Арбен Таравари од Алијансата на Албанците денеска оствари средба со тројцата европратеници кои од најблиску ја пратат Македонија, Иво Вајгл, Едвард Кукан и Кнут Флекенштајн.
Тој за МИА вели дека подобро ќе беше да биде прифатен нивниот предлог за промена на Уставот во делот на јазиците, но дека компромис значи дека двете страни попуштаат.
За да се надминат шпекулациите во јавноста, Таравари објаснува дека нивниот предлог за уставни измени во делот на јазиците ќе им ставеше крај на етничките теми, за да може земјата да премине на други економски и социјални теми, кои им се важни на граѓаните.
Тој вели дека со нивниот предлог всушност на Албанците би им се вратиле правата кои ги имале за време на СФР Југославија.
-Многу подобро ќе беше да се реши во Уставот, да се вгради албанскиот и тогаш нема потреба од закон за јазици, и ќе се користеше албанскиот како што се користел во СФРЈ. Практично Албанците повторно би ги имале правата што ги имале во Југославија. Албанскиот и турскиот беа службени јазици во Југославија, објаснува градоначалникот на Гостивар.
Предлогот на Алијансата не беше прифатен, но, вели Таравари, „ќе биде оставен за некое подобро време“.
Што се однесува до другите три барања на неговата партија, тој смета дека тие се сосема прифатливи и не создаваат никакви проблеми за етнички македонското население.
Едното барање е во Уставот да се додаде Косово како соседна држава на Македонија покрај Србија, Албанија, Грција и Бугарија. Второто е промена во делот каде се набројуваат граѓаните кои ја составуваат Македонија и ќе стои „граѓаните на Македонија, македонскиот народ и дел од албанскиот народ, дел од турскиот народ, дел од влашкиот народ, итн“, како што објасни премиерот Зоран Заев вчера.
Според Таравари, ова внесува поголема еднаквост помеѓу граѓаните од различни етнички потекла.
-Во Преамбулата практично е рационализирано, да не стојат два пати и да не се чувствува никој како друга категорија на граѓани, сега се граѓани подеднакво исто, подредени по редослед како што се по проценти, вели градоначалникот на Гостивар.
За крај, Алијансата за Албанците понуди и доби да постои можност, по индивидуално барање, во пасошот да стои само „граѓанин на Република Северна Македонија“ без претходниот збор „македонско“.
-Ќе има уставен закон, како за лична карта, некои бараат двојазични, некои еднојазични, така ќе биде и за државјанство. Кога ќе барате лична карта или пасош, или ќе барате нормално како што стои: македонско/граѓанин на Р. Северна Македонија или можете да барате да стои само граѓани на Р.Северна Македонија, објаснува Таравари.
Алијансата за Албанците ќе ги поддржи уставните амандмани оваа недела и вели дека средбата со Заев поминала во конструктивна атмосфера. Тој проценува дека има доволно пратеници за да поминат потребните измени и да се изгласа Преспанскиот Договор од македонска страна.
Останува Договорот да помине и во Грција. Таравари изрази надеж дека нема да има лоши изненадувања во Атина, бидејќи, како што рече, со оглед на состојбата во регионот, посебно во Косово, Србија и Босна и Херцеговина, „сѐ е можно“.
-Ако не помине во Грција, сѐ е под знак прашање, посакувам што побргу да се изгласа во Грција, не би сакал да влезам во такви конспиративни приказни, но со оглед на тоа што се случува во регионот, сѐ е можно. И не е само регионот се работи и за пошироко, рече Арбен Таравари за МИА.