманието неопходно за луѓето во третата доба.
– Станува збор за нов проект на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, како одговор на некои потреби и прашања на пензионерите, кои излегоа на виделина во услови на пандемија. Всушност, телефонската линија „Ало, пензионерски прашања“ е само еден од проектите што Сојузот ги подготви во услови на пандемија и вонредна состојба. На овој телефонски број, во посочените термини, пензионерите ќе можат да се информираат за прашања од социјален, здравствен и социолошки аспект, секако, и за работата на Сојузот, а и за работата и условите во старските домови… Целта на оваа телефонска линија е да ѝ олесни и да ѝ помогне на возрасната популација во социјалната интеграција во услови на пандемија – вели Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија.
Покрај телефонската линија за информирање на пензионерите, Сојузот работи и на проект за здравствена заштита на пензионерите што живеат во старските домови, преговарајќи со банките да им ја вршат исплатата на пензиите во домовите, наместо пензионерите да одат до банкомати, зголемувајќи го ризикот да бидат заразени. За активните пензионери, љубители на пишаниот збор, СЗПМ го става на располагање за користење својот фонд на книги, како своевидна бесплатна библиотека. И во услови на пандемија Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, не се откажува од проектот за враќање на ТВ-емисија како некогашната „Трета доба“ посветена на пензионерите, нивните прашања и активности на некоја од националните телевизии. Дури се подготвени и самите да продуцираат таква емисија и да ѝ ја понудат како готов производ на некоја национална телевизија.